Достапни линкови

Бандиќ - За жал, не можам да го испијам дождот


Градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ

Градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ, по големото невреме што синоќа го зафати главниот град на Хрватска и предизвика големи проблеми, денеска изјави дека тој направил најмногу од сите градоначалници во последните 100 години кога станува збор за инфраструктурата на хрватската престолнина.

„Пред 13 години, кога беше онаа снежна бура, реков дека ќе го фаќам снегот. За жал, не можам да испијам толку многу дожд“, рече Бандиќ.

Тој додаде дека пролетните и летните дождови се нормална појава, но дека не може да се предвидат повеќе од 80 литри на метар квадратен. Покрај тоа, Бандиќ рече дека загрепчани, очигледно му се замериле на Бога, бидејќи за кус период ги погоди земјотрес, коронавирус и сега поплава.

Загреб синоќа беше погоден од големо невреме кое предизвика поплави во делови од главниот град на Хрватска. Порталот Индекс пренесува дека бурата почнала околу 21 часот со пороен долж, ветер и грмотевици.

Одредени трамвајски линии беа во прекин, дел од улиците беа поплавени и непроодни, а локалните власти им препорачаа на граѓаните да не се движат со автомобили.

Биле поплавени и делови од трговски центри, а голем број возила останаа заглавени на поплавените подвозници.

Противпожарната служба извршила над 100 интервенции ноќеска, а почина пожарникар кому му се слошило додека бил на работа.

Помало невреме имало и во Истра и Далмација.

XS
SM
MD
LG