Достапни линкови

СДСМ- со ДУИ ги усогласуваме изборните програми


Архивска фотографија- лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети

Од СДСМ денеска преку соопштение информираат дека викендов продолжуваат интензивните консултации и работата на ниво на генерални секретари за коалициски договор помеѓу СДСМ и Коалицијата "Можеме" и ДУИ.

„По утврдувањето на коалициски принципи и определби, преговарачките екипи работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог програма за работа на евентуалната идна Влада“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата информираат дека од денеска почнува процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на предлози за „соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат“.

Премиер Албанец и суетите – пречки во преговорите за влада

СДСМ која ја предводи коалицијата „Можеме“ на изборите што се одржаа на 15 јули, освои 46 пратеници, а ДУИ 15. Двете партии заедно имаат точно колку за владино мнозинство-61 пратеник. Партијата на Али Ахмети во предизборната кампања инсистираше дека новиот премиер ќе биде Албанец, што за СДСМ, како што изјавуваа челниците од таа партија, е неприфатливо.

Заев е мандатар, преговорите за мнозинство продолжуваат

Претседателот Стево Пендаровски на 13 август му го даде мандатот за формирање на влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев и од тогаш тече 20 дневниот уставен рок за формирање влада. ВМРО-ДПМНЕ, која освои 44 пратенички места смета дека Пендаровски му го дал мандатот на Заев неуставно, оти тој нема обезбедено владинот мнозинство. Во парламентот, во кој има 120 пратенички места, 12 пратеници ќе имаат и Алијанса за Албанците и Алтернатива, двајца ќе има Левица и еден ДПА.

XS
SM
MD
LG