Достапни линкови

Бугарската социјалистичка партија по првпат избира претседател на директни избори


Актуелната лидерка на БСП Корнелија Нинова

Членовите на Бугарската социјалистичка партија (БСП) денеска гласаат за претседател на партијата, што е првпат во поновата историја социјалистите да изберат шеф на партијата преку директни избори на членството.

Од прес-центарот на БСП информираа дека според податоците на партиските општински изборни комисии од 235 општини, излезноста до 11 часот е 35,72 отсто.

Сепак, Централната изборна комисија на партијата сè уште не знае точно колку луѓе имаат право на глас. Едно од главните прашања е токму бројот на социјалисти. Од избирачките списоци на социјалистите веќе се избришани членовите кои починале, ја напуштиле или се отстранети од партијата. Сепак, Централната комисија за непосредни избори не побара информации од општинските комисии за конечниот број на локални гласачи, посочуваат бугарските медиуми.

Според првичните оценки, станува збор за околу 80 илјади социјалисти, а за изборите за шеф на партија да бидат регуларни, треба да гласаат најмалку 50 отсто од нив.

Во трката за претседател останаа четворица кандидати – сегашната лидерка Корнелија Нинова, сега веќе нејзиниот поранешен партиски заменик Кирил Добрев, пратениците Валери Жабљанов и Красимир Јанков. Жабљанов и Јанков повикаа на бојкот на гласањето. Претходно оваа недела, Георги Тодоров се повлече од трката и неговата регистрација беше избришана.

XS
SM
MD
LG