Достапни линкови

Бугарски политичар осуден на 4 години затвор за изнуда


Веселин Марешки

Бугарскиот суд денеска го осуди лидерот на партијата „Волја“, Веселин Марешки на четири години затвор за изнуда и парична казна од 4000 евра. Но, тој изјави дека е невин и дека ќе поднесе жалба против пресудата. Марешки е и заменик претседател на бугарскиот парламент, а неговата партија честопати ја поддржува Владата во Парламентот.

Судот во градот Варна ја поништи претходната пресуда со која Марешки беше ослободен од обвинението. Тој и Красимира Колева се виновни бидејќи во 2014 година се заканиле дека ќе уништат ресторан на бизнисмен, ако тој не плаќа месечно по 10.000 лева или 5000 евра. Колева е осудена на 3 и пол години затвор и парична казна од 3000 евра.

53 годишниот Марешки е сопственик на ланец аптеки и бензински пумпи. Тој порача дека нема намера да оди во затвор за нешто што не го направил.

„За жал, во време кога нашата земја е обвинета дека е неуспева да ги затвори корумпираните политичари и олигарси, очигледно некој одлучил дека е добро време да се потенцира мојот случај“, рече тој.

Бугарија е рангирана како најкорумпирана членка на Европската унија. Илјадници граѓани бараат оставка од премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев на секојдневните протести против корупцијата кои започнаа минатиот месец.

XS
SM
MD
LG