Достапни линкови

Во Дебар заврши фестивалот „Албански театар во Македонија“


Наградената претстава „Јулие Цезар“

Синоќа во Дебар заврши 19-то издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“ на кој учествуваа седум театри од нашава земја, Албанија и Косово. Фестивалот кој стартуваше на 24 септември се одржа во согласност со мерките и протоколите за заштита од Ковид 19, изјави директорот на фестивалот Илбер Нуредини.

Наградата „Кемал Ајдини“ за најдобра претстава жири комисијата чиј претседател беше актерот Џеват Лимани ја додели на Експерименталниот театар „Кујтим Спахиувогли“ од Тирана за претставата „Јулие Цезар“ од Вилијам Шекспир во режија на Ивица Бујан.

Наградата „Сулајман Питарка“ за најдобра режија на фестивалот ја доби Армандо Бора за режијата на претставата „Тие доаѓаат без да тропнат“. За најдобар актер беше прогласен Роланд Требицка, додека за најдобра актерка Вјолца Бектеши и тројцата од тиранскиот театар „Метропол“.

На затворањето на фестивалот, претседателот на жирито скопскиот актер Џеват Лимани изјави дека сите одлуки за наградите се донесени едногласно од жирито, додавајќи дека овој фестивал е од големо значење за театарската уметност.

Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука на чинот на затворањето истакна дека за градот фестивалот има големо значење и затоа овој драмски фестивал добива подршка и од страна на локалната самоуправа на Дебар.

„И во услови на пандемија со почитување на мерките за заштита од Ковид 19, фестивалот успеа да докаже дека заслужува да опстојува“, нагласи градоначалникот Дука.

Фестивалските претстави во најголемиот дел се одржаа под отворено небо во дворот на деветолетката „Саид Најдени“ и платото на Центарот за култура. Спонзори на фестивалот и оваа година беа Министерството за култура на РС Македонија, Центарот за Култура –Дебар, Општина Дебар и други компании и поединци.

XS
SM
MD
LG