Достапни линкови

Нови гранични тензии - Иран запленил брод на ОАЕ


Илустрација: Ирански брод во ОАЕ

Иран соопшти дека запленил брод од Обединетите Арапски Емирати поради нарушување на иранските територијални води оваа недела и дека крајбрежната служба на ОАЕ истиот ден убила двајца ирански рибари.

Иранското Министерство за надворешни работи ова го соопшти денеска, во време на засилени тензии меѓу државите од Персискиот Залив, откако минатата недела ОАЕ воспостави дипломатски односи со архинепријателот на Иран, Израел.

Посадата на запленетиот брод од уапсена поради нелегален влез во територијалните води на Иран, објави иранската државна телевизија, цитирајќи го Министерството за надворешни работи.

На вршителот на должност амбасадор на ОАЕ во Техеран, пак, му била врачена протестна нота поради убиството на рибарите и запленувањето на нивниот брод од страна на крајбрежната стража на ОАЕ.

Властите во Емиратите сè уште не се огласиле за случајот.

Државната новинска агенција ВАМ на 17 август објави дека крајбрежната служба се обидела да запре рибарски брод кој влегол во нивните води, но немаше информации за жртви.

Израел и ОАЕ на 13 август објавија дека воспоставуваат целосни дипломатски односи. Договорот, склучен со посредство на САД, предвидува Израел да се откаже од контроверзните планови за анектирање на делови од окупираниот Западен Брег.

Иран го осуди договорот, а претседателот Хасан Рохани го нарече „огромна грешка“. ОАЕ го сметаше ова за закана и на 16 август му врачи протестна нота на вршителот на должноста ирански амбасадор во Абу Даби. Наредниот ден, министерот за надворешни работи на ОАЕ, Анвар Гаргаш рече дека договорот за нормализација на односите со Израел е „суверена одлука“, која не е насочена кон Иран.

XS
SM
MD
LG