Достапни линкови

Позитивни на ковид-19 седум бегалци и мигранти во новиот привремен камп на Лезбос


Мигранти спијат на улиците на Лезбос откако изгоре кампот Морија

Од 300 направени тестови за ковид-19 на бегалците и мигрантите на Лезбос, при нивниот влез во новиот привремен камп во Кара Тепе, позитивни се резултатите на седум од нив, од кои двајца се од веќе потврдените случаи пред пожарот во Мориа, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката Влада обезбеди брзи тестови за ковид-19, а дел од нив се користат на Лезбос, односно се тестираат сите бегалци и мигранти при влезот во новиот привремен камп. Меѓу првите потврдени случаи се и два од 35-те кои беа регистрирани пред двата пожари во Мориа, а подоцна, по евакуацијата на кампот, „се загубија“ на улиците на островот заедно со останатите над 12 илјади бегалци и мигранти.

Од вчера започна сместувањето на семејствата со деца и на ранливите категории, во новиот привремен камп, а сите што влегуваат, прво се регистрираат, а потоа се тестираат за ковид-19, додека пак шаторите се поделени според националноста.

Новиот привремен камп, според грчките медиуми ќе прими околу 3.000 лица. Грчките власти уверуваат дека новиот камп ќе биде спремен за пет дена, додека мигрантите повторно протестираат барајќи да им биде дозволено да заминат од Лезбос.

Мигрантскиот камп Морија на Лезбос изгоре пред неколку дена, а мигрантите во изминатите денови спијат по улиците.

XS
SM
MD
LG