Достапни линкови

МојТермин повторно ставен во функција


Министерството за здравство соопшти дека согласно епидемиолошката состојба со Ковид-19 во државата, веќе може да се закажуваат прегледи и интервенции во електронскиот систем МојТермин. Сите јавни здравствени установи веќе ги креираат термините за прегледи и интервенции во септември. Согласно изготвениот план за работа, а во соработка со Управата за електронско здравство, ќе бидат повикувани пациентите чии прегледи беа откажани изминатиот период. Исто така, сите елективни хируршки програми, кои беа претходно одложени поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, ќе бидат реализирани согласно изготвените планови и протоколи на стручните колегиуми, информираат од Министерството.

Закажаните прегледи ќе се спроведуваат согласно претходно подготвениот план и протокол за работа на установата, со задолжително користење лична заштитна опрема од вработениот персонал на сите нивоа на здравствена заштита, почитување на физичка дистанца и негрупирање. Воедно ќе се врши и задолжителна редовна контрола над примената на превентивните мерки и донесените протоколи за работа од назначеното одговорно лице за контрола на Ковид-19 и Комисијата за заштита од интрахоспитални инфекции, со цел да се спречи можната трансмисија на инфекцијата со вирусот.

Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник. Задолжително е носењето заштитна маска на пациентот и придружникот при влез во здравствената установа на закажан преглед или прием на болничко лекување.

XS
SM
MD
LG