Достапни линкови

Вести

Нов протест на ВМРО-ДПМНЕ поради поскапената струја

Архивска фотографија од првиот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ информираше дека денеска ќе одржи нов протест против поскапувањето на струјата. Ова е нивни трет протест против одлуката на Регулаторната комисија за покачување на цената за струјата за 7,4 отсто.

Како што информираат од партијата, протестот ќе започне во 18 часот од Спортскиот центар „Јане Сандански“ и со возила ќе одат до седиштето на Регулаторна комисија за енергетика. Ова ќе биде втор автомобилски протест на опозициската партија во последните 30 дена.

Од опозициската партија апелираат на почитување на мерките за заштита од Ковид-19, со носење лична заштитна опрема.

По прашањето за поскапената струја завчера изјава имаше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека во Владата ќе биде разгледана можноста за намалување на ДДВ-то за електричната енергија.

види ги сите денешни вести

Тесла веќе не прима биткоини за плаќање, валутата падна за 10 отсто

Илустрација

Елон Маск соопшти дека неговата автомобилска компанија веќе нема да прима биткоини како средство за плаќање поради загриженост за влијанието врз животната средина при „ископувањето“ на дигиталната валута.

Маск денеска на Твитер напиша дека криптовалутата е добра идеја „на многу нивоа“, но оти може многу да ја чини животната средина.

„Ние сме загрижени поради рапидното зголемување на употребата на фосилни горива за ископување на биткоини и трансакции, особено јаглен, кој има најлоши емисии од кое било гориво“, напиша тој.

За „ископување“ биткоини е потребна голема компјутерска моќ и се троши многу струја.

Властите во некои земји рекоа дека прекинот на снабдување со струја и загадувањето на воздухот се поврзани со „ископување“ биткоини.
Маск ја популаризираше идејата за електрични возила кои треба да ја намалат емисијата на штетни гасови.

Во март, Тесла почна официјално да прима биткоини како платежно средство, со што ја зајакна оваа криптовалута. Компанијата во февруари инвестираше 1,5 милијарди долари во биткоини.

Маск сега вели дека сите планови околу валутата ќе бидат ставени во мирување – засега ниту ќе ги продава, ниту ќе ги користи за купување.
По оваа објава, биткоинот падна за 10 проценти на 50.900 долари.

Се судрија два мали авиони над Денвер, нема повредени

Илустрација: Остатоци од авион

Два мали авиони се судриле за време на лет над Денвер, во американската сојузна држава Колорадо, соопштија локалните власти, наведувајќи дека во инцидентот нема повредени.

Пилотот на авионот Ферчајлд метролајнер успеал да го спушти леталото.
Пилотот и патникот во другиот едномоторен авион безбедно се спуштиле со падобран.

Истрагата за причините за несреќата е во тек.

Италија го казни Гугл поради злоупотреба на доминантната положба

Гугл мапс

Гугл ќе биде казнет со над 100 милиони евра во Италија поради злоупотреба на доминантната положба на пазарот, соопшти денеска италијанското тело за заштита на конкуренцијата.

Казната од 102 милиони евра е образложена со одбивањето на интернет гигантот на својата платформа Гугл плеј да прифати независна апликација која овозможува пронаоѓање страници за полнење електрични автомобили.

„Со оперативниот систем Андроид и продавницата за апликации Гугл плеј, Гугл има доминантна положба. Треба да се има на ум дека во Италија околу три четвртини од паметните телефони користат Андроид“, се наведува во соопштението.

Според италијанскиот регулатор, Гугл не одобрил употреба на апликацијата ЏусПас, која ја развил италијанскиот енергетски гигант Енел.

Таа апликација е конкурент на апликацијата Гугл мапс.

Италијанскиот регулатор исто така му наложи на Гугл да им ги стави на располагање на компанијата Енел Икс Италија и на другите производители на апликации „инструментите за програмирање апликации на Андроид Ауто“.

Прва рамазанска молитва во „Аја Софија“ во Истанбул по 87 години

Аја Софија

Во истанбулската џамија „Аја Софија“ се клања бајрам намаз, првпат по 87 години по повод Рамазанскиот бајрам, јавува Агенција Анадолија (АА).

Од денот на отворањето на „Аја Софија“ за молитви, на 24 јули минатата година, во неа еднаш е клањан бајрам намаз по повод Курбан бајрам.

Верниците денеска, по повод Рамазанскиот бајрам, со почитувањето на мерките, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, го клањаа бајрам намаз, пренесува агенцијата.

„Аја Софија“ служеше како црква до 916 години сѐ до освојувањето на Истанбул, како џамија од 1453 до 1934 година и до неодамна како музеј цели 86 години.

Врховниот суд на Турција на 10 јули ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година со која Џамијата „Аја Софија“ беше претворена во музеј, и овозможи таа повторно да биде отворена како џамија по 86 години. Пред тоа, служеше како џамија речиси 500 години, потсетува Анадолија.

Како една од најпосетуваните туристички дестинации во градот на Босфор, „Аја Софија“ е вклучена на списокот на УНЕСКО од 1985 година.

Вучиќ - Една голема сила ќе побара повлекување на КФОР и УНМИК од Косово

КФОР мисијата во Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека „една голема сила наскоро ќе започне со официјално барање за повлекување на КФОР и УНМИК од Косово, што би било апсолутна катастрофа за Србија“.

Вучиќ посочи дека ќе го замоли генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг да се заложи со своето влијание во западната алијанса тоа да спречи.

„Не знам дали некој е свесен што тоа би значело, јас сум многу загрижен“, вели Вучиќ, додавајќи дека се работи за разузнавачки податоци добиени од официјални извори и дека не може да изнесе повеќе детали.

Нови 123 случаи на ковид-19

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Регистрирани се 123 нови случаи на ковид-19 од направени 2.598 тестирања, соопшти Министерството за здравство.
Во Скопје – 64, Битола – 9, Куманово – 7, Охрид – 5, Прилеп, Велес, Гостивар и Струмица – по 4, Тетово – 3, Штип, Струга, Кочани, Демир Хисар и Кратово – по 2, Кичево, Гевгелија, Неготино, Свети Николе, Крива Паланка, Радовиш, Делчево, Виница и Македонска Каменица - по 1.

Регистрирани се 3803 оздравени пациенти. Од вкупниот број на оздравени, 3564 се пријавени како позитивни во периодот 01.01-31.03.2021. Се работи за лица кои не се пријавени досега како оздравени до ИЈЗ, а кај кои се поминати 20 дена од позитивен резултат. Овие лица за време на болеста биле хоспитализирани или немале матичен лекар или се странски државјани па затоа не излегол предлог за оздравување во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ.


Пријавени се вкупно 17 починати лица: 3 од Куманово (53г, 61г и 82г), по 2 починати лица од Скопје (75г и 78г), Тетово (68г и 85г), Битола (62г и 94г) и Кочани (54г и 71г) и по едно починато лице од Прилеп (68г), Гостивар (72г), Охрид (78г), Струмица (77г), Радовиш (73г) и Виница (61г). Од пријавените 14 се починати во болнички, а 3 во домашни услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.494, бројката на оздравени пациенти е 143.069, на починати е 5.168, а бројот на активни случаи изнесува 6.257.

Заев оптимист за решение со Бугарија, помошта од Грција добредојдена

Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев

Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија, ни треба помош од Грција, која сега веќе е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис, преку министерот Дендиас, тие се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, истакна премиерот Зоран Заев за време на неговото учество на шестиот Делфи економски форум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Во дијалог со уредникот на „Катимерини“ Атанасиос Елис, премиерот Заев зборуваше за Договорот од Преспа, за соработката со Грција, за односите со актуелниот грчки премиер, откри дека Мицотакис барал начини да ѝ помогне на Македонија во справувањето со пандемијата, говореше за врските со лидерот на СИРИЗА и поранешниот грчки премиер, за нашето членство во НАТО, но и за бугарската блокада на нашиот пат кон Унијата.

Тој изрази оптимизам за разговорите со Софија, објасни дека процесот е малку забавен поради изборите во Бугарија, но и истакна дека станува збор за смешен проблем, кој дури не може ни да го објасни.

„Ние продолжуваме да разговараме со нив, ние сме пријатели со сите. Бугарија го измисли ова прашање. Дури, не ни можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем, непостоечки проблем. Ни треба да најдеме решение бидејќи тоа е добивка и за Бугарите и за Македонците од Северна Македонија и само придобивки би донело на сите“, истакна премиерот.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции, тврдејќи дека Македонија ја краде нивната историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Македонскиот офицер нема јужноафрикански сој на вирусот, туку нигерски

Илустрација: Македонски војници

Македонскиот офицер кој беше донесен од Африка не е заразен со јужноафриканскиот сој на корона вирусот, туку кај него е детектиран нигериски сој на вирусот.

„Според анализите од МАНУ кај војникот е детектиран нигериски сој на вирусот, а не јужноафрикански, иако има сличности меѓу двата соеви, не станува збор за ист сој. Нигерискиот сој исто така е чест во африканските земји“, се наведува во одговорот што МИА го побара од Министерството за здравство.

Оттаму информираат дека инфекцијата кај пациентот е во поодмината фаза и оти тој веќе е во фаза на оздравување. Македонскиот потполковник на АРМ кој е дел од европската мисија во Централноафриканската Република вчера со авион на „Летечките доктори“, во специјална капсула за заштита од ковид-19, беше донесен на лекување во Скопје.

Османи на онлајн состанок со министрите за надворешни работи од ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и неговата колешка од Албанија, министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, денеска под покровителство на министрите за надворешни работи на Грција и Романија, Никос Дендиас и Богдан Ауреску ќе одржат видео брифинг со своите колеги, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

„Целта на состанокот е да се рефлектира стратешката дискусија за Западен Балкан, одржана на 10 мај во Брисел и да се реафирмира ангажманот и заложбата на земјите членки кон европската перспектива на земјите од регионот, во пресрет на состаноците на Советот за општи работи во јуни“, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.

Во фокусот на дискусиите ќе бидат интеграциите на Скопје и на Тирана во ЕУ и нивните очекувања на Советот во јуни да добијат датум да почеток на преговори, со тоа што ќе се усвојат преговарачките рамки и ќе се одржат првите меѓувладини конференции.

Од ЕУ стигнаа пораки дека Албанија и Македонија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ, иако во последните години одеа во пакет.

Тирана оди напред, а Скопје ќе треба да се договори со Софија ако сака одблокирање на процесот за пристапување кон ЕУ. Но потоа одделни функционери на ЕУ и одделни земји членки застанаа зад ставот дека Албанија и Македонија не треба да се раздвојуваат.

Во меѓувреме, пак, нема многу надежни дека може да има договор со Бугарија, оти и преодната влада таму остана на ветото кон Македонија.

Грција не прифаќа одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ

Илустрација: Знамиња на Грција и Македонија

Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија, порача алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милитиадис Варвициотис од Делфи Форумот во Атина и паралелно истакна дека тие не се согласуваат со евентуално одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Варвициотис учествуваше на панел дискусијата заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и потенцираше дека „со приклучувањето на Албанија и Северна Македонија во ЕУ, Грција конечно ќе има копнени граници со други земји-членки“.

„Важно е процесот да почне веднаш за сите земји кандидати. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување меѓу Северна Македонија и Албанија, ова го гледаме како катастрофален пристап за регионалната стабилност“, порача алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Тој додаде дека новиот процес на проширување од минатата година, „треба да биде веродостоен процес и треба да биде побрз процес во споредба со стариот“.

Од ЕУ стигнаа пораки дека Албанија и Македонија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ, иако во последните години одеа во пакет. Тирана оди напред, а Скопје ќе треба да се договори со Софија ако сака одблокирање на процесот за пристапување кон ЕУ. Но потоа одделни функционери на ЕУ и одделни земји членки застанаа зад ставот дека Албанија и Македонија не треба да се раздвојуваат.

Во меѓувреме, пак, нема многу надежни дека може да има договор со Бугарија, оти и преодната влада таму остана на ветото кон Македонија.

Вчера се вакцинирале над 14.500 граѓани

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Досега во Македонија се дадени вкупно 175.348 дози вакцини, а целосно се имунизирани 25.648 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Здравствените власти соопштија дека вчера вкупно се вакцинирале 14.548 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.751 граѓани, а останатите 797 се ревакцинирале.

Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 330.513 граѓани.

Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата и апелираат заинтересираните граѓани да се пријават на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат до термин за вакцинација.

Оние кои примиле две дози од вакцината сертификатот за вакцинација може да го подигнат на вакциналниот пункт или од матичен лекар.

Сертификатите се бесплатни за сите граѓани и може да им послужат на луѓето да патуваат без притоа да прават ПЦР тест за ковид или пак да имаат доказ дека го прележале вирусот.

Двајца алпинисти настрадаа на Монт Еверест

Монт Еверест

Двајца странски алпинисти, Американец и Швајцарец, настрадаа на Монт Еверест, соопштија непалските планинарски служби.

Швајцарскиот алпинист починал од исцрпеност по доаѓањето до врвот, додека американскиот планинар ненадејно починал во првиот камп при слегувањето од врвот.

Непал годинава издаде 408 дозволи за качување до највисокиот врв на светот со 8848 метри надморска височина.

Минатата година немаше сезона на искачување до врвот поради пандемијата.

Непал оваа година ги ублажи мерките за карантин за да привлече повеќе планинари, и покрај ризикот од зараза со ковид-19 за време на експедицијата и неможноста за лекување на толку голема надморска височина.

ЕУ предвидува 3,7 проценти економски раст во Македонија годинава

Илустрација

Европската унија предвидува економскиот раст во земјава годинава да биде 3,7 проценти и закрепнувањето да се забрза во текот на годината. Очекувањата се дека следната година растот на економијата би бил 3,8 проценти. Закрепнувањето, според ЕУ, ќе се должи главно на домашната побарувачка, додека надворешниот сектор веројатно нема да придонесе за раст.

Овие прогнози се нешто пониски од оние што во понеделникот ги презентираше Народната банка, според која растот на Бруто-домашниот производ годинава ќе биде 3,9 проценти и исто толкав ќе биде и следната година, а во 2023 година веќе ќе биде 4 проценти.

Според макроекономските проекции на централната банка, инфлацијата годинава би била 2,2 проценти што е зголемување во однос на претходната проекција која изнесуваше 1,5 проценти.

Словенечкиот претседател Пахор во посета на Косово

Словенечкиот претседател Борут Пахор

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска ќе го посети Косово, при што ќе се состане со претседателката на Косово Вљоса Османи и со други официјални претставници. Пред посетата тој изјави дека неговата земја не стои зад ниту еден „нон-пејпер“ и дека не поддржува промена на границите на Балканот.

„Нoн-пејпери“ и глупости: Словенија и „распадот“ на Босна

Пахор рече дека Словенија е против корекција на границите на Балканот, бидејќи никогаш тоа не завршило мирно во овој регион и оти неговата земја го поддржува договорот што ќе биде договорен меѓу Косово и Србија. Тој оцени дека Европската унија е проект за мир и помирување и дека е крајно време да се прошири на целиот Западен Балкан, кој во моментов е сива точка опкружен со земји-членки на ЕУ.

Муслиманите го слават Рамазан Бајрам

илустрација

Муслиманите веќе втора година под пандемијата на ковид-19 го слават празникот Курбан Бајрам со кој се одбележува крајот на светиот месец Рамазан. Тридневниот празник, кој започнува во повеќето земји на 13 март, обично се одбележува со молитва во џамијата, гозба и посета на семејството по еден месец пост за време на Рамазан. Но, повторно многу земји ќе го прослават празникот оваа година под ограничувањата за да се спречи ширењето на коронавирусот, иако има загриженост дека луѓето нема да ги почитуваат прописите. Во најнаселената муслиманска земја во светот, Индонезија, владата веќе втора година им забранува на луѓето да патуваат да го посетуваат семејството во нивните родни градови. Во некои делови на земјата со висок број на инфекции со коронавирус, џамиите се затворени, вклучително и Големата џамија Истаклал во Џакарта, најголемата џамија во Југоисточна Азија.

Апели за Курбан Бајрам да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19


Малезија доживува бран нови инфекции и смртни случаи предизвикани од варијанти на вирусот, што ја натера владата претходно оваа недела да прогласи заклучување на целата земја пред прославата на Рамазан Бајрам. Индија, каде живеат околу 200 милиони муслимани, свештениците ги повикаа луѓето да го слават Бајрам дома. Во Ирак е воведена блокада 10 дена, иако луѓето редовно ги напаѓаат правилата во земјата. Турција планира постепено да ги ублажи ограничувањата по празникот Бајрам, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган на 12 мај. Турција е во национална блокада кон крајот на април за да спречи наплив на инфекции.

Кина, Русија и Иран меѓу најлошите прекршители на верските права

Ујгури се молат во џамија

Американскиот Стејт департмент ја обвини Кина за „геноцид“ врз муслиманските Ујгури и другите верски малцинства во годишниот извештај, кој исто така ги означи Иран и Русија меѓу најлошите насилници за верска слобода во светот. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, го искористи објавувањето на годишниот Извештај за меѓународна религиозна слобода на Стејт департментот за да ги именува најеклатантните кршители на верската слобода, што тој ги дефинира како универзално човеково право. „Религиозната слобода не може да се реализира целосно, освен ако не се почитуваат другите човекови права, и кога владите го кршат правото на својот народ да верува и да се слави слободно, тоа ги загрозува сите други“, рече Блинкен.

Кина ги отфрла обвинувањата за геноцид врз Ујгурите

Администрацијата на Трамп во јануари рече дека политиките на Кина во Ксинџијанг претставуваат злосторство против човештвото и геноцид, позиција на која Блинкен повтори дека администрацијата на Бајден се согласува. Даниел Надел, висок службеник во Канцеларијата за меѓународна слобода на Стејт департментот, рече дека ситуацијата во Ксинџијанг значи обид на кинеската влада „во суштина да го претвори целиот регион во затвор на отворено“. Надел рече дека Кина се обидува да „избрише еден народ, историја, култура од Земјата“.

Русија - Четворица Јеховини сведоци обвинети за екстремизам

Блинкен исто така ги спомна злоупотребите на верската слобода во Иран, Мјанмар, Русија, Нигерија и Саудиска Арабија. „Во Русија, властите продолжуваат да малтретираат, приведуваат и запленуваат имот на Јеховините сведоци, како и на припадниците на муслиманските малцински групи под изговор на наводен екстремизам“, рече Блинкен. Во самиот извештај се вели дека Русија продолжува да истражува, приведува, затвора, мачи и физички малтретира лица или им го запленува имотот заради нивната верска вера.

Министрите за надворешни работи на Русија и на САД ќе се состанат следната недела

американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Министрите за надворешни работи на Русија и на САД Сергеј Лавров и Ентони Блинкен се согласија во телефонски разговор да се состанат следната недела на маргините на самитот на Арктичкиот совет, соопштено е во Вашингтон и во Киев, наведувајќи дека тие ќе разговараат за клучните билатерални и меѓународни прашања. Министерскиот состанок на Арктичкиот совет ќе се одржи на 20 мај. Руско-американските односи се влошија во последните години, а Вашингтон ја обвини Москва за мешање во претседателските избори во САД во 2020 година, шпионажа и сајбер напади.

Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД

Во април, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден воведе нови санкции против организации или компании поврзани со Русија, протера десет дипломати и воведе забрана за американските банки директно да купуваат долгови издадени од Русија. Москва возврати со протерување на десет американски дипломати, забранувајќи влегување на високи американски службеници на руска територија и забранувајќи им на американските мисии да вработуваат странски државјани. И покрај ваквата размена на санкции, двете земји разговараат за можен самит меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин во трета земја во јуни 2021 година.

Стејт департментот за верските слободи во С. Македонија

Македонскиот Устав забранува верска дискриминација и предвидува слобода на вероисповед и верско изразување и дава еднаквост пред законот за сите индивидуи, без оглед на верското убедување, се наведува во годишниот Извештај за меѓународна религиозна слобода на Стејт департментот во кој се додава дека со измена на уставот се наведени пет религиозни групи кои автоматски добиваат ослободување од данок и други поволности: Македонската православна црква, Исламската верска заедница (ИВЗ), Католичката црква, Евангелистичката методистичка црква и Еврејската заедница. Другите верски групи мора да се регистрираат за да ги добијат истите придобивки. Апликациите за регистрација од страна на Православната архиепископија во Охрид (ОАО), поврзани со Српската православна црква и Бектешиската заедница, суфистичка група, останаа во постапка пред Основниот суд II во Скопје, по извештајот на Европската комисија во мај 2019 година.

Колку ИВЗ и МПЦ донираат за време на коронавирусот и верските празници

Владата, како што се наведува во Извештајот, продолжува да ги почитува претходните пресуди на Европскиот суд за човекови права дека треба да ги преиспита своите претходни одбивања на апликациите на овие групи. Бектешката заедница од Тетово повторно извести за вознемирување на своите членови од страна на владата и ИВЗ. Стејт департментот во извештајот наведува дека ИВЗ вели оти владата продолжува да покажува фаворизирање кон Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), додека помалите верски групи продолжуваат да пријавуваат нееднаков третман на владата во споредба со петте уставно именувани групи. Исто така во Извештајот на Стејт департментот се забележува дека во септември, претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев испратија јавни писма во кои го молат вселенскиот патријарх Вартоломеј Први од Константинопол да ѝ дадат автокефалност на МПЦ-ОА, дејствија што Православната архиепископија во Охрид ОАО ги карактеризира како мешање на владата во верски работи.

Бајден го поддржува Израел, Нетанјаху вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хамас

Израелскиот антиракетен систем „Железна купола“ пресретнува ракети лансирани од Појасот Газа кон Израел

Хамас рано изутрината истрела стотици ракети кон Тел Авив и други делови на Израел кој пак најави дека ќе ги продолжи воздушните напади врз Газа и покрај меѓународните повици за деескалација на најжестоките борби во регионот во последните неколку години. Американскиот претседател Џо Бајден го поддржа Израел во неговиот прв телефонски повик со премиерот Бенјамин Нетанјаху од почетокот на непријателствата на 10 мај, осудувајќи ги ракетните напади и пренесувајќи „непоколеблива поддршка за безбедноста на Израел и за легитимното право на Израел да се брани“, соопшти Белата куќа на 12 мај.

Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас

Откако Советот за безбедност на ОН вчера одржа уште еден неубедлив итен состанок, Вашингтон соопшти дека ќе испрати претставник на Блискиот исток да се обиде да ги смири тензиите меѓу Израел и Палестинците. „Моето очекување и надеж е дека ова ќе се затвори порано отколку подоцна, но Израел има право да се брани“, рече Бајден по разговорот со Нетанјаху. Не е јасно зошто Бајден верува дека насилството може да заврши наскоро. Нетанјаху сигнализираше дека Израел нема намера да брза да постигне примирје и оти израелските напади врз Хамас и другите палестински милитанти во Газа „е само почеток“. Хамас, исто така, покажа подготвеност да продолжи со борбите. Најмалку 56 Палестинци се убиени во Газа од ескалацијата на насилството на 10 мај. Тоа вклучува 14 палестински деца зафатени со конфликтот. Седум лица се убиени во Израел, соопштија медицинските власти.

Премиерот Заев во Атина

Македонскиот премиер Зоран Заев

Македонскиот премиер Зоран Заев ќе ја заврши европската турнеја, во текот на која престојуваше во Брисел и во Мадрид, со денешната работна посета на Атина и со учество на Економскиот форум Делфи. Тој ќе биде придружуван од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и од министерот за економија Крешник Бектеши.

Заев: Европските лидери разбираат дека македонскиот идентитет не е за преговори

Во Атина, како што велат во македонската влада, Заев ќе има средба со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис. На маргините на Економскиот форум Делфи, Заев ќе има одделни средби со Алексис Ципрас, поранешен премиер на Грција и лидер на СИРИЗА, со Тони Блер, поранешен премиер на Британија, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност со услови за краткотраен дожд на северозападот. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, особено изразен во западните делови. Дневната температура ќе биде од 12 до 29 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 24 степени.

Пукање во Бутел, еден убиен, еден ранет

Полиција, Северна Македонија

Во пукотница до која дошло вечерва околу 21.30 часот во скопската населба Бутел 1 едно лице загина, а едно е рането.

Според објавените информации во медиумите, на паркинг кај булеварите Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски Карпош, од автомобил во движење било пукано кон возило „голф“ во кое биле двајца мажи.

По пукотницата тие биле пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде еден од ранетите починал.

Полиција и медицински екипи вечерва се на терен во скопската населба Бутел.

Израел: "Ова е само почеток",Вашингтон се подготвува да испрати претставник во регионот

Пожар беснеше на изгрејсонце во Кан Јуниш по израелскиот воздушен напад врз цели во јужниот појас Газа. 12 мај 2021 година.

Израел соопшти дека денеска се убиени 12 припадници на вооруженото крило Хамас во Газа во артилериско бомбардирање, и дека палестинските милитанти истрелале ракети во Израел, додека Вашингтон соопшти дека ќе испрати претставник за да се обиде да ги смири најинтензивните непријателства меѓу двете страни во последните неколку години.

Медицински власти соопштија дека најмалку 56 лица се убиени во Газа од ескалацијата на насилството на 10 ти мај, меѓу кои и 14 палестински деца. Шест лица се убиени во Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека командантот на бригадата за градот Газа е меѓу постарите членови на исламистичката милитантна група кои биле убиени. „Ова е само почеток.'Ќе ги удриме како никогаш што не сонувале дека е можно“, рече тој.

Наскоро по објавата, имаше нов ракетен напад кон израелскиот град Ашдод, а израелските медиуми соопштија дека војската се подготвува за нови спасувања во областа Тел Авив.

Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас

Хамас во изјавата ја потврди смртта на командантот и на „други водачи и воини“.

Водачот на Хамас Исмаил Ханије додаде дека „Конфронтацијата со непријателот е отворена.“

Во меѓувреме израелските борбени авиони исфрлија две бомби врз 14-катна зграда во градот Газа денеска и ја уништија.

Шпанија се залага С Македонија и Албанија заедно да ги почнат преговорите со ЕУ

Претседателот на Владта на Шпанија Педро Санчез

Шпанија е силен поддржувач на Северна Македонија и се залага за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа старт на преговорите за членство, изјави претседателот на Владта на Шпанија Педро Санчез на средбата во Мадрид со македонскиот премиер Зоран Заев.

Санчез нагласи и дека Шпанија е за почеток на пристапните преговорите и за Македонија и за Албанија во исто време.

Сијарто: Унгарија ја поддржува С. Македонија на патот кон Европа

Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласија дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ и со тоа старт на преговорите.

Караџиќ ќе одлежи казната во Британија

Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ

Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој во моментов се наоѓа во затвор во Хаг, заради неговата осуда за сторени воени злосторства и геноцид, ќе го отслужи остатокот од казната во Велика Британија.

Караџиќ (75) беше осуден на 40 години затвор во 2016 година откако беше осуден за геноцид за масакрот во Сребреница во јули 1995 година врз 8.000 муслимански мажи и момчиња од страна на силите на босанските Срби.

Во 2019 година, судиите на ООН во Хаг ја продолжија затворската казна до доживотна казна затвор.

„Радован Караџиќ е едно од ретките лица кој е прогласен виновен за геноцид. Тој беше одговорен за масакрот врз мажи, жени и деца во геноцидот во Сребреница и помогна во процесуирање на опсадата на Сараево со напади врз цивили без каење“, кажа денеска британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб.

Тој додаде дека Велика Британија „треба да се гордее“ што ќе ја поддржа 30-годишната потрага по правда за поранешниот политички водач на босанските Срби.

Караџиќ исто така беше прогласен за виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото за четиригодишната опсада на Сараево од страна на силите на босанските Срби и за надгледување на кампањата за етничко чистење што ги истера Хрватите и муслиманите од српските подрачја на Босна.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG