Достапни линкови

Вести

Процесот против Тачи во Хаг продолжува и денеска

претседателот на Косово Хашим Тачи пред Специјалното обвинителство во Хаг

По шестчасовното вчерашно рочиште пред Специјалното обвинителство во Хаг претседателот на Косово Хашим Тачи не даде изјава за печатот, освен дека сослушувањето ќе продолжи денеска во 1 часот попладне. Тачи беше сослушан и завчера во присуство на неговиот адвокат, Американецот Пјер Ричард Проспер. Кабинетот на специјализираниот обвинител на 24 јуни објави дека Тачи и лидерот на ДПК Кадри Весели се на обвинението, кое било доставено до Специјалниот суд кон крајот на април.

Во Хаг продолжува сослушувањето на Хашим Тачи

Тачи, Весели и други лица, чии имиња не беа објавени во тоа време, се обвинети за „серија злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување, прогон и тортура“. Во обвинението се тврди дека тие се кривично одговорни за скоро 100 убиства.

види ги сите денешни вести

Во болниците има 750 ковид пациенти и 360 слободни места

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 443 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 750 и има околу 360 празни болнички кревети во ковид центрите.

„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопшти МЗ.

Дијаспората да биде поактивна на пописот, апелира Владата

Муамед Хоџа, портпарол на Владата на Северна Македонија

Владата денеска, преку портпаролот Муамед Хоџа, упати апел до македонските државјани кои живеат во странство да земат активно учество на Пописот на населението, домаќинствата и становите, што започна на 1 март и ќе трае до 21 април. Владиниот портпаролот Хоџа на денешната прес-конференција посочи дека пописот на 1 март започна и за затворениците, вработените во ДКП-та и војниците што се на мисии во странство.

Хоџа информираше и дека на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата на вчерашната 50. седница го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година кој ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на Ковид-19.

Османи: Бугарските здруженија да побараат посебна пописна графа

Илустрација - Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева

По последните реакции од Бугарија за „жалби за непочитување на правата на Бугарите во Македонија“, денеска се огласи македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, со став дека Македонија има успешен модел на мултиетничко оптество и дека граѓанските организации треба да побараат од пописните органи да се внесе графа за оваа заедница на пописот.

„Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава. Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“, вели Османи во реакцијата која ја објави денеска на неговата официјална страна на Фејсбук.

Пред неколку дена бугарскиот претседател Румен Радев имаше состанок со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои побарал мерки за заштита на правата на Бугарите во странство, а по жалби од здружението на граѓани од Битола, „Иван Михајлов“, кое наводно се жалело дека во Македонија Бугарите не можат слободно да ја кажат својата национална припадност. На тоа рагираа македонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев кои рекоа дека во Македонија се почитуваат правата на сите заедници и малцинства и дека тоа е мониторирано и од Брисел, а дека свикувањето на безбедносни служби за заштита на права на заедница во туѓа држава „е мешање во внатрешните работи“.

Пандемијата го наруши образованието на над 880 милиони деца

Илустрација - Ученичка на час во авганистанско училиште на отворено

За време на карантинот поради пандемијата на коронавирус, училиштата беа затворени за речиси 168 милиони ученици ширум светот на една година, објави УНИЦЕФ, предупредувајќи на катастрофалните последици за иднината на тие деца. Училиштата во 14 земји низ светот останаа затворени од март минатата година до февруари, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Од нив, две третини се во Латинска Америка и Карибите, каде што се погодени скоро 98 милиони училишни деца.

„Катастрофа на образованието. Секој ден што поминува, децата кои не можат да посетуваат настава лично, заостануваат сè повеќе, а нај маргинализираните плаќаат најскапа цена“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Анриета Форе.

УНИЦЕФ предупредува дека постојното затворање на училиштата има катастрофални последици и на најранливите деца им се заканува принуден детски брак или детски труд наместо часови. Се додава дека повеќе од 880 милиони деца ширум светот се соочуваат со нарушувања во образованието поради целосно или делумно затворање на училиштата.

Столтенберг ќе учествува на Интерпарламентарната конференција за европска безбедност

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе има главно обраќање на Интерпарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика, организирана од Португалскиот парламент во контекст на Португалското претседателство на Советот на Европската унија. Во средината на минатиот месец се одржа состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана.

„Нови идеи за НАТО 2030“ - младински собир

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги претстави плановите за реформи за модернизација на Алијансата по четири години спорење со Вашингтон и за соочување со предизвиците, вклучително и воениот подем на Кина и Русија како противници. По спротивставената реторика меѓу Вашингтон и неговите сојузници за време на претседателството на Доналд Трамп, Столтенберг постави осум области каде што НАТО може да се модернизира на среден рок, од климатските промени до одржливо финансирање на воените операции.

Брнабиќ и Вархеји за примена на новата методологија во преговорите меѓу Србија и ЕУ

Еврокомесарот Оливер Вархеји

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ разговараше со европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји за примената на новата методологија во преговорите за членство меѓу Србија и ЕУ. На средбата преку видео-врска, Вархеји ги поздрави реформите во областа на владеењето на правото, велејќи дека тие остануваат на врвот на приоритетите на Европската унија во процесот на претпристапните преговори со Србија, соопшти Владата на Србија.

Борел: Земјите од Западен Балкан мора да ги завршат своите домашни задачи

Брнабиќ оцени дека Србија постигнала значителен напредок, особено во областа на владеењето на правото, медиумските слободи и заштитата на новинарите и во економската сфера и рече дека смета дека динамиката на пристапните преговори треба да се усогласи со реформските напори на Србија. Белград ја прифати новата методологија, верувајќи дека тоа ќе и овозможи поконкретен и поволен начин за водење преговори со европски претставници, оцени Брнабиќ.

Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква

Новиот поглавар на Српската православна црква, патријархот Порфириј дава благослов по мисата во Белград, 19 февруари 2021 година

„Суштински ми е важно да се надмине расколот со Македонската црква. Оваа тема останува отворена и верувам дека ќе се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без мешање на политиката“, изјави новиот патријарх на СПЦ Порфириј во интервју за РТС. Запрашан за изјавата на митрополитот Преспанско-пелагониски Петар дадена неодамна за МИА дека очекува новиот српски патријарх да покаже повеќе разбирање за да биде решен статусот и МПЦ-ОА да добие автокефалност, Порфириј одговори дека „нема да има ни помалку ни повеќе разбирање од неговите претходници”, цитирајќи латинска поговорка: „нема да биде нова работа, но може да биде нов начин“.

Г. Петар: Порфириј не држи до српството по секоја цена

„Нашата црква по Нишкиот договор најде решение за охридски архиепископ да го постави Јован, и сите православни верници имаат можност за учество во литургиски живот, но таа тема останува отворена. Верувам дека нашиот собор секогаш ќе биде спремен да се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без какви било политички притисоци кои уште од самиот почеток на расколот, а и денес за тоа прашање ги има“, изјави патријархот Порфириј.

Меркел на средба со претставници на сојузните држави за мерките против ковид-19

Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе разговара со претставници на 16-те германски сојузни држави за продолжување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Германија, како што се најавува, планира да ја продолжи блокадата до 28 март, но оти некои ограничувања ќе бидат ублажени почнувајќи од 8 март. Бројот на заразени со а коронавирус во Германија достигна над 2,4 милиони. Во нацрт-документот, како што јавува Ројтерс, се наведува дека почнувајќи од 8 март ќе им биде дозволено да се состануваат најмногу пет лица од две домаќинства, со исклучок на деца помали од 14 години, што е повеќе од две лица според сегашните правила.

Германија со нови ограничувања за движење

Продавници за цвеќиња и книги, градинарски центри, салони за тетовирање и нокти, како и салони за масажа, исто така, ќе имаат дозвола за повторно отворање. Со приближувањето на Велигден, нацрт-договорот, исто така, апелира до Германците да избегнуваат домашни и странски патувања, додавајќи дека, сепак, ќе бидат дозволени ограничени посети на роднини во текот на празничните денови.

Бугарија го прославува Денот на ослободувањето

Софија

Денеска во Бугарија се одбележува државен празник чиј целосен наслов е Бугарски ден на ослободување од османлиската доминација. Овој празник е национален ден на Бугарија и им оддава почит на бугарските доброволци кои за време на Руско-турската војна од 1877-1878 година со помош на руски и романски сили ја ослободија Бугарија од скоро 500 годишното османлиско владеење. 3 март го означува датумот на потпишување на Договорот од Сан Стефано во 1878 година. Со овој мировен договор заврши војната, а беше потпишан меѓу Русија и Отоманската империја кои ја прогласија Бугарија за независна држава, иако вазал во рамките на Отоманската империја.

Жестоки реакции на предлозите на Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија

Овој празник традиционално се одбележува со церемонии низ Бугарија. 3 март во 1978 година го доби својот статус на Национален ден на Бугарија и беше прогласен за официјален празник.

САД ќе ѝ помогнат на ЕУ да го забрза распоредувањето сили пред предизвикот од Русија

Американски тенковите Абрамс на железничката станица Мокава во Литванија, 5 септември 2020 година

Новата американска администрација сака да ѝ помогне на Европската унија побрзо да ги премести трупите и опремата низ цела Европа за да се справи со потенцијален конфликт со Русија. Масовните руски воени игри на источното крило на воениот сојуз НАТО во последниве години предизвикаа загриженост за потенцијален конфликт случајно активиран во источна Европа, пред да пристигнат засилувањата од САД и Канада. Европски воен извор изјави дека САД, Канада и Норвешка, сите членки на НАТО надвор од ЕУ, во минатата недела испратиле барање за учество во европски проект наречен „воен Шенген“.

Состанок на ЕУ и НАТО за новата администрација на САД

Тој е еден од 46-те проекти на „постојана структурирана соработка“ (ПЕСКО) насочени кон продлабочување на воената соработка во рамките на Европската унија. На земјите надвор од блокот им е дозволено да се приклучат на овие проекти од ноември 2020 година. Барањето на Вашингтон да се приклучи се смета за знак на желбата на претседателот Џо Бајден за поблизок ангажман со европските сојузници по застојот предизвикан од неговиот претходник Доналд Трамп. Европски воен извор рече дека помошта на САД може да дојде во форма на финансиска поддршка и оти министрите за одбрана на ЕУ ќе разговараат за понудата во мај.

Симовски: Пристапот преку VPN апликација се регистрира како доказ за упаѓање во системот

директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски

Тврдењето дека многу граѓани се попишале преку користење на VPN апликација е невозможно, бидејќи тоа се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за телевизија „Сител“. Со самото влегување на веб страницата за самопопишување, нагласи Симовски, лицата се предупредени за ваквата работа и се сложуваат со условите, поради што и сносат одговорност. Тој посочи дека тука има и злоупотреба на лични податоци, затоа што тој што се обидува да упадне користи туѓ матичен број, бидејќи ако упадне со својот матичен број може многу лесно да се лоцира и да сноси одговорност.

ДЗС: Апликацијата за попис не е пробиена, за злоупотреба 3 години затвор

Последниот податок, според Симовски, е дека вчера во 10 часот има 11.149 вклучувања во базата, но тоа не значи пополнета апликација, бидејќи во овој момент никој нема овластување да влегува во базата за тоа да го провери. Во однос на лицата кои ќе се самопопишат преку Апликацијата, а потоа ќе бидат попишани и од нивните семејства како лица во странство, Симовски рече дека е можно да се случи двојно попишување, но во тој случај за тоа лице ќе бидат земени податоците од самопопишувањето. Апликацијата што ја користат попишувачите на терен, Симовски рече дека не е иста со апликацијата за самопишување преку интернет, и дека станува збор за систем што е работен од друга софтверска компанија, но содржината на прашалниците е сосема идентична. Симовски, исто така, нагласи дека податоците од пописот не може да се дадат ниту на граѓанинот, ниту на било кое друго лице или институција и дека тие служат само и исклучиво за статистички цели.

Фридом хаус: Македонија и натаму делумно слободна земја

Фридом хаус: Слобода во светот 2021 година

Во најновиот годишен извештај на Фридом хаус „Слободата во светот“, објавен денеска, а се однесува на политичките права и граѓанските слободи во минатата година, Северна Македонија и натаму е во групата на земји со делумна слобода иако бележи пораст од три поени од претходниот извештај. Во забелешката за Македонија се наведува дека „реформаторската влада на Северна Македонија беше реизбрана и нејзините „институции во голема мера се опоравија од штетата нанесена од поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски“. Исто така се додава дека „владата на премиерот Зоран Заев го смени долгогодишното демократско уназадување, но на земјата и понатаму ѝ се ускратува шансата да стане членка на Европската унија“. Во истата група со Македонија меѓу другите се и: Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Унгарија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина. Од регионот во групата слободни земји се најдоа Бугарија, Хрватска и Романија.

Фридом Хаус: Транснационалната репресија е растечка закана за демократијата во светот

Годинашниот извештај на Фридом хаус открива дека помалку од една петтина од луѓето во светот живеат во целосно слободни земји. Авторитарните актери станаа похрабри во текот на 2020 година, бидејќи најголемите демократии своето внимание го свртеа дома, придонесувајќи за 15-та последователна година на пад на глобалната слобода. Извештајот открива дека уделот на земјите назначени како неслободни го достигнал највисокото ниво од почетокот на влошувањето на демократијата во 2006 година и дека земјите со пад на политичките права и граѓанските слободи се помногубројни, што е најголема разлика забележана во текот на 15-годишната период. Извештајот ги намали оценките за слободата во 73 земји, што претставува 75 проценти од глобалното население.

Времето денеска: сончево со слаб ветер

Ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде од 9 до 18 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 16 степени.

Владата ја усвои Концепцијата за основно образование

Илустрација. Ученик и наставничка.

Владата на денешната седница даде целосна поддршка и ја усвои Концепцијата за основно образование, соопшти владината прес-служба. Во објавата на Владата се наведуава дека во подготовката на документот беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации.
"Во подготовката на документот од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието. Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование", стои во соопштението од Владата.

Заев - Царовска: Доцниме со образовните реформи, ама нема да избрзуваме

Според најавите новата концепција треба да почне да се применува од новата учебна година во прво и четврто одделение.

Општествени науки се преименува, сексуално образование - изборен предмет

Оваа најавена реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

Во Грција е зголемен бројот на новозаразени

Илустрација. Грција.Корона вирус

Во изминатото деноночие во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 2.353, а се зголеми и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, јави МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, приклучени на апарати се 422 лица, 16 повеќе од вчера, а регистрирани се уште 23 смртни случаи.

Од 2.353 новозаразени, половина- 1.159 случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Минатата недела, по подолг период беа регистрирани над 2.000 нови случаи, а денешната бројка на новозаразени е иста со податоците од средината на ноември, две седмици по почетокот на карантинот.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, со мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, а областа Атика, поширокиот регион на Атина, 19 дена е во строг карантин.

Побаран притвор за тројца учесници во протестите за „Монструм“

Илустрација. Протест на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување мерка притвор за трoјца учесници во протестот за пресудата за случајот „Монструм“ што се одржа во петокот, а на кој беа повредени 11 полицајци.

„Осомничените, од кои двајца на возраст од 29 години и еден 22-годишник, на 26 февруари учествувале на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тие биле дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“, се наведува во денешното соопштение на Обвинителството.

Во објавата се дополнува дека јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени зашто постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да избегаат или да го повторат делото.

МВР-осум приведени, седум полицајци повредени на протестот за „Монструм“

Претходно за истиот настан Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка за двајца други учесници во протестите.​

Сите се осомничени за учество во толпа која ќе изврши кривично дело.

САД и ЕУ со санкции за Русија поради Навални

Опозицискиот лидер на Русија Алексеј Навални.

Соединетите држави и Европската унија објавија координирани санкции против руски официјални лица во врска со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Вашингтон денеска соопшти дека санкцииите се насочени кон седум високи руски функционери откако разузнавачите заклучиле „со голема доверба“ дека офицери од Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) стојат зад труењето со нервен агенс на Навални во август.

Експерти на ОН бараат меѓународна истрага за Навални

САД соопштија дека ќе ги објават имињата на седумте лица подоцна во текот на денот.

Официјални лица од администрацијата на претседателот Џо Бајден изјавија дека Вашингтон воведува и ограничувања на извозот на 14 субјекти вклучени во биолошко и хемиско производство.

„Ние ги користиме нашите овластување да испратиме јасен сигнал дека употребата на хемиско оружје од Русија претставува кршење на нејзините меѓународни заложби за човекови права и има сериозни последици“, рече висок службеник на администрацијата за време на денешниот брифинг.

Заев: Поучени од бегството на Груевски, успеавме да го натераме Мијалков да се пријави

Илустрација. Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Имаме јакнење на безбедносните служби кои се под извршната власт, рече премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на прашање на новинарите дали е утврдено која институција потфрлила за случајот со бегството на обвинетиот Сашо Мијалков.

На денешната прес конференција на која беше презентиран акцискиот план за борба против корупцијата, Зеав прашан за бегството на Мијалков рече дека државните органи сепак успеале да го натераат да се пријави, а порача и дека системот мора да се усовршува за да нема повторни разочарувања.

„Влечеме поуки секогаш и се трудиме да учиме од слабостите кои сме ги воочиле од претходните случаи. Веројатно поучени од бегството на Груевски, имавме сега успешна акција за натерување на бегалецот да се пријави. Но, секако рековме истрагата мора до крај да се спроведе за да видиме дали некаде затаил системот, дали имаме одредени слабости, дали се тоа институциите под извршната власт или во правосудството за да можеме да извлечеме повторно поуки и да видиме каде се слабостите за нивно отстранување. Овој случај навистина ги охрабри граѓаните дека е можна правда“, рече Заев.

За Мијалков зборуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, кој смета дека власта транспарентно досега споделила сè што има во врска со случајот со Мијалков.

„Целосно детално премиерот ги води сите процеси во овој дел, беше транспарентно објаснето сето она што и Владата и надлежните министерства во рамки на своите надлежности ги направија",рече Николовски.

Направен посебен безбедносен план за Сашо Мијалков во Шутка

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузвање, Сашо Мијалков, минатата недела беше првостепено осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување на над 20 илјади граѓани во Македонија.

Претходно Мијалков два дена исчезна па службите не можеа да го пронајдат по што беше распишана домашна и меѓународна потерница. По ова тој сам се пријави во обвинителството и кажа дека имал температура и бил во самоизолација поради симптоми на коронавирусот по што му беше дадено решение за домашен притвор.

Нови 726 заразени од корона вирус

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3.144 тестирања, а регистрирани се 726 нови случаи на ковид-19 од кои најмногу во Скопје – 367.

По Скопје градови со најмногу заразени лица се Прилеп, каде има 53 нови случаи, Куманово – 34, и Неготино – 29.

Пријавени се вкупно 7 починати лица, од кои двајца пациенти се од Скопје (77г,74г) и двајца од Кичево (71г, 51г) , и по 1 пациент од Битола (72г), Неготино (67г) и Кавадарци (64г)

Регистрирани се 368 оздравени пациенти.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата е 103.746, на оздравени пациенти е 91.875, а бројот на активни случаи е 8.720.

Ѓукановиќ: Здравјето на граѓаните е во сериозна опасност.

Црна Гора.Луѓе со заштитни маски. Ковид 19

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ побара затворање на границите на државата и забрзана имунизација, наведувајќи дека здравјето на граѓаните е во сериозна опасност.

Ѓукановиќ рече дека бројот на починати е „страшен“, како и бројот на заразени од коронавирус, поради што е потребно навремено затворање на границата за влез во државата без ПЦР-тест, како и забрзување на процесот на имунизација на населението.

За да успее тоа, како што рече, „мора да се издигнеме над сите поделби, да заборавиме на меѓусебните обвинувања и сите разлики и несогласувања од политичка и друга природа, да покажеме дека како општество сме дораснати на овој предизвик и времето во кое живееме “.

Во последните 24 часа во Црна Гора се потврдени уште 585 случаи на корона вирус, а од последици од вирусот починале осум лица, соопшти Институтот за јавно здравје.

Заев - Николовски: Со „Акција 21“ против корупцијата и остатоците од режимот

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев

Со овој акциски план ќе се спречи корупцијата на Владата и ќе се расчисти со коруптивните остатоци од минатиот режим, рекоа денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски, на презентацијата на акцискиот план за борба против корупцијата.

„Го усвоивме планот за борба против корупцијата наречен 'Акција 21'. Првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата, а планот е производ на политичката волја како Влада да се избориме против корупцијата“, рече премиерот Заев.

Заев и Николовски истакнаа дека планот ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.

Премиерот порача граѓаните и медиумите гласно да зборуваат за оваа појава за да се помогне борбата со корупцијата и додаде дека со планот се опфатени дејностите на актуелната власт, но и на опозицијата, која, како што рече, „ги трошела парите на граѓаните за времето на режимското владеење“.

„Некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие се во обвинителните клупи, ние правиме демонтажа на остатоците на режимот. Додека тие се бореа да нема правда, ние уште од првиот ден започнавме со транспарентност, а тоа е антикорупциски лек, односно воспоставен стандард од кој нема назад“, изјави Заев на денешната прес-конференција во Владата.


Премиерот потенцираше дека и неетичкото однесување на актуелните функционери нема да остане неказнето и апелира да се пријавува секое мито.

Дел од мерките во планот се екипирање и дигитализација на Обвинителството, со што се очекува да се забрза процесуирањето на пријавите и повеќе да нема пријави во фиоки. Воедно, ќе се дигитализира и Управата за водење матични книги на родени, со што изводите би се ваделе онлајн. Заев најави и креирање т.н. е-инспектор, но и зајакнување на регулативата за укажувачите, со што би се зголемиле пријавите за противзаконски постапувања.

„Граѓаните наскоро ќе ја забележат разликата“, рече вицепремиерот Николовски и додаде дека за да не се повторат „Панами и Белизиња“, се креира точен регистер за сопственици на фирми, а со Советот на Европа се работи на создавање план за утврдување потекло на имот.

„Во рок од 30 дена Министерството за правда заедно со ОЈО се задолжени да направат анализа за сите потребни капацитети и ресурси во истражните центри на обвинителствата. Со тоа ќе се забрза решавањето на предметите. Ќе се дигитализира и Управата за матични книги и веќе чекањето пред шалтерите ќе замине во историјата“, рече Николовски.

Буџетот според проекциите и стабилен, тврди Бесими

Фатмир Бесими

Буџетот е во рамки на проекциите. Тој е во стабилна кондиција и во ниту еден момент за време на кризата не била доведена во прашање ликвидноста на буџетот, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими одговорајќи на новинарски прашања на средбата во Стопанската комора на Македонија.

„Сите мерки што се преземени ја зголемија ликвидноста во економијата и ќе продолжиме со предлог-мерки за подобрување на кондицијата на економијата и годината да ја завршиме со позитивна стапка според планираното од 4,1 отсто“, рече Бесими.

Тој додаде дека во февруари приходите се очекува да бидат подобри во споредба со минатата година, што би значело добар тренд на реализација на приходите, што значи враќање на економската активност.

Горбачов наполни 90 години - За запад Горби, дома контроверзен

Архивска фотографија - Михаил Горбачов на парадата во Москва, по повод Денот на победата (9 мај 2019)

Михаил Горбачов, историскиот реформатор и последниот претседател на Советскиот Сојуз пред неговиот распд, денеска го одбележа својот 90-ти роденден, во карантин, „уморен“ како и сите други од ограничувањата поради ковид пандемијата, објави неговиот портпарол, пренесе АФП.

Честитки дојдоа од целиот свет, а претседателот Владимир Путин, лидерот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка Ангела Меркел ги испратија своите најдобри желби, додаде Владимир Полиаков, портпарол на фондацијата Горбачов.

„Тој е во карантин во болница за време на пандемијата. Тој е уморен од ова, како и ние останатите“, изјави за АФП, Владимир Полиаков, портпарол на фондацијата Горбачов.


Додека беше на власт помеѓу 1985 и 1991 година, Горбачов се залагаше за реформи за да се постигне „гласност“ (отвореност) и „перестројка“ (преструктуирање), но неговите политики на крајот доведоа до распад на Советскиот сојуз. По падот на Берлинскиот ѕид, тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1990 година за „радикалните промени во односите Исток-Запад“.

Со Горбачов, првиот руски водач кој наполни 90 години, го одбележа својот роденден со семејството и пријателите и веќе добил „куп“ пораки од целиот свет, рече неговиот портпарол. Горбачов разговарал со своето семејство и пријателите според здравствените протоколи.

Рускиот претседател во роденденската честитка, го опиша Горбачов како „извонреден“ политичар.

„Вие со право припаѓате на низа светли и извонредни луѓе, истакнати државници од модерната ера кои значително влијаеле на текот на домашната и светската историја“, рече Путин и ги пофали „енергијата и креативниот потенцијал“ на Горбачов. Путин и Горбачов секогаш имале „специфични односи“.

Американскиот претседател Џо Бајден во честитката го истакна „придонесот на Горбачов за побезбеден свет“.

„Драг претседателе Горбачов, во име на американскиот народ би сакал да Ви упатам честитки по повод Вашиот 90. роденден“, му напишал Бајден на Горбачов.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека народот на Германија нема да го заборави придонесот на Горбачов во обединувањето на земјата.

„Денес со гордост може да погледнете назад кон работата на вашиот живот“, рече таа.


Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон рече дека тој и британскиот народ „остануваат воодушевени од храброста и интегритетот што ги покажал Горбачов при носењето на Студената војна кон мирна разрешница“.

Додека Горби, како што нагалено го нарекуваат Горбачов на Запад, неговата репутација дома останува контроверзна, објави АФП.

За едни, пишува АФП, тој е виновен за распадот на Советскиот сојуз, додека други, како на пример весникот „Роскаја газета“, напиша: „Горбачов дојде предоцна. Беше многу тешко да се запре уништувањето. Горбачов дојде прерано. Не бевме подготвени тогаш да го цениме и спроведеме замисленото“.

Во интервју за ТАСС, Горбачов вели дека „знае оти некои го обвинуваат за лековерност“, но вели дека „перестројката била неопходна“.

Ослободени киднапираните 279 нигериски ученички

По ослободувањето, ученичките беа донесени во просториите на нигериската Влада

Стотици киднапирани ученички од интернат во северозападна Нигерија се ослободени и се наоѓаат во просториите на владата на нигериската држава Замфара, изјави гувернерот на таа област.

„Среќен сум што објавувам дека девојчињата се ослободени, тукушто пристигнаа во зградата на владата и се во добра здравствена состојба“, изјави гувернерот Бело Матавале за Франс Прес.

Како што рече, вкупно 279 средношколки биле киднапирани минатиот петок и сите биле ослободени. Властите најпрво објавија дека 317 ученички исчезнаа за време на прозивката по нападот на вооружени лица врз тој интернат во државата Замфара ноќта од четврток кон петок.

Ова е четврти напад за помалку од три месеци врз училиштата во северозападна Нигерија, каде последните повеќе од десет години, криминалните групи, кои владата ги нарекува разбојници, краделе добиток и киднапирале луѓе за кои барале откуп.

Киднапирањата на ученици и студенти стануваат се почести во Нигерија.
Со секое ослободување, властите негираат дека платиле каков било откуп на киднаперите, но експертите за безбедност не се сомневаат дека откупот е платен и стравуваат дека тоа може да доведе до зголемување на бројот на киднапирања во тој сиромашен и слабо обезбеден регион.

Милошоски го обвини Филипче за „коруптографија“

Антонијо Милошоски

Еве една задача денес за делување на истражните органи и на самите таканаречени борци против корупција. Набавката за томографија се претвора во нова афера наречена коруптографија на министерот за здравство Вено Филипче, а се однесува на болниците во Кавадарци и Гевгелија, обвини денеска Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека трае драмата за набавка на вакцини, зад завесата се случува уште еден сомнителен тендер овој пат со набавка на томографи за потребите на двете споменати болници Кавадарци и Гевгелија. Она што е драматично воочливо е што се поништува првиот пат јавната набавка на томографи, се елиминира конкуренцијата од преостанатите 7 фирми преку нарачана интервенција на Управата на Бирото за јавни набавки и двете набавки ги добива само една фирма. Разликата е во тоа што првиот пат цената на чинење на тендерите за два томографи е 21 милион денари, а по поништувањето вториот пат тендерот чини со томографите и составните елементи 36 милиони денари. Односно 15 милиони денари повеќе за истите томографи, за истата набавка, но овој пат само со една фирма во игра која што го добива монополот“, рече денеска Милошоски.

Според него, „тоа покажува дека во здравството нема вакцини, но има големи сомнежи за корупција, и набавката на томографи во Кавадарци и Гевгелија е со еден од показателите дека корупцијата во здравството игра значајна улога“.

Владата најави „широк фронт за конечно средување на земјата“ со дигитализација, инвестиции во делот на инспекторатите, транспарентност на институциите, особено општините, реформи во администрација, во јавните набавки. Во најавата посочија дека планот го правеле со помош на невладиниот сектор. Македонија годинава е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

По овие обвинувања, реагираше Министерството за здравство од каде велат дека постапката за набавка на компјутерски томографи не е завршена, процесот е во фаза на евалуација.

„Врз основа на повторната евалуација направена врз основа на препораките од записникот од управна контрола, беше изготвен извештај од спроведена постапка и врз основа на истиот одговорното лице донесе одлука за избор, врз основа на што од страна на три понудувачи беше поднесена жалба. Од страна на Државната комисија за жалби по јавните набавки беа донесени решенија со кои постапката ја враќаат на повторна евалуација. Повторната евалуација на понудите се уште е во тек и од страна на Министерството за здравство нема донесено никаква одлука за избор или поништување, што значи постапката се уште не е завршена, односно е во тек“, стои во демантот од Министерството за здравство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG