Достапни линкови

ЕУЛЕКС упадна кај косовските ветерани на ОВК, најавени апсења


Припадници на ЕУЛЕКС пред канцеларијата на Ветераните на ОВК во Приштина. 25 септември 2020

Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС влезе денеска во канцелариите на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово и почна претрес (ОВК) во Приштина, јави МИА од Косово.

Агенцијата Косовапрес објави дека вооружени припадници на полицијата го обезбедуваат објектот во кој се сместени ветераните и вршат претрес во нивните канцеларии. Акцијата уследи по вчерашното апсење на поранешниот шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и командант на ОВК, Салих Мустафа, кој е првиот од над 300 осомничени за воени злосторства за време и непосредно по војната во Косово од 1998-99 против кого е официјално подигнато обвинение од страна на Специјализираните комори, односно меѓународниот суд за Косово.

Порталот „Газета експрес“, како што јави МИА, претходно објави дека во текот на денешниот и утрешниот ден се очекуваат нови апсења на поранешни водачи и припадници со обвиненија од трибуналот, чие седиште е во Хаг.

Во изминатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица донесоа бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против лицата осомничени за воени злосторства и со имиња на сведоци испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот.

XS
SM
MD
LG