Достапни линкови

Белорусија им ги откажа акредитациите на странските новинари


Белоруското Министерство за надворешни работи ги откажа акредитациите на сите странски новинари во земјата, велејќи дека тоа е дел од реформите за регулација на медиумите.

Во денешното соопштение Министерството за надворешни работи наведува дека акредитациите на новинарите кои работат во странски медиуми се сметаат за неважечки и дека доколку сакаат да извадат нови ќе мора повторно да се пријават во обновената комисија за акредитација која ќе започне со работа на 5 октомври.

Според Министерството, со новиот потег на новинарите ќе им се овозможи полесно да стигнат до акредитации. Во меѓувреме, многу меѓународни новински организации, вклучително и Радио Слободна Европа, имаат дописници во Белорусија кои се државјани на Белорусија. Новинари од целиот свет известуваат за тековните протести на опозицијата во Белорусија.

Опозицијата ги оспорува официјалните резултати од претседателските избори на 9 август, на кои Александар Лукашенко прогласи победа. Тие обвинуваат за фалсификување на изборните резултати и велат дека опозицискиот лидер Свјатлана Циханускаја освоила најмногу гласови.

Лукашенко, кој одби да се повлече и ги отфрли повиците на опозицијата за дијалог, самиот во тајност положи заклетва за претседател, што предзвика бес и во земјата и во странство. Западните влади одбија да го признаат Лукашенко за легитимен лидер на Белорусија и го повикаа на мирен трансфер на власта.

XS
SM
MD
LG