Достапни линкови

Мицкоски- никогаш нема да се договорам со Заев


Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашниот говор пред Јавното обвинителство, каде што заврши протестот на ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече власта мафија, ја обвини дека место правда, донела неправда, а поранешното Специјално јавно обвинителство го нарече „чарлиеви ангели на Заев што ја штитат мафијата“ и затоа рече, ќе одговарале за криминалот.

„Овие два месеци излезе извештај на државна институција ДЗР со кој се констатира дека СЈО, се сеќавате на онаа изјава на Зоран Заев кога вели дека со мене не можел да се договори затоа што претходно се договарал за Пржино, а резултат на Пржино е СЈО со кое што денеска илјадници членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ се тормозат. Ете тоа СЈО украло ваши пари, криминалците од СЈО украле ваши пари 4,6 милиони евра. Тие кои што требаше правда да донесат, крадеа ваши пари, пари на народот, тешко спечалени пари на народот. Е затоа Христијан не се договараше Зоран Заев со тебе, за да нема ново Пржино, за да не може истите тие бандити да украдат нови милиони евра ниту од народот, а ниту од владата. Е затоа јас никогаш нема со тебе да се договорам, ниту за тој договор понижувачки од Преспа, ниту за договорот од Пржино, за да не оставиме на бандитите парите на народот да ги крадат и да не одговараат за тоа“, рече Мицкоски.

Пред него на протестот зборуваа адвокатот Тони Менкиноски од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Ѓошевски, син на Горан Ѓошевски- Леви, шефот на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Неговиот татко е осуден на 15 години затвор поради насилствата во Собраните на 27 април 2017 година. Тој порача дека неговиот татко невин лежен во затвор и побара од Апелациониот суд да ја исправел неправдата, што ако не се случело најави дека ќе ја барале правдата и во судот во Стразбур.

Инаку ова е втор протест на ВМРО-ДПМНЕ со истото мото “против неправдите, реваншизмиот и политичкото насилство”. Почна од пред Министерството за правда, а заврши пред Јавното обвинителство.

XS
SM
MD
LG