Достапни линкови

МО: Македонските војници во Либан се безбедни


Фотографија од пристаништето во Бејрут каде се случи експлозијата

Министерството за одбрана изрази длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут и информира дека нашите војници во УНИФИЛ во Либан се безбедни.

„Министерството за одбрана изразува длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут, Либан. Ве информираме дека припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, се безбедни и сигурни“, се наведува во соопштението на МО.

На мисија во Либан во моментов се ангажирани тројца припадници на Армијата, кои се распоредени и ги извршуваат своите задачи на безбедни локации надвор од Бејрут.

„По веста за повредени морнарички мировници во мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ, чиј брод бил погоден во експлозијата на пристаништето во Бејрут, изразуваме надеж за побрзо закрепнување на мировниците и поддршка до земјите од каде тие потекнуваат“, се додава во соопштението на Министерството за одбрана.

Од двете разорни експлозии што вчера го потресоа централниот дел на либанскиот главен град Бејрут, загинаа најмалку 100 луѓе, а илјадници се повредени, изјави денеска шефот на либанскиот Црвен крст Џорџ Кетанех. Либанскиот премиер Хасан Диаб изјави дека експлодирале 2.750 тони земјоделско ѓубриво амониум нитрат што со години се чувало во складиште во пристаништето, предизвикувајќи „целосна катастрофа“.

XS
SM
MD
LG