Достапни линкови

Израелски министер поднесе оставка поради очекуваните мерки за изолација за верските празници


Плажа во Тел Авив

Израелскиот министер за градежништво Јаков Лицман од верската партија Обединета Тора јудаизам денеска поднесе оставка во знак на протест против очекуваната одлука на владата да воведе мерки за општа изолација за време на претстојните верски празници.

Лицман, кој е поранешен министер за здравство, долго време се заканува дека ќе поднесе оставка ако се донесе таква мерка, а исто така најави дека неговата партија може да ја напушти владината коалиција, наведуваат израелските медиуми.

Во писмото до премиерот Бенјамин Нетанјаху, Лицман наведува дека мерките за изолација за време на еврејската Нова година и Денот на покајание Јом Кипур, ќе ги спречат верниците, вклучително и десетици илјади Евреи кои не влегуваат во синагога во поголемиот дел од годината, да присуствуваат на најважните и добро посетени верски служби.

Лицман и самиот беше заразен со коронавирус во април, а беше фатен и како присуствува на молитва во група поголема од 10 луѓе, и покрај забраната за такви собири.

Мерките беа одобрени од таканаречениот коронавирус кабинет во четвртокот, а со нив се предвидува нова изолација од 18 септември во 6 часот. Училиштата ќе бидат затворани два дена порано и нема да работат две недели. Ако мерките бидат усвоени, на поголемиот дел од граѓаните ќе им биде дозволено да се оддалечуваат само 500 метри од дома, освен ако купуваат храна или лекови. Продавниците кои не продаваат есенцијални производи ќе бидат затворени, но ќе може да доставуваат стоки. Рестораните исто така ќе може само да испорачуваат јадење, додека на работните места ќе може да доаѓаат само 30 отсто од вработените, освен кога се работи за важни работи.

Министерството за здравство денеска соопшти дека во изминатото деноноќие се регистрирани 2715 нови случаи на коронавирус во земјата и дека од почетокот на пандемијата има скоро 154 илјади заразени и над 1100 починати.

XS
SM
MD
LG