Достапни линкови

МВР прави извештај од распитот на Ден Дончев


Архивска снимка - Поранешниот директор на ФЗОМ, Ден Дончев

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска соопшти дека во моментов се изготвува соодветна службена белешка, односно извештај за Ден Дончев кој во текот на денешниот или утрешниот ден ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство.

„И Ден Дончев како функционер, врз основа на повик од Јавното Обвинителство до Управата за финансиска полиција и министерот за внатрешни работи, ние постапивме. Ден Дончев беше повикан како поранешен функционер во владата. Беше извршен разговор со него со цел добивање податоци и информации во врска со објавените снимки на кои се гледа како тој зема финансиски средства. Колегите од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал извршија разговор во траење од околу 40 минути“, рече Чулев, одговарајќи на новинарско прашање, на денешната прес-конференција со претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Неодамна на Јутјуб беа објавени три нови аудио и уште една видео-снимка на која наводно се слуша гласот на Дончев. На видео-снимка може да се забележи како Дончев зема пари и ги става во торба.

Инаку, во мај Дончев си поднесе оставка од директорската функција поради како што беше соопштено „приватни семејни причини“. Името на Дончев се спомнуваше во случајот „Рекет 2“ за фирмата Дијамед, која во 2013 година доби концесија за дијализа на бубрежно болни. Дончев обвини дека фирмата незаконски го добила тендерот за дијализа и дека, како што тогаш рече, зад фирмата стојат „поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот кум од првиот брак, Ристо Новачевски“.

XS
SM
MD
LG