Достапни линкови

Температура до 41 степен, да се почитуваат мерките за заштита


Температурата денеска ќе достигне до 41 степен, предупреди Управата за хидрометеоролошки работи. Ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност, а попладне можен е пороен дожд. Поради топлото време, Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од високи температури.

Според препораките на Министерството за здравство, граѓаните треба да престојуваат повеќе во затворени простории, по можност климатизирани, а ако мора да излегуваат надвор да се одмораат почесто под сенка, да носат светла и лесна облека, како и заштитни очила и капа при директна изложеност на сонце.

Утре ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и со умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе достигне 38 степени.

Од недела ќе настапи повторно стабилизирање на времето, а дневните температури ќе бидат пониски за пет до шест степени во однос на денешните.

XS
SM
MD
LG