Достапни линкови

MAAE - Иран ги зголемува залихите на збогатен ураниум


Нуклеарната посројка Натанз во Иран

Залихите на збогатен ураниум се зголемија и сега се 10 пати поголеми од границата утврдена со нуклеарниот договор меѓу Техеран и шесте светски сили постигнат во 2015 година, се наведува во извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Сепак, Агенцијата на ОН исто така наведува дека Иран почнал да им овозможува пристап до локациите за кои постои сомнеж дека складира или користи непријавен нуклеарен материјал.

Според кварталниот извештај на МААЕ, Иран до 25 август имал 2105,4 килограми ниско збогатен ураниум, што е за 500 килограми повеќе отколку во мај.

Според договорот од 2015 година, на Иран му е дозволено да има 202,8 килограми збогатен ураниум.

МААЕ исто така наведува дека Техеран го збогатува ураниумот до чистота од 4,5 проценти, иако според договорот му се дозволени 3,67 проценти. Сепак, сè уште е далеку од нивото од 20 проценти кое го достигна пред договорот.

Сепак, залихите на тешка вода во Иран се намалени и сега се враќаат во границите предвидени со договорот.

Нуклеарниот договор потпишан од САД, Германија, Франција, Велика Британија, Кина и Русија предвидува укинување на меѓународните санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.

Во 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од договорот, велејќи дека треба повторно да се преговара. Од тогаш Иран постепено ги крши ограничувањата предвидени со договорот.

Другите потписнички велат дека и покрај тоа што Техеран прекршува дел од одредбите, важно е договорот да се одржи во живот, зашто Иран ѝ овозможува на МААЕ пристап за инспекција на нуклеарните постројки.

XS
SM
MD
LG