Достапни линкови

Избрана новата Влада по два дена собраниска дебата


Собраниска седица за избор на нова влада.

Со 62 гласа „за“, 51 „против“ и без воздржани Собранието вечерва ја избра новата Влада. По гласањето пратениците на опозицијата ја напуштија собраниската сала и не присуствуваа на давањето заклетва на министрите и на потпишувањето на свечените изјави.

Дискусијата за избор на Владата траеше два дена, а започна со експозето на мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев во кое ја презентираше новата владина програма.

Седницата за избор на новата Влада беше закажана откако Заев го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски за формирање на Влада, по резултатите од предвремените парламентарни избори на 15 јули оваа година на кои СДСМ освои најмногу пратенички мандати (46).

Претставниците на парламентарното мнозинство дадаоа поддршка за предлог-програмата на Владата, додека опозициските пратеници беа со став дека во владината програма нема јасни цели за развој на државата.

Владиното мнозинство беше формирано постизборно по договорот за коалиција кој Заев го постигна со лидерот на ДУИ Али Ахмети – партија која освои 15 пратеници на изборите и со ДПА која освои еден пратеник. Трите партии имаат мнозинство од 62 пратеници во Собранието.

Собраниска седница за избор на нова Влада

Заев и пратенениците од парламентарното мнозинство на седницата за избор на Владата најавија дека приоритети на новиот владин состав ќе бидат економијата, правосудството, образованието, администрацијата, животната средина. Тој вети зголемување на платите, справување со кризата со Ковид-19, борба против криминалот и корупцијата...

Опозициските пратеници рекоа дека не веруваат оти со предложената владина програма ќе бидат направени потребните реформи во државата, особено во сектори како што е образованието.

Во новата Влада, покрај премиерот Заев, ќе има 19 министри, што е за седум министерски места помалку од претходниот владин состав. Од нив 11 се од предизборната коалиција на СДСМ и осум се од ДУИ.

XS
SM
MD
LG