Достапни линкови

Обвинетите тврдат дека нема докази за „Меѓународен сојуз“, ново рочиште во август


Фотографија од судењето за „Меѓународен сојуз“

По денешното рочиште на кое беа изнесени воведните зборови, судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ ќе продолжи на 26 август. Во случајот „Меѓународен сојуз“, обвинети се Бојан Јовановски - Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска, за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.

По рочиштето, обвинетата Фросина Ременски рече дека Обвинителството ниту има, ниту ќе понуди докази, а Стефан Павлески, адвокатот на обвинетата Јасна Мандиќ, во воведниот збор истакна дека таа не учествувала во составување на договорите за кои ја товари ОЈО.

Првообвинетиот во случајот, Бојан Јовановски - Боки 13, рече дека не чувствува вина, дека имал владина поддршка и дека проектите биле реални, а не фиктивни.

„Проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни, всушност биле реални, со потпишани договори донесени на собрание на невладината организација Меѓународен сојуз и проекти прераснати во платформи“, истакна Јовановски.

Јавното обвинителство претходно соопшти дека со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот Бојан Јовановски, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Обвинителството тврди дека обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови.

XS
SM
MD
LG