Достапни линкови

Пад на добивката на Тојота од 74 отсто во вториот квартал


Илустрација

Јапонскиот автомобилски производител Тојота денеска соопшти дека поради пандемијата на коронавирус во вториот квартал од годинава забележале пад на добивката од 74 отсто, а продажбата на возила е преполовена во однос на истиот период минатата година.

Тојота денеска пријави добивка од 1,5 милијарди долари во второто тримесечје од годинава, за разлика од истиот период лани кога добивката им била над 6 милијарди долари.

Фирмата во вториот квартал продала 1,2 милиони возила ширум светот, за разлика од истиот период лани кога продале 2,3 милиони возила. Пандемијата на коронавирус го прекина производството и ја наруши продажбата, соопшти компанијата.

Пад на продажбата има на сите глобални пазари, а побарувачката почнува да се опоравува во Кина.

Тојота сепак успеа да остане во плус и покрај проблемите. Нејзините јапонски ривали Хонда и Нисан, како и американскиот Џенерал моторс во вториот квартал бележат загуба.

Претставници на компанијата велат дека опоравувањето тече подобро од очекуваното и очекуваат продажбата да се врати скоро во нормала до крајот на годинава.

Сепак, тие предупредуваат дека и понатаму останува голема неизвесност во врска со пандемијата.

Гувернерот на централната јапонска префектура Аичи денеска објави вонредна состојба во тој регион поради зголемување на бројот на заразени со коронавирус. Тој побара од фирмите и продавниците или воопшто да не работат или да затворат порано и ги повика граѓаните да останат дома навечер. Во префектурата Аичи се наоѓа и градот Нагоја, каде што е седиштето на Тојота.

XS
SM
MD
LG