Достапни линкови

ОН ќе одржат итна дебата за Белорусија


Протестите во Белорусија на 13 септември.

Советот за човекови права на ОН во петок ќе одржи итна дебата за состојбата со човековите права во Белорусија додека во земјата продолжуваат протестите за оставка на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Дваесет и пет претежно западни земји на Советот гласаа за предлогот поднесен од Германија во име на Европската унија. Венецуела и Филипини се спротивставија на дебатата, а 20 земји беа воздржани.

Белорускиот амбасадор Јуриј Амбражевич се спротивстави на таквиот чекор и го опиша како „форма на директна интервенција во внатрешните работи на суверена држава“ од земјите на ЕУ.

Обраќајќи се на Советот за човекови права, шефицата за човекови права на ОН, Мишел Башелет рече дека нејзината канцеларија добива „алармантни извештаи за тековната насилна репресија на мирните демонстрации“ во Белорусија.

„Сите обвинувања за тортура и други форми на лошо постапување од страна на безбедносните сили треба да бидат документирани и истражени, со цел да се изведат сторителите пред лицето на правдата“, додаде таа.

Протестите траат повеќе од еден месец. Тие почнаа по изборите на 8 август, на кои, според официјалните резултати, Лукашенко оствари право на шести мандат, освојувајќи над 80 отсто од гласовите.

XS
SM
MD
LG