Достапни линкови

Вести

Времето променливо, попладне разведрување

Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне со повеќе сончеви периоди. Ќе има појава на краткотраен локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец.

Дневната температура ќе се движи од 19 до 30 степени.

види ги сите денешни вести

Нема починати од ковид, 29 новозаразени и 34 оздравени

Armenia-The ministry of Health of Nagorno Karabakh covid-19 test,undated

Во последните 24 часа регистрирани се 29 нови случаи на ковид-19 од направени 2.887 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Од новите случаи, во Скопје се регистрирани 9, во Кичево – 5, Куманово и Тетово – по 4, Прилеп и Охрид – по 2
и Штип и Струмица – по 1.

Нема починати лица, а регистрирани се 34 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 155.568, бројката на оздравени пациенти е 149.676, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 420

Пелони: Сакаме добри односи со соседната земја

Знамиња на Грција и Северна Македонија

Ние сакаме добри односи со соседната земја, порача портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, но и упати повик до нашата земја целосно да го имплементира Договорот од Преспа и да избегнува активности кои би можеле да ги отежнат билатералните односи, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот редовен брифинг, одговарајќи на новинарско прашање во врска со фудбалската репрезентација, но и дали Грција би презела некои дополнителни чекори, Пелони рече дека веќе „беа направени сите неопходни активности“, споменувајќи го писмото од Дендиас до Османи.

Договорот од Преспа во проширените санкции на САД за Западен Балкан

„Грција повикува на целосно и со добра волја имплементирање на Договорот од Преспа, а и во главно избегнување на активности кои би можеле да ги отежнат билатералните односи. Ние сакаме добри односи со соседната земја и ја поддржуваме европската перспектива на земјите од Западен Балкан“, рече Пелони.

Ќе има еколошка такса за нафтените деривати и намалување на ДДВ-то за струјата

Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека ќе има еколошка такса за нафтата од 3,5 денари и намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти. Одлуките, како што изјави, допрва следуваат и се дел од програмата на Владата за екологија.

Со еколошката такса планирано е во Буџетот да се слеат една милијарда 685 милиони денари за едно полугодие или три милијарди и 300 илјади денари за цела 2020 година. Средствата ќе бидат лоцирани во фондовите за инвестиции на обновливите извори на енергија.

И со воведувањето на оваа еколошка такса, како што изјави, остануваме меѓу земјите со најниски цени за нафтата и бензините.

Струјата ќе поскапува, но државата да помогне

„Еколошката такса од 3,5 денари на нафтата е со порака да се откажеме од нафтата и нафтените деривати и помало нивно користење за да преминеме на користење на зелена енергија, односно да се движиме почесто со велосипед, тротинет и електрични возила затоа што тоа го прави цел свет. Преку една ваква еколошка такса, средствата ги лоцираме директно во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, но истовремено и за амортизација при либерализацијата на пазарот на струјата“, истакна Заев, одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето на договорите за инфраструктурни проекти за 23 општини.

Намалувањето на ДДВ-то на струјата се планира околу 1 јули и според премиерот тоа ќе важи до 1 јули 2022 година кога ДДВ-то ќе биде 10 проценти до 1 јули 2023 година и кога повторно ќе се врати на 18 проценти.

УЕФА ќе поведе истрага за наводните навреди на Арнаутовиќ спрема Алиоски

Навивачи го следат натпреварот Македонија-Австрија во еден скопски ресторан

Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ги истражи тврдењата дека репрезентативецот на Австрија Марко Арнаутовиќ го навредувал на национална основа македонскиот фудбалер Езгјан Алиоски за време на натпреварот на Европското првенство.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) синоќа побара од УЕФА најстрого да го казни Арнаутовиќ поради инцидентот што го предизвика во финишот на неделниот натпревар против македонскиот национален состав во Букурешт.

Арнаутовиќ со својот гол во 89. минута стави печат на триумфот на Австрија од 3:1, по што беше снимен од една од камерите крај теренот како со погрдни зборови се обраќа кон македонскиот репрезентативец Алиоски.

ФФМ соопшти дека „најостро го осудува националистичкиот испад“ на Арнаутовиќ, упатен кон Алиоски.

Од своја страна, Арнаутовиќ се извини за вербалниот инцидент, порачувајќи дека „не е расист“.

Според дисциплинскиот правилник на УЕФА, за навреди на расна и етничка основа фудбалер може да добие казна од најмалку 10 натпревари неиграње.

Вучиќ: Апсолутно за ништо не се согласив со Курти, дијалогот продолжува во јули

Александар Вучиќ и Албин Курти на средбата во Брисел

Следната рунда разговори на највисоко политичко ниво меѓу Србија и Косово ќе се одржи во јули, потврди српскиот претседател Александар Вучиќ на крајот од состанокот во Брисел, на кој присуствуваше и косовскиот премиер Албин Курти. Вучиќ рече дека „со Курти не се согласил апсолутно за ништо“.

„Косовската делегација не се согласија за ништо, апсолутно за ништо“, рече Вучиќ пред новинарите по состанокот со Курти, оценувајќи ја средбата како различна.

„Тие не сакаат воопшто да разговараат за Заедница на српски општини. Второ, тие побараа од нас итно да кажеме кога ќе ја признаеме независноста на Косово. Трето, тие го нарекуваат инцидент и провокација тоа што Србите сакаат да присуствуваат на литургиите во црквите во Косово, бидејќи земјиштето на тие цркви е дадено за време на владеењето на Слободан Милошевиќ “, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија додава дека ќе мора да разговара со Србите од Косово затоа што е многу исплашен.

Вучиќ: Нема да биде лесно во Брисел

„Видов со колку неодговорност ќе треба да се соочиме во иднина, исплашен сум затоа што некој е многу неодговорен. Ние сме подготвени да го прифатиме секој датум и ден и нема ништо поважно од обезбедувањето безбедност за нашиот народ во Косово. Дали наскоро гледам посериозен напредок, на ваков состанок не сум присуствувал. Не изговорив навреди, дали бев релативно остар – не можете да бидете остри ако среде проблемот со исчезнати некој ви каже дека Вељко Одаловиќ е Геринг и Гебелс, одговорив остро, но не ја преминав границата “, вели Вучиќ, додавајќи дека Курти дошол „за да не се договори“.

„Тој дојде да праша кога ќе го признаете Косово. Мојот одговор е – никогаш“, рече претседателот на Србија посочувајќи дека тоа многу го вознемирило Курти.

Три и пол години затвор за актерката Силвија Стојановска

Силвија Стојановска пред суд

Актерката Силвија Стојановска е осудена на казна затвор од три и пол години, а Воислав Будисавјевиќ на седум години затвор, откако денеска Кривичниот суд беа прогласени за виновни по обвинението за транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија, објавуваат медиумите повикувајќи се на Кривичниот суд.

Стојановска до правосилноста на пресудата ќе остане на слобода бидејќи ѝ е укинат куќниот притвор и за неа е одредена мерка на претпазливост. А Будисавјевиќ до правосилноста на пресудата ќе остане во притвор.

Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.

Актерката Стојановска се изјасни за невина за случајот со 700 кила кокаин

МВР за шверцот на кокаин - Стојановска помагала

Од истрагата, Обвинителството утврдило дека обвинетите меѓусебно комуницирале со користење телефонски мобилни уреди и мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.

Стојановска и Будисављевиќ беа приведени на крајот на декември минатата година.

Кина ја осуди изјавата на НАТО за Пекинг како „системска закана“

Кина го обвини НАТО за клевета, откако лидерите на Алијансата предупредија на „системски предизвици“ што доаѓаат од Пекинг.

Кинеските акции, вклучително и проширувањето на нуклеарниот арсенал, го загрозија „меѓународниот поредок заснован на правила“, наведува НАТО. Ова е прв пат Алијансата да ја стави Кина во центарот на својата агенда.

Во својот одговор, Кина рече дека нејзината одбранбена политика има „одбранбена природа“ и го повика НАТО „да посвети поголема енергија за унапредување на дијалогот“.

„Нашата потрага по одбрана и воена модернизација е оправдана, разумна, отворена и транспарентна“, се вели во соопштението на кинеската мисија во Европската унија.

Во него се додава дека НАТО треба да гледа на развојот на Кина на „рационален начин“ и „да престане да ги зема легитимните интереси и права на Кина како изговор за манипулирање со блок-политиките, создавање конфронтација и поттикнување на геополитичка конкуренција“.

Бајден - Членот 5 на НАТО е „света обврска“

Веќе не е застарен? Првиот самит на НАТО со Бајден

Изјавата на НАТО дојде на крајот на еднодневниот самит во Брисел во понеделникот, на кој Џо Бајден присуствуваше за прв пат како претседател на Соединетите држави.

Моќниот политички и воен сојуз меѓу 30 европски и северноамерикански држави ја гледаат Русија како главна закана, а Бајден утре се среќава со рускиот претседател Владимир Путин во Женева.

Пристигнаа 20.000 вакцини „Астра Зенека“ од Грција

илустрација

Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека пристигна донацијата од 20.000 дози вакцини „Астра Зенека“ од Грција.

„Денеска од нашите пријатели од Владата на Република Грција ја примивме донацијата од 20.000 дози вакцини „Астра Зенека“. Оваа поддршка од грчката Влада, амбасадорот на Република Грција, Русос Кундурос и грчкиот народ се од голема важност за нас, за што им изразувам благодарност“, посочува Филипче.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на крајот од мај од Брисел најави дека се разгледува можноста за директна билатерална помош за соседните земји, а неколку дена подоцна министерот Филипче соопшти дека Северна Македонија очекува 70.000 дози вакцини, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција.

Ковид-пасошот само за по дома

Портпаролката на грчката Влада, Аристотелиа Пелони на почетокот на месецов, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на редовниот брифинг со новинарите, потврди дека Грција во координација со Европската комисија, ќе испрати по 20.000 дози од вакцините за Северна Македонија и Албанија. Вакцините од Атина за Тирана беа испратени вчера.

Од денеска бесплатна патарина за српските туристи

Граничниот премин Табановце

Владината одлука за бесплатна патарина за српските граѓани стапува во сила денеска, а ќе важи до 15 август и е донесена во занк на благодарност на Србија за вакцините што и ги дадоа на земјава, но и бесплатното вакцинирање на македонски граѓани таму.

Патниците од Србија, кои со автомобил доаѓаат во земјава, на граничниот премин „Табановце“ ќе добијат м-смарт картичка со која ќе може бесплатно да поминуваат на патарините до граничниот премин со Грција. На картичките има кредит од 760 денари, колку што е потребно за поминување на Коридор 10 во двата патни правци. Изработени се веќе 65 илјади картички и му се предадени на МВР кое ќе издава по една за секој автомобил.

АА и Алтернатива со иницијатива до Уставен суд за бесплатната патарина за српските државјани

За оваа намена Владата издвои 172 милиони денари за набавка на 200 000 картички кои ЈП за државни патишта ќе ги изработува сукцесивно.

Српските државјани ќе можат да ги искористат бесплатните патарини до 15 август, но м-картичките ќе можат да ги задржат и понатаму да ги користат со надополнување кредит од најмалку 300 денари.

Локалните избори на Косово распишани за 17 октомври

Претседателката на Косово Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ги распиша локалните избори во Косово за 17 октомври, објавија денеска од нејзиниот кабинет додавајќи дека таквата одлука е донесена по консултациите со политичките субјекти на 2 јуни.

Со истата одлука, претседателката Османи нареди Централната изборна комисија (ЦИК) да ги преземе сите неопходни активности за организирање и одржување на локални избори во согласност со важечките закони.

Во Брисел разговори меѓу Вучиќ и Курти

Ден претходно Османи ја разреши претседателката на Централната изборна комисија, Ваљдете Дака, со образложение дека ги нарушила независноста и интегритетот на ЦИК. На нејзината позиција е именуван Крешник Радониќ, судија во Специјалното одделение на Апелациониот суд.

„Во многу ситуации, претседателот на ЦИК не успеа да биде независен, со што се спречи потребната рамнотежа во тоа тело. Всушност, во некои случаи, однесувањето на претседателот на ЦИК било исто како и однесувањето на некои претставници на политичките партии “, се наведува во одлуката со која е заменета Дака.

Оваа одлука на претседателката на Косово беше оспорена од граѓанскиот сектор во Косово, наведувајќи дека тоа е „политички мотивирана одлука“ и резултат на промената на владата на Косово по последните парламентарни избори.

Во Израел веќе не се задолжителни маските на затворено

Министерството за здравство на Израел објави дека од денеска веќе не важи обврската за носење заштитни маски во затворен простор.

Како што е наведено, постојат три исклучоци, па вработените и посетителите на домовите за стари лица, социјалните институции кои не биле вакцинирани или немале коронавирус, како и оние кои одат во карантин и патници во авиони мора да продолжат да носат маски.

Доколку трендот на болеста продолжи да опаѓа и успее кампањата за вакцинација за деца на возраст од 12 до 15 години, која започна минатата недела, ќе се разгледа и обврската за укинување на маските во училиштата.

Израел од мај би можел да вакцинира и деца од 12 до 15 години

Покрај тоа, списокот на земји од кои патниците мора да бидат ставени во карантин 10 дена по пристигнувањето ќе продолжи да се објавува. Во Израел, повеќе од половина од населението од околу девет милиони жители ги прими двете дози на вакцината на Фајзер/Бионтек.

Во ковид центрите во земјава се лекуваат 96 пациенти

Ковид-19 центар во Скопје

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 96 и има околу 460 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму потсетуваат дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 66 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во Скопје има хоспитализирано еден нов пациент, а се лекуваат 30 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19.

Четворица новозаразени со Ковид19, еден починат во последните 24 часа

Од ресорното министерство информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Заев: Нема алтернатива, ниту план Б за ЕУ

Премиерот Зоран Заев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел

Премиерот Зоран Заев изјави дека за Северна Македонија нема ниту план Б, ниту алтернатива за ЕУ, додавајќи дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија иако не се преголеми очекувањата дека во јуни ќе се најде решение.

„Нема ниту план Б, ниту алтернатива за ЕУ, самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија, не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата и да ја донесеме Европа во Северна Македонија,“ вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА.

Средба Заев-Радев: Отворените прашања да бидат решени низ дијалог

Премиерот нагласува дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија.

„На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенија конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки“, вели премиерот.

Премиерот истакнува дека во рамките на тие напори до крајот на оваа недела ќе ја посети Софија.

Швајцарија го ограничува воздушниот простор за време на самитот Бајден-Путин

Вилата Ла Гранж каде што на 16 јуни 2021 ќе се одржи средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, Женева, 4 јуни 2021 година

Швајцарските власти донесоа одлука за привремено ограничување на употребата на воздушниот простор над Женева и распоредување на 3.000 војници и полиција како дел од дополнителното обезбедување за самитот на рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џо Бајден в среда, 16-ти јуни. Наведено е дека ограничувањето на воздушниот простор, кое ќе биде на сила од денеска во 8,00 часот до четврток во 17,00 часот, нема да важи за комерцијални летови од и до аеродромот во Женева.

Бајден сам ќе одржи прес конференција по средбата со Путин во Женева

Стефан Тејмер, потпретседател на Федералната полиција и шеф на Федералната служба за безбедност, рече дека нема индикации за закана за самитот, но рече дека „заканата од тероризам останува голема во Швајцарија и Европа“. Локалните власти објавија дека самитот ќе се одржи во вила од 18 век сместена во еден од најубавите паркови со поглед на Женевското езеро.

Унгарците протестираа против сузбивањето на правата на ЛГБТ групите

Протест во Будимпешта, 14.06.2021.

Илјадници Унгарци протестираа пред парламентот во Будимпешта против законодавството што забранува дискусии за хомосексуалноста или промената на полот во училиштата. Премиерот Виктор Орбан станува се повеќе радикален во неговата социјална политика, спротивставувајќи се на имигрантите и на ЛГБТ луѓето во неговиот самонаречен „илиберален режим“, кој длабоко ја подели земјата.

Референдум во Унгарија за кинескиот универзитет

Вториот протест овој месец по повеќе од една година пауза поради коронавирусот покажа дека Орбан не е без опозиција.Владата на Орбан го редефинираше бракот во уставот како заедница помеѓу еден маж и една жена. Исто така, го забранија правниот статус за трансродовите лица. Владејачката партија Фидес го прифати предлогот со кој се забрануваат училишни разговори за ЛГБТ прашања како што се промена на полот.

Бајден: евентуалната смрт на Навални ќе ги „наруши“ односите на Русија со светот

графити со Алексеј Навални во Женева

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека доколку затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални умре тоа ќе биде „трагедија“ што ќе ги наруши односите на Русија со Соединетите држави и остатокот од светот. Бајден беше прашан за потенцијалната смрт на Навални на 14 јуни за време на прес-конференцијата во седиштето на НАТО во Брисел, која опфати уште неколку теми пред неговиот претстоен самит со рускиот претседател Владимир Путин. „Смртта на Навални ќе биде уште еден показател дека Русија има малку или воопшто нема намера да се придржува до основните основни човекови права, тоа би било трагедија, и ќе ги повреди односите со остатокот од светот и мене“, рече Бајден.

Навални од болница вратен во затворот

Навални беше цел на напад со труење во минатата година, за кој тој и неговите приврзаници рекоа дека бил нарачан од Путин. Федералната служба за безбедност и Кремљ негираат каква било улога во труењето. Во април, Навални започна 24-дневен штрајк со глад што предизвика стравување дека може да умре. Тој го заврши штрајкот со глад на 23 април и минатата недела беше префрлен од затворската болница назад во неговата ќелија. За време на прес-конференцијата, Бајден беше запрашан за спецификите на агендата на самитот на 16 јуни со Путин во Женева, но тој не сакаше да даде ниту да процени каков ќе биде успехот на самитот.

Османи во Братислава ќе ја отвори новата македонска амбасада

Бујар Османи на самитот на Берлинскиот процес

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Словачка по повод официјалното отворање на Амбасадата на Република Северна Македонија во главниот град Братислава, соопшти МНР. Амбасадата ќе биде официјално отворена и на неговиот словачки колега, министерот за надворешни и европски работи Иван Корчок.

Германија и Словачка бараат Скопје и Тирана заедно да ги почнат преговорите со ЕУ

Како што соопшти МНР, за време на овој свечен настан, двајцата министри ќе имаат можност, покрај билатералните односи да разменат мислења и за европското досие на земјава, со фокус кон можностите и поддршката за реализација на одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговорите, со одржување на првата меѓувладина конференција.

Словенија денеска прогласува крај на епидемијата на коронавирус

илустрација

Во изминативе денови во Словенија се регистрирани само 24 нови случаи на коронавирус од 1.023 тестирани лица, што е 2,3 проценти од позитивните резултати. Поради овој резултат, владата на Словенија одлучи да не ја продолжи состојбата на епидемијата од денеска, 15 јуни, но уште некои епидемиолошки мерки ќе останат на сила.

Падна бројката на ковид пациенти, но расте на оние со пост-ковид последици

Додека Словенија не влезе во „зелената фаза“ според критериумите на Европскиот центар за контрола на болести, што се очекува кон крајот на јуни или почетокот на јули, носењето маски во затворен простор и понатаму ќе биде задолжително. Ограничувањето на бројот на присутни во затворено, исто така, ќе остане на сила. Сè уште ќе бидат потребни посебни услови за присуство на концерти и други настани, како што се негативен тест за коронавирус или доказ за вакцинација. Владата го повтори својот апел до сите кои сè уште не биле вакцинирани да го сторат тоа, затоа што сега има доволно вакцини.

Самит ЕУ-САД во Брисел

Претседателот на САД Џо Бајден и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел позираат за семејна фотографија за време на самитот на Г7 во Корнвол, Британија, 11 јуни 2021 година

ЕУ и САД денеска во Брисел ќе одржат самит. ЕУ ќе ја претставуваат претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, додека САД ќе ги претставува претседателот Џо Бајден. Од лидерите се очекува да се осврнат врз широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи за пандемијата со ковид-19, климата, трговијата и инвестициите и надворешните работи. На крајот од самитот, лидерите се очекува да усвојат заедничка изјава.


Џонсон - Односите меѓу Британија и САД се неуништиви

На 10 и 11 декември 2020 година, Европскиот совет одржа дискусија за односите меѓу ЕУ и САД. Во своите заклучоци, лидерите ја истакнаа важноста на силното стратешко трансатлантско партнерство засновано врз заеднички интереси и споделени вредности.

Во Брисел разговори меѓу Вучиќ и Курти

Премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ

Премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе се состанат денеска во Брисел во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија.
Ова ќе биде прва средба меѓу Курти и Вучиќ во контекст на дијалогот на Европската унија за нормализирање на односите. Средбата ќе биде со посредство шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. Борел и Лајчак најпрвин посебно ќе разговараат со Курти, а потоа и со Вучиќ за да видат кои се нивните предлози за продолжување на дијалогот.

Вучиќ: Нема да биде лесно во Брисел

Курти деновиве изјави дека оваа средба ќе се искористи за дискутирање на иднината на дијалогот, сугерирајќи дека нема да биде продолжение на претходните разговори за нормализирање на односите меѓу двете земји. Вучиќ пак, оцени дека разговорите со Приштина во Брисел нема да бидат лесни и оти „ситуацијата не е розова“. Пред оваа нивна средба во Брисел, двајцата лидери се состанаа со Лајчак и заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, за да разговараат за тоа како ќе се одвива дијалогот.

Кратка средба на Заев со Бајден

Премиерот Зоран Заев, пристигнува на самитот на НАТО во седиштето на НАТО во Брисел, на 14 јуни 2021 година

Премиерот Зоран Заев изјави дека на маргините на самитот на НАТО накусо се сретнал со американскиот претседател Џо Бајден, наведува МИА од Брисел. „Имавме прилика да поразговараме, разговорите беа прво за нашата енергетска поврзаноста, којашто ја правиме заедно преку проектот Александрополи, тоа е американско-грчки-македонски проект, но поразговаравме и за неговата посета на Западен Балкан. Ја искористив приликата да го поканам, секако тој позитивно искоментира, кажувајќи ми дека го знае Западен Балкан, работел за Западен Балкан, ја има целата поддршка на САД и секако во неговата агенда ќе планира некоја посета. Позитивно беше што беше информиран и веднаш честиташе за нашето членство во НАТО, изјави Заев за МИА, додавајќи:

Стејт департмент: САД поддржуваат преговори на С.Македонија со ЕУ

„Навистина разговорот беше пријатен како земји стратешки партнери во делокругот на вредностите, на демократијата, на напредувањето на сето она што значи квалитетен живот овде во Северна Македонија. Затоа што навистина Америка тоа го правела сите овие 30 години независност во нашата поддршка, а за мене и за нашиот народ е важно да продолжи таа поддршка. Премиерот оствари низа други билатерални средби со лидерите на земјите членки на НАТО на овој самит, кој е и првиот за Северна Македонија откако таа е полноправна членка на Алијансата.

Времето денеска: сончево со мала облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, најизразен долж Повардарието. Дневната температура ќе биде од 16 до 27 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 24 степени.

Средба Заев-Радев: Отворените прашања да бидат решени низ дијалог

Премиерот Зоран Заев на средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев по завршувањето на Самитот на НАТО во Брисел.

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска на НАТО Самитот 2021 во Брисел оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на која во фокусот била „перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, а било договорено и Заев оваа недела да ја посети Софија, соопшти македонската Влада.

Радев ја подвлекол „принципиелната и континуирана поддршка“ на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кој ќе бидат разрешени отворените прашања и меѓусебните односи, се вели во владиното соопштение.

На средбата присуствувале и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Бугарија, Ѓеорги Панајотов.

Во соопштението на Владата се вели дека Радев и Заев го истакнале „позитивниот знак во односите меѓу двете земји“ кој бил постигнат за врме на заедничката посета во мај меѓу Радев и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Инаку, денеска во Брисел се одржа Самитот на НАТО 2021, што беше прв на кој учествуваше Северна Македонија како земја членка на Алијансата.

На средбата меѓу Заев и Радев била истакната и заедничката волја за постигнување на одржливи резултати во градењето на добрососедски односи на Бугарија со Северна Македонија, се вели во владиното соопштение во кое се додава дека дел од разговорите била и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната.

„На средбата беше договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела“, се вели во Соопштението.

На 23 јуни треба да се одржи самит на ЕУ на кој ќе се разгледува можноста за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија, во услови кога членката на блокот Бугарија го блокира почнувањето на процесот со С.Македонија.

Путин негира дека Русија извршила сајбер напад кон САД

РУСИЈА - Новинарот на Ен-Би-Си Кир Симонс разговара со рускиот претседател Владимир Путин во интервју емитувано на 14 јуни 2021 година.

Рускиот претседател Владимир Путин го оцени како „гротескно“ мислењето дека Москва води сајбер војна против САД во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си објавено денеска, во пресрет на средбата со неговиот американски колега Џо Бајден во Женева.

„Тие нè обвинуваат за секакви работи, како мешање во изборите, сајбер напади“, рече рускиот претседател и додаде дека „тие никогаш не се обиделе да дадат ни најмал доказ за тоа“.

Неколку големи американски компании, како гигантот за месо ЏБС или операторот на големиот американски нафтовод „Колонијал пајплајн“ неодамна беа мета на сајбер напади кои им се припишуваат на групи хакери со седиште во Русија.

Бајден на почетокот на јуни рече дека не исклучува возвратни мерки против Русија по хакирањето на ЏБС, а Белата куќа потврди дека ќе дискутира за американската загриженост околу тоа на самитот со Путин на 16 јуни во Женева, што е прв состанок на двајцата претседатели.

Во интервјуто рускиот претседател зборуваше и за можната за размена на затвореници меѓу Русија и Соединетите држави и рече дека е отворен за таква можност.

„Да, да, секако“, рече тој на прашањето за можното истовремено ослободување на Американците затворени во Русија, Пол Вилан и Тревор Рид и Русите кои се во притвор во САД.

Протест на ВМРО-ДПМНЕ: Владата и МНР да кажат за што преговараат

Архива - Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест прд Министерството за надворешни работи. Протестот се одржа во пресрет на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи закажана за среда во 15 часот со која претседава пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата бара МНР и Владата да објават за што конкретно се преговара за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Од седницата в среда бараме конкретни информации од министерот Османи, да го сослушаме и да видиме што има да ни каже нам, како претставници на народот во тој Парламент, околу тоа за што и како преговараат. Според Устав, Македонија е независна и суверена држава и секој што ќе се одлучи ова да го прекрши, односно ќе се обиде за дел од таа декларација на Бугарија, ќе значи дека го нарушува Уставот и за тоа еден ден секако ќе одговара“, изјави на протестот пратеничката Дафина Стојановска.

Инаку шефот на дипломатијата Бујар Османи соопшти дека ќе одговори на барањето на опозицијата да присуствува и да реферира по единствената точка од дневниот ред – Разгледување на прашањето за почеток на пристапните преговори со ЕУ за време на португалското претседателство, а во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.

Минатата недела ВМРО-ДПМНЕ блокираше крстосници во центарот на Скопје, а Извршниот комитет на партијата викендов одлучи да протестираат денеска и утре од 17 до 19 часот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG