Достапни линкови

Шахпаска: градинките се отворени, родителите може да одат на работа


Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика

Бесмислено е родителите на деца до 6 години да седат дома кога градинките се отворени, изјави на денешната прес конференција министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа посочи дека вчерашната владина одлука, од 23 септември да се вратат на работа родителите кои користеле мерки на Владата за заштита од ковид-19, се однесува на оние кои имаат деца од 0 до 6 години и на мајките на кои им било продолжено породилното боледување. Потсети дека родителите на деца од 6 до 10 години се вратени на работа со одлука на Владата уште на 7 јули.

„Доколку оваа категорија родители седат дома, тогаш отворањето на градинките ја губи смислата. Родителите беа ослободени од работа затоа што се затворија градинките, но сега повторно се отворени. Мајките на кои им завршило породилното боледување не се ризична група, а градинките згрижуваат деца и во јасли. Во градинките има места за децата. Нашите анализи покажаа дека голем број од родителите ги запишале децата, а пак не ги носат во градинка“, рече Шахпаска.

Во меѓувреме мајките кои се на породилно отсуство најавија дека в четврток ќе протестираат пред владата откако вчера беше одлучено од 23 месецов да се вратат на работа. Барањата на мајките се породилното да се продолжи до крајот на годинава како што првично беше најавено.

Мајките на породилно на протест поради враќањето на работа

Инаку денеска во градинката „13 Ноември“ се појави и прв случај на дете зарзено од Ковид 19. Министерката информираше дека откако се појавило ковид-позитивно дете во градинка во Центар, целата група од јасли кои биле заедно со детето во градинка, како и воспитувачката и негувателката се ставени во самоизолација. Таа појасни дека детето било во градинка само еден час, првиот ден кога се отворија градинките, со цел адаптација, а следните денови родителите не го носеле.

XS
SM
MD
LG