Достапни линкови

Затворена најстарата француска нуклеарна централа


Најстарата нуклеарна електрана во Франција, Фесенхајм

Најстарата нуклеарна електрана во Франција вчера беше затворена после четири децении работа и долгогодишна кампања на антинуклеарните активисти. Затворањето на нуклеарната Фесенхајм, во близина на границата со Германија, е дел од планот на претседателот Емануел Макрон за смалување на зависноста од нукллеарна енергија и користење на обновливи извори на енергија.

Нуклеарната електрана вчера престана да работи, а процесот на отстранување на горивото од реакторите треба да биде завршен до 2023 година. Комплетното демонтирање на нуклеарката не се очекува пред 2040 година, пренесува порталот ЕУ Обсервер.

По нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, тогашниот француски претседател Франсоа Оланд вети дека ќе ја затвори Фесенхајм, поради жалбите од германската и од швајцарската влада за безбедноста на постројката.

Макрон во 2017 година конечно одобри затворање на централата која биле приклучена на мрежата во 1977 година.

Група поддржувачи на нуклеарната енергија во понеделникот протестираше пред седиштето на организацијата Гринпис во Париз поради затворањето на нуклеарката.

Француското друштво за нуклеарна енергија смета дека затворањето на централата ќе значи поголемо производство на струја од фосилни горива, со што ќе се зголеми емисијата на штетни гасови за околу 10 милиони тони јаглерод диоксид годишно.

Франција има намера да ги намали емисиите во енергетскиот сектор со затворање на последните четири електрани на јаглен со 2024 година и со инвестиции во обновливи извори на енергија.

По затворањето на Фесенхајм, во Франција остануваат 56 реактори во 18 нуклеарни електрани.

XS
SM
MD
LG