Достапни линкови

Сасоли: Продолжете со напредокот, Ќучук: Направете ЕУ патоказ


Архивска фотографија - Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли

Давид Сасоли, Претседателот на Европскиот Парламент, преку Твитер го честиташе изборот на премиерот Зоран Заев и новата влада, со, како што напиша, продолжување на добриот напредок.

„Честитки до Зоран Заев за неговиот реизбор за премиер на Северна Македонија. Да продолжиме со добриот напредок што земјата го оствари кон пристапување во ЕУ. Европскиот Парламент секогаш ќе биде цврст поддржувач по овој пат“, напиша Сасоли.

Собранието синоќа, по два дена дебата, со 62 гласа „за“, 51 „против“ и без воздржани ја избра новата Влада. И во експозето пред гласањето, а и по собраниската седница, премиерот Заев меѓу највисоките приоритети го вброи членството во ЕУ и евроинтерациските реформи.

Претходно и известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, објави исти очекувања од новата македонска Влада.

„Новата влада во Скопје, која е јасно проевропска, сега ги има сите алатки за да го продолжи напредокот што го направи Северна Македонија во последните години. Сметам дека една од првите задачи на новата влада е да изготви патоказ за пристапување, врз основа на широк консензус во земјата, а во меѓувреме Советот на ЕУ треба да го усвои финалниот текст од преговарачката рамка за да може да се свика првата меѓувладина конференција најбрзо што може“ се вели во соопштението од Ќучук.

XS
SM
MD
LG