Достапни линкови

Шахпаска: Во градинките стабилно, позитивните деца веројатно се заразиле дома


Јагода Шахпаска, СДСМ

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска изјави дека состојбата во градинките е стабилна и оти институцијата со која раководи, заедно со Министерството за здравство будно ја следи. Засега 10 деца и 21 вработен во градинките биле позитивни на коронавирусот, а сите се во добра здравствена состојба. Во изолација поради позитивни случаи се 150 деца. Според министерката, позитивните деца не се заразиле во градинка.

„Ние будно ја следиме состојбата зошто градинките беа првите установи за деца кои беа отворени на некој начин тоа беше првиот чекор за нормализација на општеството во период на пандемија. Досега состојбата во градинките е стабилна. Последната информација вели дека од отворањето на градинките досега 10 деца и 21 вработен се регистрирани позитивни и се во добра здравствена состојба. Голем дел од групите кои беа затворени заради некој позитивен случај делумно се вратени со работа. Бројките на изолирани деца поради коронавирусот се 150“, рече министерката Шахпаска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на мал групен дом во Скопје.

Според неа, децата кои биле позитивни, не ја стекнале инфекцијата во градинка.

„Тоа го тврдиме врз основа на податокот дека сите членови на постесните семејства се позитивни. Најверојатно инфекцијата ја донеле од дома“, нагласи Шахпаска.

XS
SM
MD
LG