Достапни линкови

Вести

Дигитален конгрес на СДСМ, Заев опозицијата ја нарече опасност за земјата

Зоран Заев.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска го отвори 25. Конгрес на владеачката партија, кој за првпат се одржува дигитално, на далечина со цел заштита на јавното здравје.

Во своето обраќање, претседателот Заев посочи дека со овој Конгрес, кој се однесува на анализа на изборните резултати, социјалдемократите покажуваат одговорност во заштита на јавното здравје.

"Во време кога ние, со целиот свет, се соочуваме со постојана борба против коронавирусот, СДСМ застанува одговорно, да направи пресек на сработеното и да ги дефинира новите стандарди, европските стандарди како задолжителни одредници и репери во своето работење. На овој Конгрес, уште повеќе се демократизираме, продолжуваме да се менуваме, ја зголемуваме отчетноста,за да обезбедиме најдобро за сите граѓани"изјави Заев

Заев, потенцира дека 25.Конгрес е прв конгрес кој доаѓа по изборната победа на СДСМ од позиција на владејачка партија. Тој нагласи дека направени се статутарни измени во партијата, со кои меѓу другото новиот претседател на партијата ќе се бира на внатре партиски избори.

" Непосредно секој член ќе може да гласа и директно да одлучува кој и како ќе ја води партијата. Таквите избори е планирано да се одржат следната пролет кога и истекува мандатот на актуелното раководство. Сакаме да обезбедиме уште поголема демократизација, инклузивност и позитивна трансформација на партијата и на органите на СДСМ", рече Заев.

Како новина на конгресот на партијата беше наведено и тоа дека СДСМ во иднина ќе има од два до четири потпретседатели.

На Денот на ВМРО, протести со автомобили во Скопје и од Скопје до Штип

Заев во обраќањето ја спомена и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја нарече „опасност за нашата земја“, која работи против системот за јавно здравје со тоа што го блокира донесувањето на законските измени.

" Одложуваето на гласањето на измените на Законот за заштита на населението е доказ дека Мицкоски се противи на мерките кои треба да ни го заштитат здравјето со што покажуваат колкава опасност се за нашата земја, овојпат за здравјето на граѓаните, свесно работат на поткопување на јавнниот систем, и како техничка влада и како опозиција во Собранието“,рече Заев

Инаку, ова е првиот дигитален конгрес на една политичка партија во државава.

СДСМ на прв онлајн конгрес

види ги сите денешни вести

Американка протерана од Русија

Илустрација, слика од интернет страницата на невладината организација во Русија

Руските власти и ја одземаа дозволата за престој на американската државјанка и директорка на невладината организација за заштита на човекови права Венеса Коган. Портпаролката на невладината организација Ксенија Бабич изјави дека Коган која живее 11 години во Русија аплицираше за руски паасош, но денеска им пристигнало известување дека барањето е одбиено затоа што „ таа претставува закана за безбедноста на земјата“. На Коган, чиј сопруг и деца се руски државјани, и е наредено да ја напушти Русија во рок од две недели. Невладината организација со која таа раководи, е вклучена во одбрана на човековите права во ситуации поврзани со вооружени конфликти, тортура и родово насилство на територија на поранешниот Советски сојуз. Организацијата ги претставува жртвите во Европскиот суд за човекови права .

Борел: ЕУ не е цела без Западен Балкан

Илустрација, средба на ерменскиот претседател Армен Саркиссин со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел

Шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел денеска изјави дека ЕУ нема да биде цела без Западен Балкан. Тој ги предупреди земјите од регионот дека ќе можат да напредуваат кон членство само ако се обединети во изнаоѓање на заеднички основи. Борел ова го посочи во видео-порака по повод дебата во Надворешнополитичкиот одбор на Европски парламент за ситуацијата во Западен Бакан по 25 години од Дејтонскиот договор.

„По 25 години од потпишувањето на Дејтон, земјите од регионот одлучно се придвижуваат, секоја со својата брзина, кон ЕУ. Помирувањето бара желба, заложби и разбирање. Тоа е порака за БиХ, но и за цел Западен Балкан и за Европа,“ изјави наведе Борел.

Штрукељ: Новите вакцини против Ковид-19 се добри, но да бидеме внимателни

Професорот на Факултетот за фармација при Универзитетот во Љубљана Борут Штрукељ на денешниот Самит Македонија 2025

Новите вакцини против Ковид-19 се многу добри. Сепак , мора да бидеме внимателни изјави денеска професорот на Факултетот за фармација при Универзитетот во Љубљана и член на тимот за развивање на вакцината за Ковид 19, Борут Штрукељ на денешниот Самит Македонија 2025.

Тој во своето обраќање на вториот ден од деветтото издание на Самитот изјави дека новите вакцини се составени од РНК И ДНК молекули, значи само од генетски материјал, па затоа може да се каже дека на некој начин поради тоа се поефикасни и побезбедни. Штрукељ рече дека основното прашање е како ќе развиеме вакцина за толку кратко време, ако земеме предвид дека за тоа реално се потребни три до четири години.

Сепак тој посочи дека се инвестирани билиони евра за најкратката можна процедура, а тоа како што рече, го олесни целокупниот процес.

„Секоја земја, секое Министерство за здравство е одговорно за вакцинацијата и ќе има можност да одбере од најмалку три различни вакцини на пазарот. Светот има повеќе опции. Но, се’ уште е тешко прецизно да се зборува за безбедноста и ефикасноста“, истакна Штрукељ.

Коѕијас: Шовинистички наратив од Бугарија за Северна Македонија

Архивска фотографија - Никос Коѕијас со Зоран Заев, Никола Димитров и Алексис Ципрас на потпишувањето на Преспанскиот договор

Сериозен проблем се создаде во нашиот регион, поради шовинистичкото откопување на македонското прашање од радикалните националисти од Бугарија, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас на почетокот од неговата колумна за „Независната балканска новинска агенција”, пренесува МИА од Атина.

Коѕијас вели дека „станува збор или за јасни радикални десничари како што е актуелниот министер за одбрана и за некои други бугарски политичари што сакаат да ги поддржат нивната предизборна битка и нивните лични стратегии”.

Поранешниот дипломат и сегашен професор по меѓународни односи Коѕијас истакнува дека со Договорот од Преспа, Грција се ослободи од проблемот, а денес „про-турски ориентираните во Бугарија сметаат дека од договорот, загубиле дел од нивниот „шовинистички наратив” и „како втор бељаџија во регионот, поставуваат два нови предуслови за европскиот тек на Северна Македонија”, пренесе МИА.

Вархеји не верува дека Македонија годинава ќе почне преговори со ЕУ

Еврокомесарот Оливер Вархеји и премиерот Зоран Заев

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји предупреди дека се намалуваат шансите Северна Македонија и Албанија оваа година да започнат разговори за пристап со Европската унија (ЕУ), јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел.

„Се уште се надевам, но за жал е сè помалку сигурно дека оваа година можеме да донесеме рамки за преговори. Во таа смисла правиме заеднички напори со германското претседателство со Советот на ЕУ “, рече Вархеји.

Тој зборуваше во комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), каде предупреди дека во отсуство на решение за отворање преговори, „ЕУ ризикува да не биде веродостојна во исполнувањето на ветувањата дадени кога решивме да ги отвориме преговорите со тие земји“.

Во март, ЕУ едногласно го одобри отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, со цел првиот состанок да се одржи во декември оваа година. Сепак, од септември, Бугарија ја блокира одлуката, условувајќи го процесот со решавање на билатералниот спор со официјално Скопје.

Европскиот комесар Оливер Вархеји побара од Северна Македонија да вложи дополнителни напори и „да ги исполни грижите на Бугарија“ со цел да се најде решение што е прифатливо за обете страни. Тој оцени дека станува збор за политичка волја, ангажман и решителност и изрази подготвеност на Европската комисија да помогне да се најде решение.

Последниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ оваа година, каде треба да се одобри отворањето на преговорите, ќе се одржи на 8 декември. Сепак, пред овој состанок, потребно е да се постигне договор меѓу сите земји-членки, со цел да се направат подготовки за состанокот, а потоа да се одржи и меѓувладина конференција, која официјално ги отвора преговорите за членство.

Северна Македонија е земја кандидат за полноправно членство во ЕУ од 2005 година, а во 2009 година доби зелено светло од ЕК за да може да ги отвори пристапните преговори. Цела деценија државата беше блокирана од соседна Грција, што го услови почетокот на овој процес со решавање на спорот за името. Со постигнувањето на Договорот од Преспа во 2018 година, отстранувањето, како што се сметаше во тоа време, беше последната политичка блокада.

Бугарија и Северна Македонија долго време дебатираа за името на македонскиот јазик, а меѓу другото, Бугарија одбива да го користи терминот „македонски јазик“ во официјалните документи на ЕУ, но приговорите на официјална Софија се појавија само оваа есен, кога требаше земјите од ЕУ се согласуваат за рамка за преговори.

Нов Зеланд прогласи вонредна климатска состојба

Илустрација - Муриваи плажата во Нов Зеланд

Новозеландската влада денеска прогласи вонредна климатска состојба во земјата. Декларацијата се темели на истражувањата на Меѓувладин панел за климатски промени за потребите за драстично намалување на глобалните емисии, за да се избегне затоплувањето од 1,5 степени Целзиусови.

„Ова е научна декларација. Оваа декларација е потврда за идните генерации. Потврда за товарот кој ќе го носат ако веднаш нешто не преземеме“ изјави премиерката Џакинда Ардерн во Парламентот.

Нов Зеланд им се придружи на 32 земји, вклучително и Канада, Франција и Велика Британија, кои прогласија вонредна состојба поради климатските промени.

Онлајн седници без џемпери: Кавга на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за амандманите

Дел од амандманите од опозицијата кои ги објави пратеникот Јован Митрески од СДСМ, Скопје 2 декември 2020

Владејачкиот СДСМ денеска ја обвини „опозицијата во Собранието, предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, дека се однесува неодговорно и несериозно во расправата за онлајн седниците на Парламентот поради пандемијата, односно за измените на собранискиот деловник.

„ВМРО-ДПМНЕ и опозициските пратеници по секоја цена се обидуваат од Собранието да направат циркус, место за нивна забава. Никако поинаку не можат да се толкуваат бројните несериозни, безобразни и апсурдни амандмани поднесени на предлог измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието“, изјави денеска Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.

Тој сподели амандмани од пратеници од опозицијата, со кои, според него, се даваат „дрски и несериозни предлози“. Дел од амандманите што Митрески ги објави се потпишани од „Група пратеници“, а дел од Борислав Крмов од Левица.

„Во еден од амандманите се вели дека за време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера. Понатаму, во дел од амандманите се вели, пратениците кои учествуваат во работата од далечина да не смеат да носат облека со обележја на месарници“, вели Митрески.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ дека тоа не се амандмани поднесени од нивните пратеници.

„Ова е срамен обид на СДСМ и нивните пратеници за манипулирање и дефокусирање на јавноста од нивниот насилнички и недемократски метод набрзина да ги изгласаат измените на Деловникот кои поради нивното тенко и нефункционално мнозинство очајно им се потребни“, изјави на денешната прес-конференција заменик - координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Дафина Стојаноска.

Амандамани од пратеници и пратенички групи за измени на деловникот на Собранието што денеска ги објави пратеникот од СДСМ, Јован Митрески
Амандамани од пратеници и пратенички групи за измени на деловникот на Собранието што денеска ги објави пратеникот од СДСМ, Јован Митрески

Боки 13 и татко му отстранети од судница на судењето за „Рекет 2“

Архивска фотографија од едно од рочиштата за „Меѓународен сојуз“

На денешното рочиште за случајот „Рекет 2“, познат и како „Меѓународен сојуз“, судијката Софче Гаврилова-Ефремова, го отстрани од судница првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, по неколку предупредувања дека го нарушува текот на судењето.

Отстранувањето од судницата следеше откако Јовановски ѝ се обрати на судијката „дека ќе ја отстранат и затоа е сервилна“.

Претходно, на денешното рочиште, исто така, заради попречување на презентација на доказите беше отстранет од судница и обвинетиот Миле Јовановски, татко на првообвинетиот Јовановски.

Првообвинет во случајот е Бојан Јовановски и се товари за перење пари и измама. Обвинета е и поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, која се товари за помагање на делото измама, додека Јасна Мандиќ и таткото на Боки-13, Миле Јовановски, и асистенката Христина Блажевска, се обвинети за помагање во делата перење пари и измама. Како правно лице осомничен е „Меѓународниот сојуз“.

Ангелов: Се уште нема потреба за згрижување ковид пациенти во Ибис

Стојанче Ангелов, ЦУК

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција изјави дека во овој момент, нема неопходна потреба за болничко згрижување на пациенти во стара „Систина“, бидејќи состојбата со заразата е стабилна и има места во државните болници во земјата.

Директорот кажа дека се работи на формално-правна техникалија за потпишување на нацрт-договорот на Министерството за здравство и приватните клиники, дека нема да се чека 5 до 12 за да се состанат, и ако се јави итна потреба, за половина час ќе се состане Главниот штаб и сите процедури ќе бидат завршени.

По прогласувањето на кризната состојба на 21 ноември, министерот за здравство Венко Филипче и претставници на трите приватни клиники во земјава се договорија дека објектот на поранешната болница „Систина-Мала Богородица“ да се користи како нов Ковид-центар.

Земјотрес од 3,9 степени со епицентар на 12 километри од Скопје

Илустрација

Земјотрес со јачина од 3,9 степени по Рихтерова скала се почувствува попладнево точно во 14.09 часот, објави светската мрежа за земјотреси, ЕМСЦ.

Епицентарот, според ЕМСЦ, бил на македонско косовската граница, на 12 километри од Скопје и на 82 километри југоисточно од Приштина, на длабочина од 1 километар.

Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, пак, епицентарот на земјотресот бил на 8 километри источно од Скопје, на длабочина од 2 километри.

Шилегов: Спомениците од „Скопје 2014“ да се стават во еден парк

Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска предложи спомениците од „Скопје 2014“ да се дислоцираат во паркот во Ѓорче Петров, кој порано беше дива депонија, и таму да се направи Мементо парк. Според него, со тоа не би се повредиле чувствата на граѓаните кои сакаат да ги гледаат тие споменици.

„Мораме да бидеме внимателни да не предизвикуваме нов револт во општеството. Македонското општество е сериозно поделено и треба да внимаваме со сите чекори и треба да имаме меѓусебна почит независно од тоа дали некому му се допаѓа или не му се допаѓа. Скопје не е град каков што е сега во Центарот. Ниту бил, ниту треба да биде, ниту ќе биде. Меѓутоа, мора да почитуваме дека на некои луѓе тоа им се допаѓа и да им овозможиме тоа да го гледаат. Да не бидеме брутални во отстранувањето туку да имаме еден сосема поинаков, помирувачки општествен процес во таа работа“, рече Шилегов.

Шилегов вели дека таков пример има во Унгарија каде сите споменици и обележја од времето на комунизмот се ставени во еден Мементо парк.

На следната владина седница ќе се одлучува за Недела неработен ден

Владините портпароли Душко Арсовски и Мухамед Хоџа

Предлогот недела да се прогласи за неработен ден следната недела се очекува да се најде на разгледување на владина седница, информираше денеска владиниот портпарол Мухамет Хоџа.

„Министерството за труд и социјална политика е посветено да достави предлог до владата, но како што сте информирани овој оддел е во консултации со приватниот сектор, стопанските комори и другите министерства, очекуваме овие консултации да бидат завршени за брзо време и предлогот неделата да биде неработен ден ќе се најде на владината седница и очекуваме дека тоа ќе се случи следната недела“, рече Хоџа на денешната прес-конференција во Владата.

Предлогот недела да биде неработен ден, кој дојде од дел од синдикатите, а Владата го прифати, наиде на критика кај дел од работодавците. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) вчера објави дека предлага недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.

Македонските учебници по историја тема на утрешната средба на Комисијата

Копретседавачите на Комисијата од двете страни, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев

Содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период ќе биде тема на 11. средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи утре и задутре, објави МИА, повикувајќи се информации од Комисијата.

Според МИА, тема на разговор ќе биде и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, а средбата ќе се одржи онлајн поради состојбата со Ковид-19.

На ден пред дводневната онлајн средбата на Заедничката македонско-бугарска мешовита комисија за историски и образовни прашања копретседавачите од двете страни, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев си разменија не многу оптимистични пораки. Професорот Ѓоргиев во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од изјавата на неговиот колега, бугарскиот копретседавачот Ангел Димитров.

Тој рече дека бугарската позиција е единствена и политички монолитна, за разлика од македонската повикувајќи се на интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС во кое ,според Димитров, има „нов поглед кон минатото“. Бугарскиот историчар кажаното од премиер го доведува во релација со ставовите на македонските историчари.

Се подготвуваме за вакцинација против Ковид-19, вели Филипче

Венко Филипче

Здравствениот систем го подготвуваме за вакцинација за Ковид-19. Ова ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да ја спроведеме, објави денеска министерот за здравство, Венко Филипче на неговите профили на социјалните мрежи и додава дека вакцинирањето ќе го спроведат лекари и медицински сестри кои во овој момент не работат со ковид пациенти.

„Делот на прием, чувањето на вакцините, дистрибуцијата до местата каде ќе бидат аплицирани веќе планот е во завршна фаза, но во текот на следната недела ќе организираме и една вежба на терен како тоа би изгледало“, соопшти министерот.

Македонија ќе обезбеди вакцини против Ковид-19 преку системот Ковакс, а ќе бидат набавени дози за 20 отсто од населението, како и останатите земји во регионот. Станува збор за 400 илјади вакцини или двојно повеќе дози, 800 илјади, бидејќи едно лице ќе треба да прими две дози од вакцината.

Како што денеска објави министерот Филипче, препораката е први да бидат вакцинирани здравствените работници, вработените во војската и полицијата, сите јавни службеници, во јавниот транспорт, хроничните болни сите критични групи согласно мислењето на експертите.

Хонгконшкиот активист Вонг осуден на 13 месеци затвор, по 10 за колегите

Агнес Чоу, Иван Лам и Џошуа Вонг

Познатиот хонгконшки продемократски активист Џошуа Вонг и уште двајца негови колеги се осудени на затворски казни поради минатогодишните антивладини протести. 24-годишниот Вонг е осуден на 13,5 месеци затвор, а неговите колеги Агнес Чоу и Иван Лам на 10 и седум месеци затвор. Вонг стана активист на 13-годишна возраст и веќе е затворан, а бројни весници како „Тајм“ го прогласија за еден од највлијателните луѓе во светот.

„Следните денови ќе бидат тешки, но ние ќе издржиме“, извикал Вонг додека го изнесувале од судницата.

Вонг и активистите Иван Лам (26) и Агнес Чоу (26) на 23 ноември се изјаснија дека се виновни за обвиненијата за организирање, учество и поттикнување на демонстрантите да се приклучат на нелегален протест пред седиштето на полицијата во јуни минатата година. Лам, Чоу и Вонг беа членови на сега распуштената политичка партија Демосисто.

Османи: Ние сме е рамноправен чинител во НАТО

Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и вчера учествуваше на министерскиот состанок на Северно-атлантскиот Совет на НАТО, кој поради рестриктивните мерки наметнати од пандемијата се одржа преку видео врска., информираше денеска македонското Министерство за надворешни работи (МНР).

„Ние остануваме посветени на темите од клучно значење за Алијансата и како најнова членка ќе продолжиме да промовираме атмосфера и политика на регионална стабилност како клучен двигател за безбедноста и просперитетот на сите земји од Западен Балкан“, истакна Османи, во своето прво обраќање пред колегите-министри на земјите-членки.

Османи истакна дека нашиот придонес ќе продолжи преку посветениот ангажман на Република Северна Македонија кон регионалната и глобалната безбедност, со директно учество во воените мисии предводени од Алијансата.

30 нови пациенти во скопските ковид центри

Илустрација - Ковид амбуланта во Скопје

Министерството за здравство денеска информираше дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 30 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 452 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 13 приеми и тројца во ковид центарот на Клиниката за Неврологија, четворица болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, тројца пациенти на Клиниката за нефрологија и исто толку во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 10 нови приеми на пациенти, а седум болни биле примени на Инфективната клиника. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 32 оздравени пациенти.

Гутереш: Природата ни враќа со голема сила и со гнев

Гутереш вели дека сака борбата против климатските промени да ја стави во основата на глобалната мисија на Светската организација

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, му порача на светот дека нашата планета е скршена и предупреди дека „човештвото води самоубиствена војна со природата“.

„Природата секогаш возвраќа и тоа го прави со голема сила и гнев“, изјави Гутереш во интервјуто за Би-Би-Си.

Тој вели дека сака борбата против климатските промени да ја стави во основата на глобалната мисија на Светската организација. Во својот говор за ситуацијата со животната средина на Земјата, Гутереш повтори дека е потребно да се намалат емисиите на штетните гасови за 45 проценти до 2030 година, во споредба со нивото на штетни гасови регистрирано во 2010 година.

Денеска протести на ВМРО - ДПМНЕ во 16 градови

Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата под мотото „Стоп за распродажбата на државните и националните интереси“, Скопје, 1 декември 2020

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе протестира во Скопје и уште во 15 други градови во државата против, како што велат, „распродажбата на државните и националните интереси“. Опозицијата вече една недела протестира, а почна по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое Заев рече дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја“.

„Денес е денот кога сите граѓани на Република Македонија ќе продолжат заедно во битка за одбрана на честа и достоинството на македонската држава. Време е да се каже доста е на понижување и распродажба на државните и национални интереси. Токму затоа сите граѓани заедно сплотени, во масовен број и ќе испратат порака дека Зоран Заев и СДСМ мора да заминат час побрзо бидејќи на Македонија и донесоа само порази и неуспеси“, Стои во партиската најава на протестите.

Протестите во Скопје ќе почнат во 15 пред Владата и Министерството за надворешни работи, а протести ќе се одржат и во Куманово, Македонска Каменица, Пробиштип, Делчево, Пехчево, Берово, Виница, Радовиш, Валандово, Дојран, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид, со почеток од 18 часот.

За 24 часа во Македонија 578 пријави за неносење заштитна маска за лице

Илустрација - Граѓани и полиција со заштитни маски за лице во Скопје

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава регистрирани се 578 прекршувања на мерката за носење лична заштита на лице, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од МВР и денеска апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19. Заштитна опрема за лице е задолжителна и на јавни места на отворено. Казната за непочитување на оваа мерка е 20 евра.

Трамп собра најмалку 150 милиони долари по изборите

Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп, според извештаите на американските медиуми, собра повеќе од 150 милиони долари од денот на изборите за својата кампања и Комитетот за политичка акција. Трамп ги собира парите во текот на ноември, откако постави агресивно информирање за поддржувачите, што се совпаѓа со неговите неосновани тврдења за изборни измами. Трамп собра 170 милиони долари во текот на месецот, бидејќи неговата кампања издаваше итни апели за донации, објави „Њујорк тајмс“ на 30 ноември. „Вашингтон пост“ претходно објави дека износот е најмалку 150 милиони долари. Весниците ги темелат своите извештаи врз изјави на луѓе со познавање на придонесите кои не беа идентификувани.

Трамп рече дека ќе ја напушти функцијата кога победата на Бајден ќе биде официјална

Околу 75 проценти од парите донирани одат во новиот комитет за политичка акција наречен „Спасете ја Америка“, наведуваат весниците. Парите може да се искористат за финансирање на идните политички активности на Трамп. Останатите 25 проценти се насочени кон Републиканскиот национален комитет. Њујорк Тајмс соопшти дека износот на донации е скоро еднаков на износот на пари при кулминацијата на кампањата за изборите на 3 ноември што Трамп ги загуби од својот демократски предизвикувач Џо Бајден. Трамп поднесе низа неосновани тужби и започна други тактики во неуспешен обид да ги поништи изборните резултати. Тој исто така одби да му отстапи на Бајден, кој го започна процесот на транзиција пред неговата инаугурација на 20 јануари.

Парламентот на Црна Гора избира нова влада

Здравко Кривокапиќ

Во Подгорица денеска ќе се одржи парламентарна седница, на која на дневен ред е изборот на 42-та црногорска влада, предложена од мандатарот Здравко Кривокапиќ. Кривокапиќ достави експозе до парламентот во кое, на 51 страница, наведе дека приоритети на идната влада се борбата против корупцијата и криминалот, правдата и еднаквоста, добрососедските односи, обезбедување фер услови на избори, намалување на јавната потрошувачка, создавање јавна доверба и целосна транспарентност во работата на државната администрација.

Србија не го протерува амбасадорот на Црна Гора

Во експозето се наведува дека меѓу приоритетите се и мерките за закрепнување на економијата и поддршка на економијата по пандемијата на коронавирусот. „Владата во заминување примени и го спроведува сценариото на изгорена земја за да ни ја отежне работата уште повеќе, но тоа не нè поколеба и свесни сме дека сегашната криза може да се надмине само преку реформи, фер и домаќинско управување, знаење и постојана работа за зајакнување на економијата и подобрување владеење на правото“, изјави меѓу другото Кривокапиќ. Новата црногорска влада ќе има еден потпретседател, лидерот на УРА, Дритан Абазовиќ и 12 министри.

Маж осомничен за убиство на 26 жени е уапсен во Русија

илустрација

Руските истражители објавија дека уапсиле маж осомничен за убиство на 26 постари жени чии домови ги ограбил во 2011 и 2012 година. Радик Тагиров (38), бравар кој живее во Казан, на околу 800 километри источно од Москва, е уапсен по систематска полициска акција, која извршила повеќе од 1.000 генетски прегледи, се вели во соопштението на Истражниот комитет, главното тело на Русија за криминални истраги. Според истражителите, убиствата биле извршени во 12 региони на Русија. Сепак, биолошките (генетски) траги и отпечатоците од чевли пронајдени на местата на злосторството индицираа дека станува збор за еден убиец, се вели во соопштението. Во последните неколку години имаше неколку судења на сериски убијци во Русија.

Руската полиција казни повеќе од милион луѓе поради прекршување на корона мерките


Поранешниот сибирски полицаец Михаил Попков беше осуден на доживотен затвор за 78 убиства на жени во периодот од 1992 до 2007 година. Тој ги силувал и убивал своите жртви откако им понудувал да се прошетаат ноќе, понекогаш во полициско возило надвор од работното време. Александар Пичушкин, наречен „убиец на шах“ во рускиот печат, беше осуден на доживотен затвор во Москва во 2007 година за 48 убиства, главно меѓу 2002 и 2006 година. Тој призна дека сакал да убие 64 пати, или колку полиња има на шаховската табла.

Унгарски европратеник поднесе оставка по полициската рација на „сексуална забава“ во Брисел

Јозеф Сајер, висок член на владејачката конзервативна партија Фидес на премиерот Виктор Орбан,

Политичарот од унгарската владејачка партија, кој поднесе оставка пред два дена како член на Европскиот парламент, изјави дека бил присутен на домашна забава прекината од бриселската полиција за непочитување на мерките за коронавирусот. Јозеф Сајер, висок член на владејачката конзервативна партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, изјави дека соработува со полицијата.
Полицијата упаднала на забавата во Брисел, што во белгиските вести е опишана како секс забава во која наводно учествувале дипломати и член на Европскиот парламент. „Откако полицијата го побара мојот идентитет - бидејќи немав лична карта на мене - изјавив дека сум европратеник“, додаде Сајер. Во полициското соопштение се вели дека случаен минувач видел човек „како бега“ и чии раце биле крвави. Во соопштението, кое подоцна го идентификуваше мажот како Сајер, се вели дека повредата најверојатно се случила додека тој бегал.

Унгарија и Полска заеднички против ЕУ


Исто така, се наведува дека „во ранецот биле пронајдени наркотици“, но не било наведено каков вид наркотици. Во својата изјава, објавена во унгарските медиуми, 59-годишниот Сајер рече дека не користел дрога односно таблети екстази, кои полицијата ги открила во неговиот ранец, велејќи дека тој „не знаел“ за тоа. „Од моја страна беше неодговорно“, рече тој, посочувајќи дека ќе прифати каква било парична казна. Сајер е член на Европскиот парламент откако Унгарија се приклучи на Европската унија во 2014 година. Тој беше заменик-лидер на Европската народна партија до 2019 година.

Продолжува дводневниот министерски состанок на НАТО

НАТО

Министрите за надворешни работи на НАТО започнаа дводневна видеоконференција главно за идната улога на трансатлантскиот воен сојуз во Авганистан. Пред состанокот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека безбедносниот сојуз се соочува со „тешка дилема“ - дали да го напушти Авганистан и да ризикува повторно да се претвори во безбедно засолниште за меѓународните терористи или да остане и да ризикува подолга мисија со ново насилство.

НАТО наскоро ќе реши дали ќе се повлече од Авганистан

Повеќе од 17 години по преземањето на раководството на меѓународните безбедносни напори во Авганистан, НАТО сега има околу 11.000 војници од десетици земји стационирани во земјата. Повеќето се од Европа и други земји партнери во НАТО. Нивниот сегашен мандат е да помогнат во обука и советување на сопствените сили на Авганистан за национална безбедност. Но, присуството на американските сили, на кои НАТО се потпира за воздушна поддршка, транспорт и логистика, се планира да се намали за 2.000 војници на 2.500 до 15 јануари. Според мировниот договор постигнат меѓу Соединетите држави и талибанците, сите странски трупи треба да го напуштат Авганистан до 1 мај 2021 година, доколку безбедносните услови на земјата дозволат.

НАТО ќе им помага на земјите од Западен Балкан кои не сакаат да му се приклучат

Друго клучно прашање за кое министрите за надворешни работи на НАТО ќе разговараат за време на нивната видеоконференција е руската „воено натрупување околу Алијансата“ и што треба да се стори за да се одговори.
„Русија го модернизира својот нуклеарен арсенал и распоредува повеќе сили во нашето соседство. Исто така, гледаме зголемено присуство на Русија како резултат на кризите во Белорусија и Нагорно Карабах “, изјави Столтенберг.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG