Достапни линкови

ДИК ги отфрли приговорите за предвреме почната кампања


Државна изборна комисија ДИК

Државната изборна комисија на денешната седница ги отфрли сите поднесени приговори од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и од Левица за предвремено почната изборна кампања.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски информира дека се работи за приговори кои имаат скоро ист основ на поднесување, односно се работи за исти приговори. Тој изјави дека приговорите се однесуваат за повеќе настани во различни општини.

„Во сите овие приговори е наведен основот за предвремен почеток на кампања. Но, во истите приговори недостигаат одредени елементи кои можат да го карактеризираат прекршокот како предвремен почеток на кампања и на некој начин нивно точно прецизирање, за кој, каде и каков настан, освен слики од социјални мрежи од кои не може точно да се утврди за што точно станува збор“, изјави Деркоски.

Членовите на ДИК меѓудругото, на денешната седница едногласно го усвоија и Предлог-упатството за пријавување и гласање на лица кои се во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и на лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. По случаен избор, стручните служби на ДИК избираа посебни избирачки одбори, членови и претседател, кои треба на 13 јули да го спроведат гласањето на болни од КОВИД-19, по еден за секоја општина. Во оние општини каде има регистрирано повеќе заразени со корона вирус избрани се по два посебни избирачки одбори.

XS
SM
MD
LG