Достапни линкови

Вести

Оливер Вархеји е во самоизолација

Еврокомесарот Оливер Вархеји.

Европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеjи е во самоизолација откако е информиран дека член на неговиот тим има корона вирус .

"Јас сум информиран дека член на мојот тим е позитивен на КОВИД-19. До новите резултати од тестот, членовите на тимот и јас ќе се самоизолираме според упатствата и ќе работиме од далечина. Се чувствувам добро и немам никакви симптоми, а моите тестови минатата недела беа негативни “, твитна Вархели.

Прес-службата на Европската комисија (ЕК) одби да потврди дали членот на кабинетот на Оливер Вархелји, кој е позитивен на КОВИД-19, бил во делегацијата со Европскиот комесар за време на неговата посета на регионот минатата недела. „Се надевам дека ќе разберете, но не сме во можност да обезбедиме информации за службените лица“, рече кратко прес-службата на прашање од Радио Слободна Европа.

Минатата недела, Вархеји ги посети сите земји во регионот и им го предаде годишниот извештај за напредокот на локалните лидери во секоја земја од Западен Балкан.

Вархеји: Во интерес на Северна Македонија и Бугарија е да најдат решение

види ги сите денешни вести

Нова тужба на ЕК против „Астра Зенека“

Вакцината на компанијата „Астра Зенека“.

Европската комисија (ЕК) започна уште една правна постапка против „Астра Зенека“ за да ја принуди компанијата да ги достави сите договорени дози на своите вакцини против ковид-19, соопшти Комисијата.

Според портпаролот на ЕК, со новата постапка се бара „Астра Зенека“ да биде принудена пред јули да испорача уште 90 милиони дози вакцини.

"Ние [Европската комисија] бараме од судиите да ја препознаат итноста на ситуацијата и да наредат испорака на вакцини. Тоа може да се нареди со воведување санкции, но нашата цел е да обезбедиме испорака, а не да дојдеме пари или други казнени мерки", изјави портпаролот на ЕК Стефан Де Кирсмакер.

Тој рече дека целта на оваа нова постапка е да се обезбеди испорака на сите дози договорени при склучување на договорот со „Астра Зенека.“

Според Де Кирсмакер, ЕК сака судот да и наложи на компанијата да испорача 90 милиони дополнителни дози, покрај 30-те милиони кои веќе се доставени во првиот квартал.

Де Кирсмикер прецизираше дека производителот на вакцини против Ковид-19 требало да ги достави овие дози во првиот квартал од оваа година.

Ова е втора тужба против „Астра Зенека“ за еден месец. Во април Комисијата исто така ја тужеше компанијата во белгиските судови за непочитување на договорот за снабдување со вакцини против Ковид-19.

Европската комисија по јуни не ги обнови нарачките за вакцини од „Астра Зенека.“

ЕУ неодамна потпиша нов договор со „Фајзер“ за дополнителни 1,8 милијарди дози вакцини кои ќе пристигнат во ЕУ до 2023 година.

Овој производител се смета за најсигурен партнер за ЕУ.

Украина - Некои НАТО членки се загрижени за провоцирање на Русија

Илустрација - знамиња на НАТО и Украина.

Украина соопшти дека не очекува на самитот на НАТО следниот месец да се донесе Акционен план за членство за земјата, бидејќи некои членки на воената алијанса се загрижени дека таквиот потег ќе ја предизвика Русија.

„Во однос на препреките, за жал, сè уште има неколку земји меѓу сојузниците кои се водени од логиката да не ја провоцираат Русија и веруваат дека седењето и не правењето ништо е најдобриот начин да се држи Русија мирна“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Приклучувањето на Украина во Алијансата, на која жестоко се спротивстави Москва е историски неизбежн, рече Кулеба, додавајќи: „Тоа ќе се случи. Јас сум апсолутно убеден во тоа“.

Акционен план за членство е програма на совет, помош и практична поддршка прилагодена на индивидуалните потреби на земјите кои сакаат да се приклучат во НАТО. Учеството не прејудицира каква било одлука на Алијансата за идно членство“, се вели на веб-страницата на Алијансата.

Коментарите на Кулеба доаѓаат откако Русија на почетокот на оваа година распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина и во Крим, што претставува најголемата мобилизација откако Москва го зазеде украинскиот полуостров во март 2014 година и избувна војна во источна Украина.

Безбедноста и контрола на оружјето теми на самитот на Бајден и Путин

Aмериканскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Американскиот амбасадор за разоружување Роберт Вуд изјави дека подготовките за можна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден се во тек. Двајцата претседатели, според него, се согласиле да ја разгледаат можноста за дискусии за стратешката стабилност, за низа контроли на оружјето и безбедносните проблеми.

„Тие се во фаза на подготовка за овие дискусии“, рече Вуд на прес-конференција во Обединетите нации.

Говорејќи за време на денешната посета на Баку, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги поддржа коментарите на Вуд, велејќи дека Москва предложила да се разговара за контролата на оружјето и безбедносните прашања доколку се одржи билатералниот самит. Тој исто така рече дека Москва сè уште чека на одговори од Вашингтон за деталите за која било предложена средба.

Бајден изјави дека се надева оти ќе се сретне со неговиот руски колега за време на планираното патување во Европа во јуни. Американскиот претседател во април понуди да се состане во трета земја за да разговара за зголемените тензии во врска со проблемите, вклучително и воените закани кон Украина, сајбер нападите, наводно, од руски хакери и третманот на Русија кон затворениот опозициски активист Алексеј Навални.

Бајден во повеќе наврати изјави дека иако ќе биде непопустлив кон Русија за каква било непријателска политика, тој исто така најави дека ќе се обидува да соработува таму каде што двете страни имаат заеднички интереси. Ова вклучува прашања како што се нуклеарното оружје, климатски промени, иранскиот нуклеарен договор, Северна Кореја и поттикнување мир и стабилност во Авганистан.

Во февруари, Русија и Соединетите држави официјално го продолжија договорот за контрола на нуклеарното оружје „Нов СТАРТ“ за уште пет години, само неколку дена пред истекот на истиот.

Заев: Европските лидери разбираат дека македонскиот идентитет не е за преговори

Премиерот Зоран Заев

Се осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, порача премиерот Зоран Заев по посетата на Брисел.


„Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош, сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција, додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Порачавме јасно и гласно и повторивме- тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел, после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина. Ние имаме и гордост и сопствен идентитет. Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка.“, рече Заев.

Тој додава дека земјата многу сработила, испорачала реформи и правда и време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас. Неговата европска агенда, како што наведува, продолжува, од Брисел во Мадрид, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција.

Владата ги олабави мерките, полициски час од полноќ до 4 часот наутро

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Владата на денешната седница донесе одлука за олабавување на рестриктивните мерки. Полициски час ќе започнува на полноќ, а ќе трае до 4 часот наутро. Угостителските објекти во отворените делови ќе може да работат до 23:30 часот. Со работа отпочнунуваат фитнес центрите и вежбалните. Сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор.

Новите мерки ќе важат од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.

Народна банка проектира раст на БДП од 3,9 отсто и инфлација од 2,2 отсто

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска - Бежовска.

Народната банка предвидува раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто годинава и наредната година, а 4 отсто во 2023, во најновите макроекономски проекции. Инфлацијата за годинава е проектирана за 2,2 отсто, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто.

„Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9 отсто што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9 проценти (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 отсто“, информира на денеска на прес-конференција гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска.

Според неа, се очекува растот на БДП да произлезе од домашната побарувачка.
Во врска со идните движења во надворешниот сектор, тие, според Народната банка, укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9 отсто од БДП во 2021 година, што, како што појаснуваат во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината.

Назначена привремена Влада во Бугарија, премиер Стефан Јанев

Членовите на привремената Влада на Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев со декрет назначи привремена Влада, која од утре ќе почне со работа, а вршителот на должноста премиер ќе биде Стефан Јанев, соопшти прес-службата на шефот на државата.

„Привремената влада има многу краток мандат, очекувањата се големи, одговорностите се високи и прашање на рамнотежа е да се најде најдобриот тим за комбинирање на оптимален начин за да се исполни оваа тешка задача“, истакна Радев.

61-годишниот Јанев исто така служеше како заменик-премиер и министер за одбрана во привремената влада на Радев во 2017 година. Главните задачи на привремениот кабинет ќе бидат да обезбедат фер избори и да управуваат со пандемијата на коронавирусот, додека најсиромашната земја-членка на Европската унија се подготвува да потроши милијарди евра од фондот за обновување на блокот.

Потезите на Радев доаѓаат по три неуспешни обиди на најголемите партии во земјата да формираат влада по изборите на 4 април. Десноцентристичката партија ГЕРБ на трикратниот премиер Бојко Борисов го зазема првото место на изборите, но освои само 26 проценти од гласовите.

Радев го потпиша и указот за одржување предвремени избори на 11 јули.
Ова ќе биде шестиот кабинет од падот на комунизмот во Бугарија есента 1989 година и втор за време на претседателството на Радев.

Претходно, дописникот на МИА од Софија јави дека новиот министер за надворешни работи на Бугарија ќе биде амбасадорот на земјата во Данска, Светлан Стоев, кој е искусен дипломат од кариера.

Метнар: Чешка ја поддржува С.Македонија, не ги споделува идеите за позицијата на Бугарија

Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар

Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар на заедничка прес-конференција во Скопје со неговата колешка Радмила Шекеринска денеска изјави дека неговата земја ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија и би сакале процесот да се одвива со побрзо темпо.

„Со оглед на историските последици понудив помош во комуникација и доколку има интерес би можеле да и помогнеме на Северна Македонија со наши искуства. Што се однесува на историските аспекти, Чешка исто така имаше проблеми со тоа. Ние ја поддржуваме Северна Македонија, не ги споделуваме идеите за историската позиција на Бугарија. Посакувам што е можно побрз влез на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што членството во евроатлантските структури ќе обезбеди поширока безбедност на целиот регион“, рече Метнар на новинарско прашање за можното одвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на ЕУ интеграцијата.

Шекеринска пак истакна дека отсуството на политичка влада со целосен капацитет во Бугарија е фактор, кој ќе влијае на процесите. Но, според неа, тоа не треба да влијае на нашиот ангажман за постигнување на целта.

„Ниту Европа, нуту регионот, ниту ние не можеме да чекаме сите избори да поминат. Ние мора да ја работиме нашата задача. Посетата на премиерот и владиниот тим, сите средби кои што ги правиме е да покажеме уште еднаш и да акцентираме дека тоа што требаше да се сработи од наша страна е сработено, дека покажавме огромен капацитет да дискутираме со нашите соседи и да наоѓаме решенија кои се посакувани од двете страни и се можни. Никој не може да се сомнева во нашата намера да создаваме добри меѓусоседски односи и ние тие аргументи ќе ги повторуваме секој ден и во секоја прилика. И се надеваме дека и Бугарија ќе биде подготвена час поскоро да се најде решение и да тргнеме напред“, рече Шекеринска.

Чешка и Словачка, кон крајот на минатата година ги блокираа заклучоците на Советот на ЕУ во однос на проширувањето на Западен Балкан, поради несогласувањето со текстот во нацртот кој се однесуваше на Северна Македонија со референцата за „погрешно толкување на историјата“ и долгата форма на името на земјава, што беше побарано од Бугарија.

Приведен осомничениот напаѓач во Татарстан, Путин нареди засилена контрола на оружјето

Безбедносните сили на местото на нападот во Казан

Властите во руската република Татарстан соопштија дека по пукањето и експлозијата во училиште во главниот град на регионот, Казан во кое загинаа осум лица, рускиот претседател Владимир Путин наредил засилување на контролата на оружјето.

Прес-службата на претседателот на републиката, Рустам Миниханов, соопшти дека еден наставник и седум ученици биле убиени во нападот во училиштето број 175. Министерството за внатрешни работи на републиката додаде дека 21 лице е повредено во инцидентот, меѓу кои и шест деца кои биле однесени на оддели за интензивна нега.

Наставниците и учениците за РСЕ изјавија дека слушнале силна експлозија во зградата пред да слушнат пукотници. Според нив, дел од наставниците побегнале од зградата и некои ученици скокнале од прозорците на третиот кат за да избегаат од местото на настанот. Областа била оградена од органите на прогонот и учениците и наставниците во еден момент биле видени како се евакуираат низ прозорците.

Министерството за внатрешни работи во регионот соопшти дека нападот го извршило 19-годишно лице, кое е приведено. Медиумите го идентификуваа осомничениот како Илназ Галјавиев.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите во Москва дека Путин му изрекол специјална наредба на шефот на Руската национална гарда, Виктор Золотов „да се изготват нови регулативи за видовите оружја што се наменети за цивилна употреба и кое оружје може да биде во посед на граѓани, вклучувајќи ги и видовите на мало оружје што вооружениот напаѓач ги користел“.

"Факт е дека понекогаш, ловечкото оружје се регистрира како мало оружје, кое во некои земји се користи за напад, и така натаму. Ова исто така ќе биде брзо решено од Националната гарда", рече Песков.

Портпаролката на рускиот истражен комитет, Светлана Петренко изјави дека е покренато е кривично дело за нападот. Владата на Татарстан го објави 12 мај како ден на жалост.

Ќучук: Враќање на довербата и зајакнување на соработката меѓу Софија и Скопје

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук.

Бугарскиот европратеник и известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук по средбата со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук објави дека поврзаноста меѓу двете земји е клучот за добрососедските односи.

„Потребна ни е: Агенда заснована врз иднината; Поврзување – инфраструктура, дигитална, образовна и културна; Враќање на довербата и зајакнување на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, наведува Ќучук.

Османи на социјалната мрежа напиша дека Северна Македонија претставува пример во регионот за тоа како се имплементираат европски реформи, но и како се промовираат европските вредности, што било нотирано и во Резолуцијата за земјава од страна на Европскиот парламент.

„Почеток на преговорите со ЕУ ќе значи евалуација на тоа признание како силен поттик за европските перспективи на целиот регион“, пишува Османи.

Заев и Османи во посета на Брисел се сретнаа со првите луѓе на ЕУ и се придружувани од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска.

Репортери без граници со критика за Иран

Репортери без граници. Илустрација.

Репортери без граници го повикува иранскиот парламент да го отфрли предлог-законот кој, според организацијата, „дополнително ќе и помогне на се поранливата слобода на печатот на Иран“ пред претстојните претседателските избори следниот месец.

Надзорната организација за слобода на медиумите со седиште во Париз соопшти дека предложениот закон ќе забрани влез на американски и британски новинари во Иран и ќе им забрани на иранските медиуми да известуваат за што било објавено од американските и британските медиуми.

За прекршувања на предложениот закон ќе се предвидуваат казни затвор од пет до 10 години и парична казна од околу 14 илјади евра.

„Овој предлог закон е смешен и нема никаков легитимитет“ рече Реза Моини, шеф на бирото на организацијата за Иран-Авганистан.

Предложениот закон, поднесен од 41 парламентарец, според организацијата, наведува дека двете забрани се оправдани затоа што американските и британските медиуми и нивните новинари се одговорни за „многу активности против националните интереси и против Исламската република“.

Групата истакна дека меѓународното медиумско известување за претседателската трка во јуни „веројатно нема да му се допадне на режимот затоа што е јасно дека изборниот процес е само завеса за назначувањето на идниот претседател “од врховниот лидер Ајатолахот Али Хамнеи.

Иран е рангиран на 174-то место од 180 земји во Светскиот индекс за слобода на печатот на Репортери без граници во 2021 година.

Заев на средба со Тимерманс за поддршка за почеток на преговорите со ЕУ

Macedonia-Meeting of the prime minister Zoran Zaev and vice president of European commission, Frans Timermans in Brussels

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимерманс изразил благодарност за неговата поддршка за почеток на пристапните разговори со Северна Македонија и додал дека нашата земја, како и Западен Балкан, се дел од иднината на Европската Унија и дека тоа прашање не трпи одлагање.

Тимерманс, како што соопшти владината прес-служба, нагласил дека останува цврсто на неговата лична и институционална заложба за почеток на завршниот дел од процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ. Соговорниците на состанокот, според соопштението, се согласиле дека во овој процес не треба да има одвојување од Албанија, и дека и Северна Македонија ги исполнила сите услови да ги почне преговорите што беше потврдено и во извештаите на ЕК за безусловен старт на преговорите.

Тимерманс како посебен успех на Северна Македонија, како што се наведува, го издвоил лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија што претставува сериозен влог на државата во проектите кои од ЕУ ќе добијат финансиска помош преку Економско инвестицискиот план и ИПА програмата вредна девет милијарди евра грантова помош и дополнителни 20 милијарди поволни кредити за инфраструктурни и други проекти во регионот.

Заев во Брисел е придружуван од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска.

Иран започна со регистрација на претседателските кандидати

Претседателот на Иран, Хасан Рохани

Иран денеска го започна процесот регистрацијата на потенцијалните кандидати за претседателските избори закажани за следниот месец во услови на континуирани високи тензии со западот и неизвесноста околу нарушениот нуклеарен договор на Техеран со светските сили.

Процесот на регистрација ќе трае пет дена, по што пријавените ќе бидат проверени за нивните квалификации од надлежниот совет кој во минатото дисквалификуваше многу умерени кандидати. Советот треба да го објави конечниот список на кандидати до 27 мај, по што ќе започне 20-дневната кампањата пред гласањето на 18 јуни.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани чија влада учествува во разговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, не може да побара реизбор откако оствари два последователни четиригодишни мандати.

Излезноста на гласањето би можела да биде погодена од зголемено незадоволство од порастот на потрошувачките цени и големата невработеност бидејќи иранската економија е сериозно погодена од пандемијата на коронавирус и повторно воведени економски санкции на САД, откако Вашингтон во 2018 година се повлече од нуклеарниот договор, со кој беа укинати меѓународните санкции за Иран во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.

Иран одговори на санкциите на САД со збогатување на ураниум до поголема чистота, складирање повеќе од дозволеното и воведување понапредни центрифуги. Неколку рунди разговори со светските сили во Виена за заживување на нуклеарниот договор допрва треба да постигнат голем напредок.

Досега аплицирани 145.043 дози вакцини во државата

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје на 5 април 2021

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација, според министерството, секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 303.574 граѓани.

Прва доза вакцина вчера примиле 13.076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.033 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 145.043 дози вакцини, од нив 121.181 граѓани се вакцинирани со прва доза, а ревакцинирани се 23.862 граѓани. Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Во изминатите 24 часа, како што наведоа од министерството, во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 412 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 701 и има околу 1000 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, според соопштението, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во експлозија и пукање во училиште во Татарстан загинале најмалку 9 лица

Безбедносните сили во училиштето каде се случила експлозијата и пукањето во Казан

Во пукање и експлозија во училиште во Казан, главниот град на руската Република Татарстан загинале најмалку девет лица, вклучувајќи наставник и осум ученици.

Медиумите јавуваат најпрвин дека се случила експлозијата во училиштето пред најмалку две лица да отворат оган. Еден од напаѓачите, наводно, бил застрелан од полицијата, додека барем уште еден останал во училиштето, држејќи голем број заложници внатре. Некои извештаи велат дека еден напаѓач, опишан како тинејџер, бил приведен.

Областа била опколена од органите на прогонот, а учениците и наставниците евакуирани низ прозорците.Училиштето имало повеќе од 1.000 ученици.

Протести во светот против турското повлекување од Конвенцијата за спречување насилство врз жените

Активистите држат плакати за време на протестот против повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција, меѓународен договор дизајниран за заштита на жените, Истанбул, Турција на 20 март 2021 година.

За денеска се најавени протести низ целиот свет за да се изрази спротивставување на одлуката на Турција да се повлече од Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените. Акциите ги организираат групите за човекови права и главно ќе се одвиваат преку интернет и тоа на 10-годишнината од Истанбулската конвенција, се вели во соопштението на Амнести Интернешнл. „Точно десет години откако беше потпишан, жените зборуваат денес со еден глас и бараат турските власти да ја сменат одлуката со која ќе бидат загрозени безбедноста, па дури и животот на милиони жени и девојчиња“, наведува во соопштението генералниот секретар на Амнести Интернешнал Агнес Каламард.

ЕУ со критики до Турција за повлекувањето од Истанбулската конвенција

Таа рече дека до ова доаѓа по указот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 20 март со кој се поништува ратификувањето на Турција од Истанбулската конвенција. Формално позната како Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, таа наведува дека мажите и жените имаат еднакви права и ги обврзува државните органи да преземат чекори за спречување на родово насилство врз жените, заштита на жртвите и гонење на сторителите.

Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД

дел од главниот американски гасовод Колонијал

Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека Русија има „одредена одговорност“ да се справи со сајбер нападот кој го парализира најголемиот гасовод во САД, иако тој се воздржа од директно обвинување за Кремљ. Бајден рече дека „нема докази“ оти руската влада е вклучена во нападот врз „ Колонијал гасоводот“, но рече дека „има докази“ оти хакерите или софтверот што го користеле се „во Русија“. „Тие имаат одредена одговорност да се справат со ова“, рече Бајден, додавајќи дека тој најверојатно ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин во јуни. Одговарајќи на коментарите на Бајден, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, за новинската агенција ТАСС изјави дека „Русија нема никаква врска со ова“.

Главниот гасовод во САД два дена не работи поради напад на сајбер криминалци

Претходно, ФБИ ја идентификуваше групата која стоеше зад нападот врз гасоводот како криминална банда позната како „ДаркСајд“, хакерска мрежа што се појави минатата година за изнудување пари од жртвите. Сајбер експерти велат дека мрежата може да е со седиште во Русија или поранешните советски држави, каде што локалните безбедносни служби ги толерираат, а понекогаш дури и ги ангажираат овие сајбер криминалци. ДаркСајд во
минатата година започна да ги напаѓа компаниите претежно во Западна Европа, Канада и САД, барајќи откупот да се плати во биткоин. За возврат, ја снабдува компанијата со програма што ќе ги отклучи нејзините компјутерски системи.

Во САД дозволена вакцината на Фајзер за деца од 12 до 15 години

вакцината на Фајзер-Бионтек

Соединетите држави ја одобрија вакцината на Фајзер-Бионтек против ковид-19 за деца постари од 12 години, соопшти Управата за храна и лекови на САД (ФДА). „Ова е важен чекор во борбата против пандемијата, бидејќи овозможува помладата популација да биде заштитена од ковид-19“, изјави Џенет Вудкок, вршител на должноста шеф на ФДА.

ЕУ договорила можна набавка од 1,8 милијарди вакцини на Фајзер

Советникот на Белата куќа, имунологот Ентони Фаучи, на крајот на февруари објави дека децата во САД на возраст под 12 години најверојатно ќе бидат вакцинирани против коронавирусот во почетокот на 2022 година. Досега вакцината беше дозволена за лица над 16 години.

Романија бара од Бајден повеќе НАТО сили на источното крило

претседателите на Полска и на Романија Анджеј Дуда и Клаус Јоханис

Членките на НАТО од Источна Европа се залагаат за поголемо воено присуство на источното крило на блокот, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис по виртуелниот самит на тие држави на кој му се придружи и американскиот претседател Џо Бајден. „Загрижувачката ситуација во Црното Море, за која детално разговаравме, докажа дека мора да бидеме будни“, рече Јоханис во Букурешт. На самитот на „Букурешт Девет“, група европски земји на источниот раб на НАТО, заеднички домаќини беа Јоханис и полскиот претседател Анджеј Дуда, кој лично отпатува за Букурешт.

САД, Канада и Норвешка се приклучуваат на проектот за воена мобилност на ЕУ

До ова доаѓа откако Русија во минатиот месец собра десетици илјади војници на украинските граници и на Крим, што е најголема мобилизација откако Москва го зазеде украинскиот полуостров Крим во 2014 година и започна војната во источна Украина, каде Русија ги поддржува сепаратистите.

Израелски воздушни напади врз Газа, Хамас истрела ракети врз Израел

Израел изврши воздушни напади во Газа

Израел изврши воздушни напади во Газа, а палестинските милитанти лансираа ракети од густо населената енклава во текот на ноќта, во ескалацијата предизвикана од тензиите во Ерусалим. Палестински здравствени власти во Газа известија за 24 смртни случаи, од кои девет деца и над 100 ранети. Израелската војска соопшти дека извршила 130 напади како одговор на околу 200 ракети истрелани од Газа од Хамас и другите милитантни групи. Голем дел од ракетите истрелани од Газа беа пресретнати од израелскиот систем за одбрана „Железна купола“, но шест лица беа ранети во јужниот израелски град Ашкелон откако ракетите погодија две станбени згради.

Продолжуваат насилствата во Ерусалим

До ова дојде по судирите меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција во Ерусалим. Хамас истрела ракети кон Ерусалим рано вечерта на 10 мај, додека Евреите го одбележуваа Денот на Ерусалим, што го означува израелското заземање на источните делови на градот во 1967 година. Претходно, на 10 мај, израелската полиција испука солзавец, шок-рачни бомби и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите кај џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот. Во судирите беа повредени околу 700 Палестинци.

Советот за општи работи на ЕУ ќе расправа за проширувањето на Унијата

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел

Прашањата за проширување на ЕУ и Процесот за стабилизација и асоцијација, кој беше дизајниран за земјите по распадот на Југославија и Албанија, ќе се дискутираат денеска на состанокот на Советот за општи работи. Овој Совет се состои од министри за надворешни работи и министри задолжен за европски прашања. Министрите, исто така, ќе се фокусираат врз состојбата на работата на координацијата на одговорот на ЕУ на ковид-19. Вчера за Западен Балкан разговараа министрите за надворешни работи на ЕУ.

Засилен ангажман на ЕК, но и кусо време за решавање на проблемот со Бугарија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел по состанокот изјави дека со министрите за надворешни работи на ЕУ се согласиле дека не постои намера за одвојување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ процесот. „Имаше согласност во Советот денес дека е потребно забрзување на процесот на реформи поврзани за ЕУ во регионот, сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување кон и немаме намера да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија“, изјави Борел по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

СЗО: индиската варијанта на коронавирус - глобална загриженост

Роднини на пациент кој страда од ковид-19 се расправаат со полицаец за да го примат на одделот за итни случаи во болницата Свето семејство во Њу Делхи, Индија, 1 мај 2021 година.

Светската здравствена организација соопшти дека варијантата Б.1.617 за првпат идентификувана во Индија во минатата година се класифицира како варијанта на глобална загриженост. „Постојат некои достапни информации што сугерираат зголемена преносливост“, изјави Марија Ван Керхове, од СЗО која најави дека денеска ќе бидат соопштени повеќе податоци за индиската варијанта. Индиските инфекции и смртни случаи во понеделникот беа близу до рекордните дневни достигнувања, зголемувајќи ги повиците до владата на премиерот Нарендра Моди да ја заклучи втората најнаселена земја во светот.

Индија - За 24 часа над 400.000 нови ковид случаи и 4.187 починати

СЗО соопшти дека преовладувачката лоза од B.1.617 за прв пат е идентификувана во Индија во декември минатата година, иако претходната верзија беше забележана во октомври 2020 година. Варијантата веќе се прошири во други земји и многу нации се преселија да ги намалат или ограничат движењата од Индија. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус изјави дека Фондацијата на СЗО започнува акција „Заедно за Индија“ за собирање средства за набавка на кислород, лекови и заштитна опрема за здравствените работници.

Владата ќе решава за олабавување на рестриктивните мерки од 12 мај

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Македонската влада на денешната седница треба да решава за предлог-мерките на Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки. Се предлага скратен полициски час, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување на работа на фитнес центрите. Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.

Нови 25 случаи со Ковид-19, 16 починати

Според новите мерки што се предлагаат, полицискиот час ќе трае од 24:00 часот до 05:00 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.

Премиерот Заев во Мадрид

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев во седиштето на ЕУ во Брисел, Белгија, 10 мај 2021 година

Премиерот Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска ќе престојува во Мадрид. Премиерот Заев претходно престојуваше во Брисел каде што имаше разговори со шефицата на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и со други високи претставници на Европската унија и Европскиот парламент. Тој од фон дер Лајен побарал уште поактивно вклучување на Европската комисија во наоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската унија. Како што се наведува во владиното соопштение Заев нагласил дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.

Заев до фон дер Лајен: заштита на идентитетот е европска вредност

На средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји било нагласено дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија. Вархеји, како што е соопштено, изјавил дека неговата цел, како и целта на Европската комисија е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ. Заев по престојот во Мадрид ќе ја заврши европската агенда со работна посета на Атина и со учество на Економскиот форум Делфи, a во Атина Заев ќе има средба со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.

Времето денеска: сончево со мала облачност

Ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен југоисточен ветер. Попладне во планинските подрачја на северозапад ќе има услови за ретка појава на дожд и грмежи. Дневната температура ќе биде од 20 до 29 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 28 степени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG