Достапни линкови

100 европратеници се за санкции за нападите врз опозиционери и новинари во Русија


Илустрација - Пратеници во Европскиот Парламент

Стотина европарламентарци бараат санкции против одговорните за нападите врз опозициските претставници и новинарите во Русија, имајќи го предвид и последниот со труењето на политичарот Алексеј Навални, јави Германската новинска агенција (ДПА).

Во отворено писмо до шефот на ЕУ дипломатијата Joзеп Борел, што е објавено денеска, претставниците на различните политички групи во Европскиот парламент повикуваат на „целосна и транспарентна истрага за случајот Навални”. Тие наведуваат за серија напади врз критичари на руската Влада, набројувајќи ги новинарката Ана Политковскаја, која беше застрелана во нејзината станбена зграда во Москва во 2006 година и поранешниот двоен агент Сергеј Скрипаљ, кој беше речиси смртно затруен со агенсот „Новичок” во Англија во 2018 година, пренесе ДПА.

Во моментов Навални е во кома во болницата „Шерите” во Берлин. Германските власти велат дека токсиколошките тестови несомнено докажале дека Навални бил отруен со воениот нервен агенс „Новичок”, развиен од СССР. Кремљ, меѓутоа, негира каква било вина во случајот.

Шефот на ЕУ дипломатијата, Борел, синоќа ја нагласи можноста од преземање натамошни чекори на ЕУ како одговор на труењето на Навални. Вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и официјално негираше одговорност на Русија за состојбата на Навални.

И членките на НАТО денеска ќе одржат специјална седница на која ќе разговараат за труењето на лидерот на руската опозиција Алексеј Навални со воен нервен отров „Новичок“.

XS
SM
MD
LG