Достапни линкови

Ден на независноста- честитки и ветувања за подобар живот


Скопје- премиерот Зоран Заев на централната прослава на Денот на независноста, 08.09.2020

Премиерот Зоран Заев денеска, на централното чествување на Денот на независноста 8 септември, кое се одржа пред Владата, осврнувајќи се на изминатиот, како што рече, турбулентен период, но и на претстојните предизвици, приоритети и определби, наведе дека земјава ќе продолжи по патот што веќе го трасираше – граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите со европска иднина.

„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Тоа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон“, рече премиерот Заев.

Чествувањата годинава се организира согласно препораките за заштита од ширење на коронавирусот. Претседателот Стево Пендаровски, пак, во писмената честитка наведе дека „заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку досега“. Тој наведува дека од 1991 година досега имало и напредок и падови во борбата за демократски вредности, нагласувајќи дека „патот по кој тогаш тргнавме не е лесен“.

„Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот. Исто така, демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа“, пишува шефот на државата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во честитката наведува дека републиката, низ годините, доживеала и преживеала низа кризи, дури и конфликт, меѓутоа секогаш го знаела својот пат и правец.

„Доказ дека е на вистинскиот пат е и овогодишниот огромен успех, полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, моќниот воено-политички сојуз, и тоа е успех за нас, за безбедноста и сигурноста на државата. Продолжуваме понатака, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во Европската Унија“,наведе Џафери.

На референдумот кој се одржа на 8 септември 1991 година излегоа околу 72 отсто од запишани избирачи, а 95 отсто од нив се изјаснија потврдно на прашањето „дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“. Осми септември се празнува како Ден на независноста.

XS
SM
MD
LG