Достапни линкови

Вести

Трамп најави поостра борба против криминалот

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе испрати федерални агенти во повеќе американски градови за да помогнат во спречување на криминалот. Трамп објави дека ќе испрати агенти во Албукерки, Њу Мексико и во Чикаго, Илиноис. Многу градови, вклучувајќи ги Њујорк, Чикаго, Филаделфија и Милвоки доживеаја голем пораст на криминал, вклучително и насилства со оружје, по почетокот на протестите на национално ниво за смртта на невооружениот Афроамериканец во Минесота.

Братот на Флојд побара од ОН истрага за полициското насилство во САД

Демонстрантите бараат поголема одговорност на полицијата, додека некои повикаа на намалување на буџетите на локалното спроведување на законот или укинување на полициските оддели во нивната сегашна форма.

види ги сите денешни вести

Средба на членови на МАНУ и Царовска: Внимателно со историјата

Зградата на МАНУ во Скопје

Реформата треба да се поддржи и неопходна e што побргу, зашто се работи за најзначајно прашање – основното образование што е база на целиот образовен систем, сметаат членови на Одделението за општествени науки и на Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, според кои е нормално да има различни ставови. Тие, велат, нивните ставови ѝ ги кажале на министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешниот состанок.

„Дадовме редица сугестии за подобрување на концептот и очекуваме по усвојувањето, да биде подготвен наставниот план, а следен чекор – наставните програми. Наставниот план, според нас, треба да вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја и физика и хемија, оние кои сега се групирани само како модули на заеднички предмет Општествени науки“, рече академик Владо Камбовски по состанокот.

Академик Таки Фити, рече дека смета дека отпорот кон нацрт-концепцијата на реформата веројатно произлегува од недоразбирање и затоа што имало лоша коинциденција со политичкиот амбиент во земјава.

„Некако се поврза целиот концепт со состојбите и проблемите што ги имаме со соседна Бугарија и она инсистирање во концептот за интегрирање предмети се сфати како бришење на предмети, конкретно на историјата, и некако се дефокусира суштината на расправата. Треба да бидеме многу претпазливи, особено кога станува збор за историјата. Ние имаме проблеми со национална историја во мултиетничка земја, но лично мислам дека може историјата да си остане како посебна наука или да се најде креативно решение кое нема да ја наруши суштината на концептот, но исто така ќе придонесе за национален консензус околу овие прашања. Нема укинување предмети, особено не на историјата“, рече академик Фити.

Академик Абдулменаф Беџети, пак, повика да се поддржи иницијативата и ја поздрави поканата од Министерството за образование да вклучи членови од највисоката научна институција во консултативниот процес, иако се работи за реформа во основното образование.

Петровска: Попис ќе има и пратениците ќе го набљудуваат

Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ и поранешна заменичка на министерот за внатрешни работи во техничката Влада

Оваа пролет државата по цели 19 години ќе спроведе попис согласно сите меѓународни стандарди, аратениците ќе набљудуваат како тече неговото спроведување, информираше денеска пратеничката на владејачкиот СДСМ, Славјанка Петровска.

„Институциите, првенствено Државниот завод за статистика, сега треба да изработи методологија за спроведување на пописот која исто така, мора да биде достапна на јавноста. Со тоа граѓаните и јавноста во целина ќе бидат уверени дека процесот ќе биде статистичка, а не политичка операција како што некој се обидува да го прикаже“, рече Петровска.

Таа додаде дека иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавиле собирање граѓански потписи против новодонесениот закон за попис, попис во пролет ќе има.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа од собраниската сала кога се гласаше законот за попис, велат дека власта од пописот сака да направи „политичка, а не статистичка операција“ и дека „законот е истуркан на сила, и пописот нема да биде објективен, фер, релевантен и реален“.

Холштајн: Реформи и спроведување на Договорот за добрососедство

Германската амбасадорка Анке Холштајн

Амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, денеска изјави дека Берлин и натаму ќе остане силен поддржувач на Македонија, но порача дека е важно да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Македонија.

„Меѓу Македонија и Бугарија има добрососедски односи. Бугарија прва ја призна Македонија како независна и е силен поддржувач на европеизацијата на целиот регион, особено на процесот на приближување на Македонија кон ЕУ. Освен тоа, постои и Договор за добрососедство и, според мене, тој треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе“, рече амбасадорката Холштајн.

Во продолжение таа се осврна на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.

Русија ги поздрави намерите на Бајден за Нов СТАРТ, но сака детали

Американскиот претседател Џо Бајден по стапувањето на функцијата во Белата куќа

Русија денеска ги поздрави намерите на новиот американски претседател Џо Бајден за продолжување на американско-рускиот договор за контрола на нуклеарното оружје - Нов СТАРТ, но додаде дека Москва сака да види конкретни предлози од Вашингтон.

Белата куќа вчера објави дека Бајден ќе побара петгодишно продолжување на сегашниот договор за контрола на оружјето што го имаат двете земји, што истекува на почетокот на февруари, и е една од првите важни надворешно-политички одлуки на новата американска администрација.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека е важно да се видат сите детали на американскиот предлог, бидејќи претходната администрација се обиде да обврзе со нови услови за секое обновување, што Москва одбиваше.

Филипче: Во Македонија нема мутација на ковид како во Британија

Венко Филипче, министер за здравство

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека во Македонија нема мутација на коронавирусот како што има во Велика Британија, но дека тоа не значи оти треба „да се олабавиме“.

„Стигнаа резулатите од Лабораторијата во МАНУ и утврдено е дека нема во земјава нема мутација на вирусот, дека практично цело време истиот вирус е во државава. Непостоењето на мутација не е причина да ги олабавиме мерките за заштита. Треба да бидеме внимателни и покрај падот на бројките. Последниве денови сме на некој вид на плато со бројката на нозаболени. И понатаму сме со резерва, а не треба да се заборави дека сега почна и второто полугодие во училиштата“, рече Филипче на промоцијата на донација на две амбулатнтни возила од Општина Чаир за Здравствен дом Скопје.

Ковид 19: Нови вакцини, но и нови мутации на вирусот

Новиот сој на коронавирусот кој прво се забележа во Велика Британија се покажа дека побрзо се шири, но здравствените власти уверуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и против мутациите. Новиот сој беше откриен и во Шведска, Франција и Шпанија, како и во Хрватска и Словенија.

Технички состанок на македонско-бугарската историска комисија

Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Претставници на заедничката бугарско-македонска Комисија за историски и образовни прашање денеска ќе одржат онлајн состанок на кој треба да ги прецизираат текстовите на записниците од претходните средби, кои сè уште не се потпишани. На средбата ќе учествуваат по тројца претставници од двете страни.

Копретседавачот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, за МИА потврди дека разговорите ќе бидат од техничка природа. Бугарски член на Комисијата за БГНЕС, пак, потврдил дека на денешните разговори нема да се дискутира за никакви историски прашања.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци, од кои првиот треба да се одржи во февруари, но неговиот датум се уште не е договорен. Последниот, 11-ти состанок на Заедничката комисја се одржа на 4 декември.

Во скопските ковид центри за 24 часа примени 34 пациенти

Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 34 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 286 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 11 приеми. Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 15 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 10 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.

„Во моментов на Кожната клиника во ковид – центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 22 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 17 пациенти со симтоми на коронавирусот, во ковид – центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 18 пациенти. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 16 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 95 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 78 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 19 пациенти. Вкупно 286 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка“, соопшти МЗ.

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и изутрината до 8 часот имало 119 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Владата ги објави платите на министрите: Заев највисока, Шаќири најниска

Македонската влада пред Собрание

Владата денеска, на својата официјална веб-страница, ги објави платите во министерскиот кабинет на премиерот Зоран Заев. Најголема плата зема Заев, чија основна плата е 78.840 денари, а со пресметан стаж од 22 години неговата плата е 87.813 денари. На второ место е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој добива 85.113 денари личен доход (со 18 години стаж). Следува министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која зема 74.273 денари (28 години работен стаж).

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, добива 72.989 денари, а министерката за култура Ирена Стефоска 72.670 денари. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи имаат идентична плата – 71.385 денари. Првиот вицепремиер Артан Груби е платен со 70.102, колку што е платата и на Бујар Османи, министерот за надворешни работи.

Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба со корупција, добива 68.179 денари, колку што е месечниот доход и на министерот за здравство Венко Филипче. Горан Милевски, министерот за локална самоуправа, има 70.102 денари и повисоко котира од Николовски и Филипче. Повеќе од овој двоец добива и Фатмир Бесими, министерот за финансии, со 69.783 денари.

Нешто над 68.000 денари добиваат Мила Царовска, Бојан Маричиќ, Крешник Бектеши, Арјанит Хоџа и Благој Бочварски. Најнископлатени се Насер Нуредини и Јетон Шакири со нешто повеќе од 65.000 денари.

Бајден потпиша 10 укази за борба против коронавирусот

Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа потпиша 10 нови укази за мерките кои треба ја зајакнат борбата против коронавирусот.

Тој изјави дека секој кој доаѓа со авион во САД треба да се тестира на вирусот пред поаѓањето и да оди во карантин по доаѓањето.

Со еден указ Бајден нареди задолжително носење маска за патниците на бродовите, во авионите, возовите, автобусите и градскиот превоз.

На федералната агенција за вонредни ситуации тој и наложил да им надомести на сојузните држави некои трошоци поврзани со нивната борба против коронавирусот и да обезбеди средства за повторно отворање на училиштата.

На оваа агенција Бајден и нареди и да почне воспоставување на центри за вакцинација.

Во САД од коронавирусот досега починаа повеќе од 400 илјади луѓе.

ЕП: Европа да ја запре изградбата на руски гасовод поради апсењето на Навални

Зградата на Европскиот Парламент

Европскиот Парламент (ЕП) со големо мнозинство усвои резолуција со која ја повикува Европската Унија веднаш да ги запре завршните работи на изградбата на гасоводот Северен тек 2 поради апсењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Во резолуцијата се повикуваат ЕУ и државите- членки „критички да ја преиспитаат соработката со Русија на различни надворешно-политички платформи и на проектите како Северен тек 2“.

Овој гасовод, со кој природен гас ќе оди од Русија кон Германија низ Балтичко Море, е долг 1200 километри, а предвидено е капацитетот да биде 55 милијарди кубни метри гас годишно.

Навални, најпознат политички противник на претседателот Владимир Путин, е уапсен на враќање во Русија од Германија, каде што се лекуваше од труењето со нервен агенс за кое тој го обвинува Кремљ.

Во Грција вакцинирани над 1 процент од населението

Од почетокот на вакцинацијата во Грција, на 27 декември 2020 година, заклучно со вчера, вакцинирани се 123.007 лица, со што имунизациската покриеност во земјата достигна до 1,13 насто, соопшти генералниот секретар на Министерството за здравство Мариос Темистоклеус, јави МИА од Атина.

Од вакцинираните, 32.801 се лица над 85 годишна возраст, 81.000 се здравствени работници, а останатите се штитеници во домовите за стари и изнемоштени лица.

Од денеска започнува закажувањето термин за вакцинација за втората возрасна група, односно за граѓаните од 80 до 84- годишна возраст.

Паралелно, процесот на вакцинација ќе започне и на островите, а војската ќе биде задолжена за снабдување на островите со вакцината.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 509 нови случаи од 29.455 тестови и 25 починати.

Од почетокот на епидемијата во земјата има 150.479 заразени и 5.570 смртни случаи.

Вакцини за Западен Балкан најбрзо што може, тврди Брисел

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западен Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави МИА од Брисел. Таа истакна дека тоа ќе се случи „најбрзо што може“ и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.

Ковакс механизмот, чија цел е да им помогне на земјите со низок и среден приход да дојдат до потребните вакцини, иако добива најмногу пари од ЕУ, сѐ уште не е функционален. Поради ова, Европската комисија се заложи да воведе втор механизам за споделување на вакцини со третите земји, вклучително и Западен Балкан, но ниту за овој нов механизам нема конкретен рок за достава на потребните вакцини надвор од ЕУ.

„Очигледно е дека е комплицирано за Ковакс да набави вакцини, затоа воведуваме нова рута преку механизам на ЕУ за набавка на дози преку земјите членки на Унијата, кои потоа ќе можат да ги донираат на трети држави како на пример земјите од Западен Балкан“, изјави Фон дер Лајен.

Претседателката на Еврокомисијата порача дека на лидерскиот состанок истакнала оти вакцинирањето надвор од ЕУ е во интерес на сите земји членки на Унијата, затоа што „колку подолго циркулира вирусот, толку е поголем ризикот од нови мутации“.

Времето променливо, на места со дожд, а на планините снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови облачно со повремени врнежи од дожд, само на највисоките планини од снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.

Дневната температура ќе се движи од 6 степени во Маврово, до 13 во Гевгелија.

Унгарија прва во ЕУ ја одобри руската вакцина „Спутник V“

Унгарија е првата земја во Европската унија што ја одобри руската вакцина против корона вирусот „Спутник V“, а исто така ја одобри и британската вакцина на Астразенека.

„Фармацевтските власти дадоа привремена дозвола“ за овие две вакцини против ковид-19, изјави на прес-конференција шефот на канцеларијата на премиерот, Џерџели Џула.

Според европските регулативи, националните власти можат итно да одобрат дистрибуција на производи кои не биле одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), но тогаш тие ја имаат целата одговорност. Од почетокот на кампањата за вакцинација кон крајот на декември, Унгарија прими околу 330 000 дози вакцини на Фајзер / Бионтек и Модерна, кои досега беа одобрени во ЕУ.

Претставници на српските власти ја примија руската вакцина „Спутник V“

„За жал, Европската Агенција за лекови е исклучително бавна. Што се однесува до вакцината развиена од британската лабораторија Астразенека и Универзитетот во Оксфорд, „Велика Британија ја одобри уште од порано и веќе ја користи“, потсети унгарскиот официјален претставник и додаде дека мислењето на европското регулаторно тело се очекува дури на крајот на месецот.

Руските власти поднеле барање за регистрација на Спутник V во ЕУ, но Европската агенција за лекови сè уште не ја започнала постапката за верификација.

Маричиќ го поздрави донесувањето на Законот за попис

Бојан Маричиќ

Министерот за правда, Бојан Маричиќ го поздрави донесувањето на Законот за попис во Собранието. Маричиќ испрати и порака до граѓаните да бидат спокојни и да им веруваат на институциите кои се, како што напиша, повеќе од подготвени за спроведување на оваа статистичка операција.

Законот за попис донесен, за ВМРО-ДПМНЕ нема да биде реален

Резултатот од пописот, според министерот, ќе биде основна алатка за креирање развојни политики, а од него директна корист ќе има и бизнис заедницата.

„Им порачувам на граѓаните да бидат спокојни и да им веруваат на институциите. Државниот завод за статистика и институциите се повеќе од подготвени за спроведување на пописот, а пробниот по оваа нова методологија веќе беше поздравен од Европската комисија. После речиси две децении државата конечно ќе спроведе ваква сложена статистичка операција, а резултатот од истиот ќе биде основна алатка за креирање на идните развојни политики. Директна корист од пописот ќе има и бизнис заедницата“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Нови 356 случаи на ковид 19, починале 15 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.906 тестирања, а регистрирани се 356 нови случаи на Ковид-19. Од нив во Скопје-171, Куманово-12, Тетово-19, Прилеп-15, Гостивар-6, Штип-7, Битола-4, Велес-10, Охрид-20, Струмица-8, Кавадарци-19, Струга-10, Кочани-2, Кичево-10, Свети Николе-1, Гевгелија-3, Неготино-3, Ресен-3, Крива Паланка-3, Радовиш-3, Берово-4, Делчево-3, Пробиштип-7, Виница-3, Демир Хисар-1, Кратово-1, Крушево-4, Македонска Каменица-1, Пехчево-2 и еден во Демир Капија.

Заев: 8.000 дози вакцини од Србија се за здравствените работници

Институтот за јавно здравје денеска регистрирал 587 оздравени пациенти. Починати се 15 лица, двајца во домашни услови, а останатите во болнички.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89.817, бројката на оздравени пациенти е 75.387, на починати е 2.754, а бројот на активни случаи изнесува 11.676.

Обвинителството покрена постапка поради прислушување на Вучиќ

Александар Вучиќ

Обвинителството за организиран криминал на Србија покрена предистражна постапка поради неовластено прислушување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објавија денеска од оваа институција. Според Обвинителството, сите информации и известувања ќе бидат проверени во предистражната постапка со цел да се откријат сите факти и околности во врска со тој случај.
Од Обвинителството соопштуваат дека ќе ја информираат јавноста кога ќе се дознаат резултатите од постапката.

Претходно Министерството за внатрешни работи на Србија објави дека по наредба на Обвинителството за организиран криминал, работната група на министерството испрашала голем број луѓе и собрала докази кои укажуваат на тоа дека српскиот претседател Александар Вучиќ и членовите на неговото семејството се незаконски прислушувани.

Вучиќ неодамна изјави дека го прислушувале домашни служби и дека надлежните органи ќе утврдат дали се поврзани со странци.

„Мислам дека знам кој стои зад тоа, но не би зборувал за тоа јавно“, рече Вучиќ, порачувајќи им на надлежните органи да се занимаваат со тоа. Според него прислушувањето на претседателот на државата е директен обид за државен удар.


Пожар во дом за стари во Украина, најмалку 15 жртви

Најмалку 15 лица загинале, а петмина се повредени во пожар во приватен дом за стари лица во источниот украински град Харков, Службата за итни случаи соопшти дека девет лица успеале да се спасат.

Пожарот избувнал на вториот спрат од двокатната зграда. додека во објектот имало 33 лица. Пожарот е изгаснат, а во неговото гаснење учествувале 28 пожарникари.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од министерот за внатрешни работи да отвори истрага за инцидентот.

Заев: Сакаме за 4 години просечната плата да стаса до 34.000 денари

Зоран Заев

Имаме раст на просечната нето плата во ноември, наша цел се достоинствени плати и подобар животен стандард за граѓаните. Владата е посветена на покачување на платите до 34.000 денари во следните четири години, објави денеска премиерот Зоран Заев.

„Имаме раст на просечната нето плата од 7% во ноември 2020, во однос на истиот месец 2019 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2020 година, изнесувала 27.588 денари. Ваквото зголемување се должи на зголемувањата на платите во наведениот период во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита (11,2 %), Образование (9,5 %), Информации и комуникации (9,4%), Земјоделство, шумарство и рибарство (8,5%), Преработувачката индустрија (7,3%), како и во други бројни дејности“, напиша Заев на неговиот фејсбук профил.

Индија - Пожар во фабрика на најголемиот светски производител на вакцини

Фотографија од пожарот во Институтот за серуми во Пуна, Индија (СИИ)

Во производствен капацитет што му припаѓа на најголемиот светски производител на вакцини, Институтот за серуми во Индија (СИИ), денеска избувнал пожар. Службите за итни случаи биле повикани во фабрика на СИИ во Пуна по избувнањето пожар на петтиот кат. Менаџментот на компанијата изјави дека производството на вакцини против Ковид-19 не е засегнато.

Извршниот директор Суреш Јадхав потврди дека објектот се користи за производство на вакцината BCG, што се користи првенствено против туберкулоза. СИИ е најголемиот светски производител на вакцини и во моментот масовно ја произведува „ковишилд“, вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“. Јадхав потврди дека објектот во кој се произведува „ковишилд“ е далеку од пожарот.

Бројот на загинати во двата бомбашки напади во Багдад се искачи на 73

Фотографија од местото на бомбашките напади во Багдад

Бројот на загинати во двојниот самоубиствен бомбашки напад што денеска претпладне се случи во Багдад, Ирак, се искачи на најмалку 28. Бројот на повредени порасна на 73 лица. Нападот беше изведен денеска на раздвижена трговска улица со пазар во срцето на Багдад, соопшти ирачката војска.

Бригадниот генерал Хазем ал-Азави, директор на оперативната команда во Багдад, за Ирачката новинска агенција (ИНА) изјави дека „двојна експлозија” го погоди преполниот пазар во областа Баб ал-Шарџи во близина на плоштадот Тајаран.

Медицински извори за новинската агенција АФП изјавиле дека стравуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми. Министерството за здравство соопшти дека мобилизирало медицински лица во главниот град за да одговорат на смртоносниот напад.

Воениот портпарол Јахја Расул изјави дека двајца бомбаши-самоубијци го активирале експлозивот додека биле гонети од припадници на безбедносните сили. Новинарот на АФП од местото на настанот соопшти дека бомбашите нападнале огромен отворен пазар за половна облека на плоштадот Тајаран.

Британија кривично гони 6.500 луѓе поради насилство поврзано со Ковид-19

Илустрација - Полиција и граѓани на новогодишната ноќ во Лондон

Обвинителството во Велика Британија денеска соопшти дека од март до август минатата година, кога беше воведен карантин поради Ковид-19, кривично се гонети 6.5000 луѓе поради насилство и кршење на рестриктивните мерки, од кои поголем број случаи се за напади врз полицајци, пренесе новинската агенција Ројтерс.

Обвинителството објави дека 1.688 луѓе се обвинети поради напади врз полицајци и други претставници на итните служби. Во голем број случаи напаѓачите кашлале, плукале или ги гризнале полицајците, а и ги гаѓале со тешки предмети при приведувањето поради непочитување на правилата. Уште 1.200 луѓе се обвинети од почетокот на на април до крајот на септември за кршење на правилата за запирање на ширењето на Ковид-19.

МВР ќе поднесе пријави за 49 капачи за Водици од Охрид

Илустрацја

Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе им поднесе пријави на 49 лица кои го одбележаа празникот Водици со капење во Охридското Езеро, и покрај забраната на организирано прославување поради пандемијата со ковид-19.

Според МВР вчера кај месноста „Сараиште“ во Охрид, забележана била поголема група граѓани кои биле легитимирани од страна на полицијата.

„Поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“, полицајците ги провериле овие 49 лица и по целосно документирање, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава“, соопштија од МВР.

Ден претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека зборувале со Македонската православна црква и дека полицијата има посебен план за празникот Водици за да нема собири и дека секој кој ќе ги прекрши мерките ќе сноси последици.

Собранието го изгласа законот за попис

Собранието денеска, со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Расправата за законот заврши на 15 јануари, но тогаш немаше кворум за гласање, па денеска беше обезбеден кворум и пратениците го исгласаа законот.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешното гласање не беа во салата. Тие претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој закон, доколку биде донесен.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека „треба да се олабавиме сите за пребројувањето на населението, зашто стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму“.

Завршни зборови на Фетаи за „Монструм“: Ништо помалку од доживотен затвор

Архивска фотографија од едно од минатите рочишта за случајот „Монструм“ - Обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

Обвинителката Фатиме Фетаи, која го застапува случајот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковско езеро, денеска во завршните зборови му докажуваше на судот дека возилото „опел омега” било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката. Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста.

„Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот“, рече Фетаи, која образложи дека „немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа, ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот“.

„Вишок е само тоа дека „на свиреп и подмолен начин“ било извршено убиство. Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор“, рече Фетаи во завршните зборови.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Денеска обвинителката Фетаи пред судот се откажа од гонење на обвинетиот Самир Љута, кој претходно беше осуден за кривично дело “тероризам”, бидејќи за него, како што рече, нема докази со кои би се потврдило дека тој сторил било какво кривично дело. За обвинетите Фејзи и Хаки Азири, обвинителката го преиначи делото и наместо за тероризам, тие се гонат за помагање при извршување на кривично дело.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG