Достапни линкови

Туристичките работници на мирен протест в среда


Илустрација - луѓе на аеродром

Со мирен протест пред Владата, в среда, на 29 јули, туристичките работници ќе се обидат уште еднаш да укажат дека без поддршка од државата не можат да ја надминат ситуацијата во која се најдоа поради корона вирусот.

Како што соопштија попладнево, за протестот се пријавени повеќе од 700 учесници кои ќе бидат следени од автобуси. Протестот ќе почне симболично пред Дрво Декор, а ќе продолжи кон буеварот „Кочо Рацин“, улиците „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“ и „Васил Главинов“, булеварите „ВМРО“ и „Илинден“, до Владата.

Протестот, нагласуваат, нема никаква политичка позадина, а со оглед дека се одржува во време на пандемија, преземени ќе бидат сите заштитни мерки, носење маски и дистанцирање.

Планирано е повторно обраќање на дел од учесниците, со цел повторно да се напомене дека цели пет месеци се без никакви примања, без никаква можност за одржување на секторите (туризам и превозници), како и дека доколку државата не помогне, ќе бидат принудени во наредните денови да стават клуч.

„Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5.000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава“, соопштија организаторите.

Туристичките работиници во два наврата реагираа и укажуваа на големината на проблемот со кој се соочуваат. Освен што побараа поддршка од државата, предложија и конкретни мерки за надминување или барем ублажување на ситуацијата.

XS
SM
MD
LG