Достапни линкови

Димитров - Рот: Преговорите меѓу врвните приоритети


Македонскиот вицепремиер Никола Димитров и германскиот министер за Европа, Мајкл Рот, на денешната средба во Брисел (22 септември 2020)

Северна Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, му рекол денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на германскиот министер за Европа, Михаел Рот, за време на нивната средба при првата посета на шефот на македонската дипломатија на Брисел по формирањето на новата Влада.

Димитров го информирал Рот за приоритетите на македонската Влада во областа на евроинтеграциите и потенцирал дека „пристапниот процес е најдобрата алатка европските стандарди и принципи да ги воведеме дома“, јави МИА од Брисел.

Рот потврдил дека Северна Македонија останува приоритет за германското претстедателство.

„Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, почетокот на пристапните преговори, е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ“, истакнал Рот.

Германскиот министер за Европа престојува во Брисел каде учествува на министерскиот состанок за општи работи на ЕУ. Иако Северна Македонија не е денеска формално на дневен ред, министрите се тие кои одлучуваат за усвојувањето на преговарачката рамка.

Вицепремиерот Димитров во Брисел денеска ќе се сретне и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, како и со потпретседателот на Европската Комисија задолжен за миграциски политики, Маргаритис Схинас, а планирана е негова посета на Берлин следната недела, информираа од неговиот кабинет.

XS
SM
MD
LG