Достапни линкови

Пендаровски утре ќе му го додели на Заев мандатот за нова Влада


Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски, утре во 12 часот, мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија ќе му го довери на Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот.

„Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме", којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата“, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот Пендаровски, според Уставот, има рок до 10 дена по конституирањето на Собранието да го даде мандатот за составување влада, а тој рок истекува задутре. Откако ќе го прими мандатот, мандатарот, во случајов Заев, во рок од 20 дена треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

На предвремените парламентарни избори на 15 јули, коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, освои 46 пратенички мандати, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ - 44, ДУИ - 15, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива - 12, Левица 2 и ДПА 1 пратенички мандат.

XS
SM
MD
LG