Достапни линкови

Бугарската полиција ги тргна шаторите со кои демонстрантите блокираа улици


Антивладини протести во Софија

Бугарската полиција денеска ги тргна десетиците шатори со кои демонстрантите ги блокираа клучните градски крстосници ширум земјата. Полицијата соопшти дека утринава ги тргнала шаторите во Софија и накратко привела 12 лица.

Полицискиот комесар Тони Тодоров рече дека властите ги почитуваат и гарантираат правата на граѓаните мирно да протестираат, но оти не може да ги кршат правата на другите бугарски граѓани.

Демонстрантите, пак, најавија дека ќе блокираат уште повеќе патишта.

Еден од лидерите на антивладините демонстрации, Николај Хаџигенов, рече дека власта предизвикала гнев кој скапо ќе ги чини.

„На диктатурата ѝ се ближи крајот. Нема веќе да го толерираме ова“, рече тој.

Клучни барања на демонстрантите се оставка на премиерот Бојко Борисов и на главниот државен обвинител. На протестите учествуваат главно млади луѓе.

Демонстрантите ги обвинуваат функционерите на власт за врски со мафијата, ограничување на слободата на говор, одбивање да се борат против корупцијата и да го реформираат судството.

Борисов, кој е на власт од 2009 година, пред два дена понуди оставка доколку тоа ја одржи неговата коалиција на власт.

Но, по денешните консултации со лидерите на двете националистички партии кои му се коалициони партнери, извесно е дека Борисов ќе остане премиер до крајот на мандатот, кој му истекува во март наредната година.

XS
SM
MD
LG