Достапни линкови

ЕУ бара истрага за можни нерегуларности на референдумот во Русија


Архивска фотографија- гласачко место во Москва за референдумот за уставните измени

Европската унија побара од Русија да ги истражи извештаите за нерегуларности на националниот, необврзувачки референдум на кој се одобри пакетот уставни измени, со кој меѓудругото му се овозможува на претседателот Владимир Путин да остане на власт до 2036 година.

Кремљ денеска прогласи победа наведувајќи дека 78 отсто од од гласачите го одобриле пакетот со кој се прават околу 200 измени на Уставот и го нарече референдум за довербата во Путин.

Но, извештаите за нерегуларности на некои гласачки места и за застрашувањето на активистите и новинарите кои сакаа да го набљудуваат гласањето ја поттикна ЕУ да побара истрага.

"Ние сме свесни за извештаите и обвинувањата за нерегуларности за време на гласањето, меѓу кои поправка на гласачките ливчиња, двојно гласање, нарушувањето на такноста на гласањето и наводите за полициско насилство кон новинар кој бил присутен за да го набљудува процесот“, рече портпаролот на ЕУ Петер Стано.

Кремљ тврди дека амандманските измени се неопходни за стабилноста и безбедноста на земјата, додека критичарите на Путин сметаат дека е ова е обид на 67 годишниот Путин да остане на власт доживотно.

XS
SM
MD
LG