Достапни линкови

Прислушуваните сведоци во Таргет -Тврдина бараат отштета


Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска во суд за случајот Таргет - Тврдина, архивска фотографија

На денешното рочиште за случајот Таргет-Тврдина, кој се однесува на масовното прислушување во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеа банкари, бизнисмени, новинари, поранешни разузнавачи, адвокати. Дел од сведоците најавија дека ќе бараат милионски суми отштета затоа што биле прислушувани од 2008 до 2015 години. Некои ќе бараат отштета од државата, а некои од обвинетите ако се докаже дека се виновни.

Извршниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов рече дека нема да бара отштета од државата, но ако се открие кои биле налогодавачите ќе бара отштета од нив, а после ќе ја донира во хуманитарни цели.

Отштета од државата нема да бара ни поранешниот шеф на военото разузнавање, Владимир Пивоваров, но и тој ќе бара отштета од, како што вели, извршителите на делото.

Отштета најавија дека ќе бараат и основачката на туристичката агенија Орфеј, Снежана Јовановска-Трајковска, сопственикот на компанијата „Еуроактива”, Нухи Алиу, потоа вработен во канцеларијата на Совет на Европа во Скопје, Ѓакуш Кабаши, менаџер на приватна агенција за обезбедување Влатко Стефановски, адвокатот Звонко Давидовиќ и други.

Случајот Таргет-Тврдина се однесува на незаконско прислушување на повеќе од 4000 телефонски броеви за кои немало издадено судска наредба да се следат комуникациите. Прислушувањето е правено преку системи за прислушување во УБК. Биле прислушувани над 20 илјади граѓани.

Во овој случај обвинети се поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков, неколку вработени во поранешното УБК, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Јанкулоска која од пред два дена е во затвор на издржување на казна за случајот Тенк, денска во судот беше доведена со лисици на рацете.

Судењето за „Таргет-Тврдина” започна во декември 2017 година, а сега се наоѓа во фаза на доказна постапка.

XS
SM
MD
LG