Достапни линкови

Вести

Инспекцијата најави 16 пријави за угостителски објекти поради непочитување на мерките

Илустрација- Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Најмалку 16 пријави, кривични или прекршочни со платни налози, ќе поднесе Пазарниот инспекторат против угостителски објекти во Скопје, Тетово и во Струмица, откако при инспекциите во изминатата ноќ се утврдени прекршувања на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, како и пречекорување на работното време, изјави за МИА директорт на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.

И покрај забраната за организирање затекнати се свадбени церемонии во седум објекти, направени се записници и во наредните три дена ќе бидат преземени мерки за проднесување кривични пријави. Конкретно, казнети ќе бидат ресторан во Струга за организирање две свадби и на долниот и на горниот кат, еден од Струмица, а ќе има санкции и за две свадби во угостителски објекти затекнати во Тетово и за четири во Скопје. Пауновски меѓу примерите за непочитување на мерките раскажа дека и покрај тоа што инспекторите синоќа во скопски локал го предупредиле газдата дека треба да ги размести масите и тој пред нив го направил тоа, откако тие си заминале таму повторно имало по седум осум лица на маса. Ја известиле и полицијата која потоа интервенирала, а против локалот ќе има кривична пријава.

Кривична пријава, најави Пауновски, повторно ќе заработи и дискотека во Струмица, каде синоќа исто така имало забава и е направен записник.Дваесет инспекциски екипи вчера вршеле контроли низ целата држава и како што вели Пауновски, некаде се почитуваат протоколите, некаде има мали отстапувања и тие случаи поминуваат и со опомени.

види ги сите денешни вести

Неготино ќе бара полициски час во општината за спречување на ширењето на ковид-19

Илустрација: Полициски час

Општина Неготино и општинскиот Кризен штаб ќе испратат допис до Главниот координативен штаб на Македонија со барање за воведување на полициски час на територијата на општината на неопределено време, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, информираа попладнево од неготинската локална самоуправа.

Кризниот штаб на Општина Неготино денеска одржал редовен состанок на кој се дискутирало за состојбата со коронавирусот во Општината.

„Констатирано е дека состојбата со Ковид-19 во Општината е алармантна, со тоа што бројот на активни случаи во моментот во Неготино изнесува 279 заболени лица“, соопштуваат од локалната самоуправа.

Биле донесени неколку препораки и заклучоци: на Градскиот пазар ќе може да се продаваат само земјоделски производи и им е укажано на угостителите строго да ги почитуваат мерките за работа, строго се забрануваат групирања на јавни површини, а полицијата ќе врши засилени контроли.

Унгарија ги затвора продавниците и училиштата поради разгорување на епидемијата на коронавирус

Вакцинација во Унгарија

Унгарските власти денеска најавија дека ќе ги заострат рестриктивните мерки поврзани со пандемијата на коронавирус за да го ограничат порастот на бројот на починати и хоспитализирани од болеста.

Од понеделник на две недели ќе бидат затворени сите продавници, освен оние за храна, аптеките и бензинските пумпи. Забавиштата и основните училишта исто така ќе бидат затворени до 7 април.

Новите мерки се воведуваат откако бројот на заразени и починати од коронавирус во земјата се приближи до декемврискиот пик. Денеска, точно една година од првиот регистриран случај во земјата, во Унгарија има над 6200 нови случаи на коронавирус и 152 починати, што е најмногу од 23 декември.

Унгарија се надева дека со брзата програма за вакцинација ќе придонесе за намалување на бројот на заразени. Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергељи Гуљаш рече дека Унгарија наредната недела ќе има највисока стапка на вакцинација во ЕУ.

Турција - Деветмина загинати при уривање на воен хеликоптер

Девет војници загинаа, а четворица се повредени кога воен хеликоптер се урна во источниот дел на Турција, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.

Хеликоптерот се урна во градот Татван во провинцијата Битлис, каде Курдите сочинуваат мнозинство од населението.

Повредените војници се веднаш пренесени в болница. Причината за несреќата сè уште не е позната.

Хеликоптерот патувал кон Татван од блиската провинција Бингол кога исчезнал од радарите.

Полска не планира да купува руска вакцина против коронавирус

Руската вакцина Спутник Ви

Полска не планира да ја купува руската вакцина против коронавирус Спутник Ви, изјави денеска првиот помошник на премиерот Михал Дворчик.

„Што се однесува до руската вакцина, не планираме да ја купуваме, но кога е во прашање кинеската вакцина, го анализираме ова прашање и сè уште не се донесени одлуки“, рече тој на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Спутник Ви веќе е одобрена или е во фаза на одобрување во три држави членки на ЕУ – Унгарија, Словачка и Чешка, а претставници на ЕУ рекоа дека Брисел би можел да почне преговори со производителот на вакцината ако тоа го побараат најмалку четири земји-членки.

Европската агенција за лекови денеска потврди дека го разгледува одобрувањето на руската вакцина. Според нивното соопштение, подносител на барањето е германската компанија Р-Фарм.

Неколку часа подоцна, Европската комисија соопшти дека не се водат разговори за купување на руската вакцина.

Во ЕУ во моментов се користат три вакцини: Фајзер-БиоНТек, Модерна и АстраЗенека, но процесот на вакцинација е бавен поради недостиг на вакцини за сите граѓани.

Полскиот претседател Анджеј Дуда разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг за купување на кинеска вакцина против коронавирус, рече негов помошник на 1 март, но министерот за здравство Адам Недзелски два дена подоцна рече дека во моментов не се препорачува таа вакцина поради недоволно податоци.

Шведска ја препорачува вакцината на АстраЗенека и за постарите од 65 години

Илустрација

Шведските власти од денеска ја препорачуваат вакцината на АстраЗенека против коронавирусот и за постари од 65 години врз основа на новите британски истражувања.

Таа вакцина досега не им се препорачуваше на постарите од 65 години поради недоволно податоци за ефикасноста кај таа старосна група.

„Сега, три големи студии во Велика Британија покажуваат дека вакцината на АстраЗенека има добар заштитен ефект, дури и за луѓето постари од 80 години, и дека заштитниот ефект е споредлив со ефектите на останатите одобрени вакцини“, се наведува во соопштението на здравствените власти.

Германија исто така денеска ја препорача вакцината, Белгија го стори тоа вчера, додека Франција ја препорачува вакцината за лицата меѓу 65 и 75 години.

Валков - Минимум 2,5 милиони Бугари прележаа ковид-19

Редица за вакцинација во Бугарија

Бугарија најверојатно нема повторно да достигне бројки од 5.000 заразени лица дневно, коментира д-р Трифон Валков од Инфективната болница во Софија.
Валков за Нова ТВ изјави дека „лицата кои прележаа ковид-19 се многукратно повеќе од официјално пријавените. Реалната бројка на лица кои ја имале болеста е најмалку 2,5 милиони“.

„Една од причините за повеќето позитивни тестови е што се прават повеќе тестови. Секогаш во Бугарија се правеа околу 10-12.000 тестови, а сега има денови кога се прават и по 16 илјади. Втора причина е што веќе се додаваат тестови за антиген“, изјави Валков за бугарската Нова ТВ.

Според него, теоретски е можно на почетокот на април повторно во земјата да се дојде до бројка од 5.000 инфицирани лица дневно.

„И натаму, меѓутоа, мислам дека нема да достигнеме слично зголемување на бројот на заразени лица, какво што имавме во ноември. Повеќето луѓе веќе го прележаа вирусот. Има и многу вакцинирани“, изјави инфектологот.

Инфективната болница во Софија располага со околу 90 легла за пациенти со коронавирус. До крајот на февруари се пополни само една третина од капацитетот на болницата во Софија.

На прашањето дали е доволна една доза од вакцината, Валков одговори дека „подобро е луѓето да се вакцинираат со нешто отколку да останат невакцинирани со ништо. Сите три вакцини произведуваат релативно добар имунитет по првата игла, вели тој.

„Статистика“: Се шират лажни информации за апликацијата за попис

Принтскрин од апликацијата за самопопишување на македонски државјани во странство

Бројките покажуваат дека досега се попишани над 22.000 лица од дијаспората, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС) и ги отфрли како „лажни“ информациите во врска со апликацијата за самопопишување од странство, според кои, во полето за матичен број може да се внесат 13 нули.

„Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција. Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту видовме каков било доказ или print screen за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви прилагодувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци“, се наведува во реакцијата на ДЗС.

Според Заводот, внесените податоци од друга IP адреса преку VPN врска на Апликацијата за самопопишување, не претставува дополнителен ризик за Апликацијата, туку одговорност за самиот попишувач.

„Ја потсетуваме јавноста дека Скеил Фокус ДООЕЛ Скопје, компанијата што ја изработи Апликацијата за самопопишување согласно Законот за попис, ја направи по светски стандарди и не може да биде одговорна за погрешно пополнети податоци од самопопишувањето. Ова, потенцираме уште еднаш, е одговорност на самите граѓани кои ги внесуваат нивните податоци, а тоа и е утврдено со Законот“, реагира Државниот завод за статистика.

Се бара притвор за уште еден учесник во протестот за „Монструм“

Илустрација - Фотографија од протест за Монструм на 26 февруари 2021

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за уште едно лице, за кое е поведена постапка за кривично дело – учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, на возраст од 21 година, на 26 февруари учествувал на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тој бил дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Имено, осомничениот и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“, се вели во соопштението од ОЈО.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се дадат во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Видео-прилог за протестот за „Монструм“ одржан на 26 февруари 2021

Претходно, за истиот настан, Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка за петмина други учесници во протестите. Протестот на 26 февруари беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекувањето на доживотни казни затвор за обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година, а само обвинението беше одбиено за обвинетиот Сами Лута, поради откажување на јавниот обвинител.

Казна за Град Белград за криење на цената на споменикот на Стефан Немања

Споменикот на Стефан Немања во Белград

Комесарот за информации од јавен интерес ѝ изрече глоба на градската администрација во Белград за криење на цената на трошоците за изработка и поставување на споменик на Стефан Немања на плоштадот Сава, но казната не може да се изврши засега, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ), уметникот и писател Дејан Атанацковиќ, кој ги побара споменатите информации од градот Белград.

Атанацковиќ наведува дека тој побарал информации за цената на изработката и подигнувањето на споменикот во август 2020 година и дека на крајот на истата година добил информација дека има одлука дека цената на споменикот е доверлива, објави Слободнаевропа.орг.

„Од комесарот потоа, со одлуката за извршување, добив образложение во кое јасно се вели дека градските власти немаат право да се повикуваат на такво решение бидејќи се работи за народни пари“, вели Атанацковиќ.

Меѓутоа, во писмото на комесарот до Атанацковиќ од февруари 2021 година, пишува дека има проблем со извршувањето на казната. Имено, судовите од општа надлежност, Народната банка и Даночната управа, меѓу другото, како што е наведено во писмото, се прогласија за ненадлежни за извршување на одлуките на комесарот за изрекување парични казни за повреда на правото за пристап до информации.

Исто така, како што се наведува, постоел проблем со утврдување на казните, односно добивање податоци за годишниот приход на органот за претходната година, што е потребно за утврдување на висината на казната.

Во врска со овој проблем, како што е наведено во писмото, комесарот ѝ се обратил на Владата на Србија да обезбеди извршување на решението. Сепак, како што е истакнато во едно од писмата на комесарот до Атанацковиќ, Владата досега не го сторила тоа, според кое било барање на комесарот да обезбеди извршување на неговите одлуки со директна принуда.

Според медиумите, вкупната цена на споменикот на средновековниот владетел на Србија, Стефан Немања, е обележана како „доверлива“ до 2023 година, а тие информации Владата на Србија ги прогласи за тајни.

На крајот на декември 2020 година, телевизијата Н1 објави дека добила документи од царината во кои се покажало дека на крајот на јули пристигнале десет камиони од Белград во Белград, со делови од споменикот платени девет милиони евра.

Изработката на споменикот на Стефан Немања, средновековен српски владетел од 12 век, му беше доделена на рускиот скулптор Рукавишников по меѓународниот натпревар во две фази во 2017 и 2018 година. Споменикот беше откриен на 27 јануари годинава.

Објавени детали од договорот со Фајзер за вакцините против ковид

Иустрација - подготовка на доза вакцина од производителот Фајзер

Министерството за здравство (МЗ) денеска ja информираше јавноста дека компанијата „Фајзер-Бионтек“, производител на вакцини против Ковид 19, денеска до Министерството за здравство, го испратил договорот за купување вакцини.

„Компанијата во договорот ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година. Производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини“, соопшти денеска МЗ.

Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена може да се чува 6 часа. Според Министерството за здравство, нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Денеска и премиерот ЗОран Заев изјави дека договорот е испратен од Фајзер и дека првата тура од 21 илјада дози ќе стаса до крајот на март, а потоа и другите вакцини.

Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.

Ослободен руски активист осуден за исмевање на Путин

Инсерт од видеото на Јамадаев поради кое беше осуден

Судот во рускиот град Самара го прогласи активистот за граѓански права, Карим Јамадаев, за виновен, но потоа изјави дека треба да биде ослободен откако помина повеќе од една година во притвор за делото исмевање на рускиот претседател Владимир Путин и двајца негови блиски соработници на Интернет. На 4 март, Централниот окружен воен суд го прогласи Јамадаев за виновен за јавно поттикнување тероризам и навреда на властите и му нареди да плати казна од 300.000 рубли (4.000 УСД).

Судот исто така му забрани на Јамадаев, кој беше притворен во регионот Татарстан, пред да биде префрлен во Самара, да управува со негови профили и групи на социјалните мрежи во следните 2,5 години. Обвинителите побараа од Судот да го осуди Јамадаев на 6,7 години затвор, но времето поминато во затвор не беше вклучено во казната. Во видеото се појавува и трето лице со црна вреќа на главата и кое носи натпис - Владимир Путин.

Јамадаев, поранешен полицаец во Татарстан, беше уапсен во јануари 2020 година и беше обвинет за видео што го објави на неговиот канал на Јутјуб, кон крајот на 2019 година. На видеото за кое станува збор, Јамадаев, облечен како судија, објавува смртна казна за двајца мажи чии глави се покриени со црни вреќи. На нивните вратови висат бели натписи со имињата „Дмитриј Песков“ и „Игор Сечин“. Песков е долгогодишен портпарол на Путин, а Сечин е шеф на државниот нафтен гигант Роснефт.

Во Македонија нови 721 ковид позитивни и деветмина починати

Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство денеска информираше дека, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.323 тестирања, а регистрирани се 721 нови случаи на ковид-19, 1753 оздравени пациенти и девет починати лица.

Новозаразените се регистрирани во: Скопје – 357, Прилеп – 72, Кавадарци и Гевгелија – по 42, Неготино – 30, Охрид – 26, Велес – 20, Гостивар – 18, Куманово – 17, Битола – 16, Кочани – 12, Крушево – 10, Струга – 8, Штип и Богданци – по 7, Крива Паланка – 5, Кичево, Ресен и Валандово – по 4, Тетово и Виница – по 3, Струмица, Делчево, Демир Капија и Пехчево – по 2, Свети Николе, Радовиш, Пробиштип, Кратово, Македонска Каменица и Дојран – по 1.

„Пријавени се вкупно 9 починати лица. Починати се по 3 пациенти од Скопје, 2 пациенти од Куманово и по 1 пациент од Прилеп, Велес, Крива Паланка и Валандово. Осум пациенти се починати во болнички услови, додека еден пациент е починат во домашни услови“, соопшти денеска Министерството за здравство.

Досега во земјата се направени вкупно 533.505 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на пандемијата изнесува 105.269, бројката на оздравени пациенти е 93.942, на починати е 3.165, а бројот на активни случаи изнесува 8.162.

Кино Култура се отсели од „Кино Култура“

Кино Култура

Ја завршивме оваа приказна за овој простор, после долга финансиска агонија, недоволна политичка волја за поддршка, но и покрај тоа, сакаме идејата да продолжи и понатаму... Си одиме од просторот, но идејата за Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка, каде ќе се продуцира и гледа еден поинаков театар, танц, уметност воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму.

Ова е дел од писмото до јавноста од уметниците, меѓу кои и Слободан Унковски, Александар Поповски, Биљана Тануровска- Ќулавковски, Виолета Качакова, Павле Игновски, Мирко Попов..., со кое тие го објавуваат крајот на работата на проектниот простор КИНО КУЛТУРА.

„Го отворивме во декември 2015, и во текот на овие, скоро пет години, поединци, соединети преку две организации (Театар Навигатор Цветко и Локомотива), развиваа простор кој пред сè беше замислен како ново место за театар, танц, перформанс, но и за останати содржини кои доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена. Го замисливме како простор кој на некој начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица, еден простор во кој во 90те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови, и други активности, - заедно со другите организации и поединци“, пишуваат уметниците.

Потписниците на писмото велат дека „им е жал што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската, а особено скопската-оф култура, не ја добиле неопходната поширока поддршка од државата и од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат и да живеат“.

„Направивме заедно повеќе од 30 продукции, донесовме повеќе од 500 меѓународни уметници, над 1000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини. Но, најмалку се важни бројките, креиравме идеја за заедничко работење, за инклузија, за развој...“, се наведува во писмото.

Уметниците велат дека продолжуваат понатаму и дека „ќе целат, ќе заговараат и ќе се борат да создадат достоен простор, институција за современи изведувачки уметности, сè со надеж дека јавноста и политиката еден ден ќе препознаат дека нашиот идентитет е пред сè културата“.

Бесими: Со вчерашната еврообврзница ќе се плати долг од 2014-та

Фатмир Бесими

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска изјави дека со еврообврзницата издадена вчера ќе се врати долгот за третата еврообврзница од 2014 година во износ од 500 000 000 евра. Според него, нето-повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 000 000 евра и остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит.

„Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата, изјави Бесими на денешната прес-конференција.

Министерот рече дека на верашната аукција, имало за 2,3 пати поголема побарувачка од страна на меѓународните инвеститори, односно ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 000 000 евра, побарувачката била 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори, што, според него, „покажува дека сме попривлечни за инвеститорите од многу економии во регионот“.

Според Бесими, погрешни се „гласините“ дека се прави ново нето-задолжување од 700 милиони евра.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини, како што пишуваше во партиското соопштение“, дека „Заев издал еврообврзница од 700 милиони евра, за која треба да плати камати од 80 милиони, и на домашниот пазар се задолжил за 70 милиони, вкупно 850 милиони“.

Конечни резултати од изборите во Косово, Курти има 58 пратеници

Архивска фотографија - Поддржувачи на Самоопределување ја прославуваат победата на парламентарните избори во Косово (14 февруари, 2021)

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), денеска, 4 март, ги објави конечните резултати од парламентарните избори, според кои Движењето Самоопределување на Албин Курти извојува победа, односно освои 58 од вкупно 120 места на Косовско собрание.

Вјоса Османи, кој беше на списокот на Самоопределување, доби најмногу гласови, 300.788, а лидерот на таа партија, Албин Курти, не може да се кандидира поради проблеми со законот.

Демократската партија на Косово ќе има 19 пратеници во Собранието, Демократскиот сојуз на Косово 15, а Алијансата за иднината на Косово осум. Српска листа ги освои сите десет места во косовското собрание гарантирани за српската заедница.

Според Уставот на Косово, уште десет места се загарантирани за другите малцински заедници кои живеат во Косово, а по две добија Турската демократска партија на Косово и Ромската иницијатива.

Коалицијата Вачат, Обединетата заедница Адријана Хоџиќ и Новата демократска партија освоија по едно место пред бошњачката заедница, а по едно место освоија и Обединетите горански партии, Новата демократска иницијатива на Косово, која ја претставува египетската заедница, и Ашкалиската партија за интеграција.

Сега политичките субјекти или кандидатите, кои не се задоволни од конечните изборни резултати, имаат право на жалба до Избирачкиот одбор за жалби и претставки во рок од 24 часа, а доколку партиите не се задоволни од одлуката на панелот, тие исто така можат да се жалат до Врховниот Суд.

Откако ЦИК ги потврди конечните изборни резултати, треба да се конституира нов, осми по ред собраниски состав, а свикување на Собранието е во рок од 30 дена. Тоа е формален процес и не треба да има одложување, односно Косово би можело да добие нов парламентарен состав во март.

Заев: Стигна договорот од Фајзер, месецов доаѓаат 21.000 вакцини

Заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата за матурата

Не се работи за наша несериозност во набавката на вакцините. Едноставно, има недостаток во нивното производство. До крајот на март ќе добиеме 21.000 вакцини од Фајзер, а потоа следуваат и кинеските и вакцините од Русија, одговори денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање, а по реакциите во јавноста и од опозицијата дека Владата не презела се што треба и затоа Македонија се уште нема вакцини против ковид-19.

„Сакам да ги уверам граѓаните дека ние како Влада имаме направено повеќе од тоа што треба за да ги обезбедиме потребните количини вакцини. Договорот од ‘Фајзер‘ стигна, до крајот на март ќе добиеме 21.000 доза од вакцините. Во вториот квартал од годината ќе добиеме поголеми количини“, рече Заев по увидот во почеток на изградба на далекуводот Штип - Овче Поле.

Според него, Македонија досега има нарачано 2,5 милиони дози вакцини од различни производители, а за имунизација на населението треба да се вакцинираат еден милион граѓани.

„Потребни ни се два милиона дози. Имаме нарачано 800.000 од Фајзер, 833.000 дози преку Ковакс механизмот, 400.000 од Кина и 200.000 од Русија. Исто така имаме дополнителни и од ЕУ преку грантот од 70 милиони евра за Западен Балкан како и најавени донации за соседите и со тоа стигаме до 2,5 милиони дози“, рече Заев.

Во земјава досега се вакцинирани над 2.500 медицински лица, од над 8.000 дози вакцини добиени од Србија.

МВР и Интерпол: На Тик-Ток се шират повици за малолетничко самоповредување

Илустрација - Зградата на Министерството за внатрешни работи во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска апелираше до граѓаните, особено до родителите, како што велат, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи. Оваа реакција на МВР следува по предупредувањето од Интерпол за појава на видеа со повици за самоповредување, објавени на мрежата Тик-Ток.

„Од страна на Интерпол е добиена информација дека на профили на социјалната мрежа „Тик Ток” во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување на малолетни лица“, наведува МВР во денешното соопштение.

Спорeд Министерството, досега вакви повици нема од профили на наша територија ниту од околните држави, но полицијата апелира „на будност и надзорза да се избегнат било какви несакани случувања“. Според објавите на медиумите од регионот, истата информација Интерпол ја доставил и до надлежните служби и во другите држави од регионот.

Мицкоски: Заев искористи што имам ковид и си купи денови

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека премиерот Зоран Заев вчера ја искористил неговата изолација бидејќи е ковид позитивен и со гласањето за доверба на Владата во Собранието само си купил броени денови за неговата Владата.

Како што вели Мицкоски, во изјава за „Дојче Веле“, „Заев продолжил да прави мафијашко византиство“. Опозицискиот лидер додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат.

Вчера попладне, премиерот Зоран Заев, во Собранието усно побара да се гласа доверба на неговата Влада. На истата собраниска седница, со 62 гласа „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието ѝ изгласа доверба на неговата Влада. Пратениците од опозицијата не беа присутни во собраниската сала во моментот на гласање.

Илјадници странци „живеат“ кај Трајчо Трајков во Средец, најмногу се Македонци со бугарски пасош

Илустрација - Пасош на Република Бугарија

Илјада страници со 45.752 имиња содржи документацијата за најнаселениот дел во Бугарија, објави денеска бугарската агенција БГНЕС. Тоа е населбата Средец во Софија. Сите овие илјадници странци имаат истата адреса - улица Леге број 6 во главниот град Софија, каде се наоѓа администрацијата на Средец, потврдил за БГНЕС градоначалникот на областа, Трајчо Трајков.

Како што објавува БГНЕС, „огромниот број од тие луѓе на списокот се со имиња и презимиња кои имаат македонски завршеток, а кои го добиле бугарското државјанство врз основа на докажано бугарско потекло“.

Градоначалникот на областа Средец, Трајков, за БГНЕС објаснува дека тоа е така бидејќи, според законот, оние граѓани кои се стекнале со бугарско државјанство и живеат во странство, добиле постојана адреса, како што вели, „кај него во зградата на окружната администрација“, во случајот Средец. Според последните податоци, тие жители на таа адреса се веќе над 82 илјади.

Градоначалникот Трајков ова го соопштил во пресрет на парламентарните избори во Бугарија и додава дека често ги гледа тие луѓе како користат административни услуги во областа, но дека нивните гласачки ливчиња „веројатно ќе останат недопрени, како што се случувало и досега“.

Според процедурата за добивање бугарско државјанство и пасош, барателот мора да пријави адреса во Бугарија. Според податоците на бугарското министерство за правда, од 2010 до 2020 година околу 66.000 Македонци добиле бугарско државјанство.

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор партијата Алтернатива за Германија

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија поради сомневања дека работи од позиции на екстремната десница, објавија германските медиумите. Лидерите на оваа партија го критикуваа потегот, велејќи дека неговата цел е да ги ослабне изгледите на сега најсилната опозициска партија во Бундестагот, на парламентарните избори на 26 септември. Притоа се обвинува Германското сојузно биро за заштита на уставот дека намерно им давало на медиумите информации за ставање под надзор на целата партија со цел да влијаат на промена на јавното мислење.

Лавров на средба со членови на десничарската Алтернатива за Германија

„Не случајно оваа информација протече во медиумите во годината на парламентарните избори и само два дена пред важните избори во двете германски покраини“, наведоа тие. На изборите во 2017 година, Алтернатива за Германија влезе во Бундестагот за прв пат, освојувајќи го третото место, на бранот незадоволство на граѓаните од приемот на повеќе од милион баратели на азил. Во моментов е најсилна од четирите опозициски партии во парламентот и има претставници во собранијата на сите 16 провинции. Според последните анкети, оваа партија може да смета на поддршка од девет до 11 проценти од гласачите, додека на изборите во 2017 година освои 12,6 проценти од гласовите.

Австрија и Данска на разговори со Израел за вакцините против ковид-19

Австрија и Данска сакаат да соработуваат со Израел за производство вакцини против ковид-19

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, како што најави, денеска ќе го посети Израел заедно со данскиот премиер Мете Фредериксен за да разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху за можна соработката во производството на вакцини. Курц деновиве изјави дека неговата земја и Данска повеќе нема да се потпираат исклучиво врз Европската унија за вакцини против коронавирусот и ќе соработуваат со Израел во производството на вакцини од втора генерација за понатамошни мутации на коронарен вирус и дека ќе истражуваат опции за долгорочен третман.

СЗО: нереално да се очекува пандемијата да запре до крајот на годината

ЕУ се соочи со критики за бавното воведување на вакцинација, додека Израел имунизираше голем дел од своите граѓани. Курц смета дека Европската агенција за лекови е премногу бавна во одобрувањето на вакцините и посочи на недостатоците во испораките на фармацевтските компании. „Ние мора да се подготвиме за понатамошни мутации и повеќе не треба да бидеме зависни од ЕУ во производството на вакцини од втора генерација“, рече австрискиот канцелар. Во Австрија досега се вакцинирани нешто помалку од 5,5 проценти од населението.

Во САД откриен можен заговор за денешен напад врз Капитол

разузнавачки информации за можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март 2021.

Полициските сили кои го чуваат американскиот Капитол вчера соопштија дека добиле разузнавачки информации што укажуваат на можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март. Во соопштението на американската полиција во Капитол не се именува организацијата, но се нарекува „идентификувана милитантна група“. Властите соопштија дека десничарските екстремисти биле дел од толпата приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп, која упадна во Капитол на 6 јануари, прекинувајќи го официјалното конгресно сертифицирање за изборната победа на претседателот Џо Бајден.

Трамп навести дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година

Денеска е датумот кога некои десничарски теоретичари на заговор тврдат дека Трамп, поразен од Бајден на изборите на 3 ноември, ќе положи заклетва за втор мандат на функцијата. Министерството за правда на САД обвини повеќе од 300 лица за учество во опсадата во Капитол во која беа убиени пет лица, вклучително и полицаец. Во полициското соопштение се истакнува дека одделот веќе извршил „значајни надградби за безбедноста“ во Капитол, дом на Претставничкиот дом и Сенатот на САД. Нема индикации дека Сенатот или Претставничкиот дом ќе ги променат своите законодавни активности за денеска. Скоро еден век, американските претседатели беа инаугурирани на 20 јануари, вклучувајќи го и Бајден, кој положи заклетва на територијата на Капитол. Претходно, 4 март беше датум на заклетва.

ЕУ предлага компаниите да известуваат за родовиот јаз во платите

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Компаниите кои вработуваат најмалку 250 лица во Европската унија ќе треба да започнат со обезбедување на податоци за разликите во платите според полот, откако е утврдено дека пандемијата на ковид-19 повеќе ги погодила жените отколку мажите. Жените во просек заработуваат 14% помалку во ЕУ, што значи дека два месеци работат бесплатно секоја година во споредба со мажите. Европската комисија, како што е најавено денеска ќе предложи законодавство за зајакнување на транспарентноста на платите, за да се намали таквиот јаз во платите.

Платформа за родова еднаквост до ОЈО: Да се расчисти „Јавна соба“

Тоа ќе им даде на работниците кои аплицираат за работа и оние кои се веќе во работен однос право да бараат информации за очекуваната плата и за тоа како нивната индивидуална плата се споредува со онаа на другите. Предвидени се и казни за компаниите кои го кршат правото на еднаква награда.

Најмалку 38 убиени во протестите во Мјанмар

Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар

Најмалку 38 лица беа убиени во Мјанмар во насилни акции за разбивање на протестите против новоинсталираната воена хунта. Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар, додавајќи дека повеќе од 50 лица починале во изминатиот месец. Многу повеќе се ранети. Сведоците и видеата покажаа дека полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и боева муниција за да ги растера демонстрантите во неколку градови. Мјанмар минува низ секојдневни протести откако војската на 1 февруари стави крај на деценискиот експеримент на нацијата со демократијата.

Жестоки судири на демонстранти со полиција по пучот во Мјанмар

Лидерите на државен удар ја соборија избраната влада и го притворија де факто лидерот на земјата, Аунг Сан Су Ќи и другите членови на нејзината партија. Стотици луѓе се уапсени, вклучително и најмалку шест новинари. Пучот предизвика меѓународни критики и притисок, вклучително и западни санкции кон водачите на хунтата. Британија повика на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации на 5 март, на кој ќе се разговара за Мјанмар. Соединетите држави соопштија дека размислуваат за натамошно постапување против хунтата, додека Европската унија соопшти дека стрелањето врз невооружени цивили претставува јасно кршење на меѓународното право.

Вучиќ: Белград е подготвен за компромиси, признавањето на Косово не е тоа

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Приштина-Белград, Мирослав Лајчак со претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград, 3 март 2021 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Белград е подготвен на „вистински“ компромиси во дијалогот со Приштина, наведувајќи дека признавањето на Косово не може да биде компромисно решение. „Ако кажете дека компромисно решение е признавање, кажете ми што е компромисот. Ако некој рече дека границите се такви како што ги поставуваме, тогаш не гледам желба за компромис“, рече Вучиќ по состанокот со специјалниот ЕУ пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак.

Курти: дијалогот со Белград не е ни прв ни втор приоритет

Тој оцени дека во Приштина има „големи очекувања“ од новата американска администрација во однос на притисокот врз Србија да го признае Косово. „Тие очекуваат дека Србите ќе мора да дадат сè под притисок и тоа нема да се случи. Ако не се подготвени за компромис и ако мислат дека нечие тепање ќе создаде држава за нив, и дека Србите ќе се согласат на тоа, тогаш тоа е сметка без гостилничар“, рече Вучиќ на прес-конференцијата. Според него, Србија ќе се соочи со „сериозни притисоци“ во претстојниот период. Говорејќи на заедничката прес-конференција, Лајчак рече дека разговорите во Брисел се клучни за напредокот на двете страни на европскиот пат, дека статусот кво не е одржлив за ниту еден од нив, како и дека членките на ЕУ очекуваат Белград и Приштина да спроведат сè што е договорено во последниве години десет години.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG