Достапни линкови

Фетаи: Најстроги казни за Груевски и Јанакиески за „Насилство во Центар“


Архивска фотографија - Поранешниот премиер Никола Груевски со неговиот телохранител пред Суд по одложувањето на едно од рочиштата за „Насилство во Центар“, декември 2017

Никола Груевски и Миле Јанакиески, поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар, треба да бидат најстрого казнети за да се одвратат сите други од такви намери во иднина, рече во завршниот збор обвинителката Фатиме Фетаи, на денешното рочиште за случајот „Насилство во Центар“.

Пред да почне со завршните зборови, Фетаи кажа дека од обвинението се ослободуваат поранешната пратеничка Даниела Рангелова и уште двајца обвинети. Обвинети остануваат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, Александар Трајковски и уште неколкумина, кои се товарат за поттикнување на насилството на протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

На денешното рочиште, обвинителката Фетаи рече дека „од снимените разговори се слуша како првообвинетиот Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Јанакиески побарал да се организира протест на поголема група луѓе пред Општина Центар“.

„Груевски заедно со Јанакиески преку лицето Томислав Лазаров ги поттикнале лицата за градоначалникот Андреј Жерновски да добие неколку шамари и биде исплашен од десетина лица на протест“, рече Фетаи.

Судијата Душко Јосифовски го одложи завршниот збор на второобвинетиот Миле Јанакиески за 28 септември, на барање на одбраната, која тврди дека со измените сега ова бил сосема поинаков обвинителен акт, иако Обвинителството смета дека нема суштински измени.

XS
SM
MD
LG