Достапни линкови

Полскиот претседател Дуда положи заклетва на почеток на вториот мандат


Полскиот популистички претседател Анджеј Дуда положи свечена заклетва на почетокот на неговиот втор мандат.

Полскиот популистички претседател Анджеј Дуда положи свечена заклетва на почетокот на неговиот втор мандат. Повеќето опозициски пратеници, како и поранешни претседатели и премиери на Полска, ја бојкотираа церемонијата во Парламентот. Дел од опозициските пратеници кои присуствуваа на церемонијата носеа ЛГБТ знамиња во бои на виножитото во знак на протест против Дуда.

Во изборната кампања, тој беше критикуван за оградување од ЛГБТ заедницата. Опозицијата исто така е загрижена од прифаќањето од страна на Дуда на политиката на владејачката десно популистичка партија „Право и правда“, која ја спротивставува Полска на Европската унија.

Пратениците на владејачката партија аплаудираа и извикуваа во поддршка на Дуда за време на церемонијата.

Дуда вети дека е подготвен да соработува со сите организации и политички партии, но исто така нагласи дека е потребно да се заштити клучната улога на семејството во полското општество.

Според критичарите, тој е повторување на реториката од кампањата, која е непријателски настроена кон правата на ЛГБТ заедницата.

Дуда освои нешто над 51 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори на 12 јули, тесно совладувајќи го неговиот противкандидат, градоначалникот на Варшава Рафал Тшасковски на изборите на кои имаше невообичаено висока излезност од 65 отсто.

XS
SM
MD
LG