Достапни линкови

Почна конститутивната седница на Собранието


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието на Северна Македонија денеска почна конститутивната седница за верификација на мандатите на 120 пратеници од новиот парламентарен состав. Беа избрани претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието, по што актуелниот собраниски спикер Талат Џафери даде пауза од 30 минути за брза седница на комисијата за верификација.

На седницата се присутни 117 пратеници, претседателот на државата Стево Пендаровски и други државни и институционални претставници. Седницата се одвива по здравствени протоколи, со рачно гласање.

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија. Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

XS
SM
MD
LG