Достапни линкови

Верифицирани мандатите на новите пратеници


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието на Северна Македонија денеска беа верифицирани мандатите на 120 пратеници од новиот парламентарен состав кои доаѓаат од три коалиции. Седницата се одржа во свечената сала Купола, со строги здравствени протоколи за заштита од Ковид-19 и со рачно гласање.

Во новиот парламентарен состав коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ има 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, има 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два пратеника и ДПА - еден.

Денеска не беше избран претседател на Парламентот. До избор на претседател на Собранието, седниците ќе ги води актуелниот спикер Талат Џафери. За потпретседатели на Собранието денеска беа избрани Горан Мисовски и Флоријан Бесими.

Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието.

XS
SM
MD
LG