Достапни линкови

Прекината изградбата на пругата Куманово-Бељаковце


Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски

Изградбата на железничката пруга Куманово-Бељаковце е прекината и тоа е главната причина што е слаба реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски, изјави на денешната прес конференција министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

„Направив првично скенирање на состојбите. Потфрлањата се на железничкиот Коридор 8, односно пругата Куманово-Бељаковце. Но, има висока реализација кај станбените згради и гасификацијата. Ќе се отстранат сите изместувања на трасата и реализацијата кај двата крака од гасификацијата брзо ќе продолжат“, рече Бочварски.

Поради слабата реализација на пругата Куманово-Бељаковце, односно кај Коридорот 8, таму и ќе бидат најголемите кратења со ребалансот на буџетот, за кој подетаљни информации ќе има на крајот на овој месец.

„Тука има застој, дел од средствата не се реализирани. Таму имаме проблем со изведувачот, пред да дојдам во Министерството за транспорт имаше испратено допис со кој изведувачот бара раскинување на договорот и случајот ќе оди на арбитража“, рече Бочварски.

Додека, пак, вели министерот, кај ремонтите на железницата на Коридор 10 е добра реализацијата.

XS
SM
MD
LG