Достапни линкови

Дуџак: Зголемениот број на случаи на Ковид-19 огромно предупредување


Жена со заштитна маска. Илустрација.

Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџак во писмена изјава наведува дека зголемениот број случаи на инфицирани лица од Ковид-19 во државата и во многу други земји е огромно предупредување.

„Одговорното постапување како колектив започнува со нашето поединечно постапување преку одржување на препорачаното физичко растојание, носење заштитни маски и често миење или дезинфицирање на рацете. Неопходно е и понатаму да бидеме претпазливи и да прифатиме дека и во претстојните месеци постои голема закана од Ковид-19 по нашите животи и општества“, наведува таа.

За три недели повеќе заболени отколку во претходните три месеци

Според неа, олеснувањето на некои мерки не значи дека повеќе не треба луѓето да се штитат, туку треба и понатаму да се следат насоките кои овозможуваат да се минимизираат ризиците и проактивно да се одговори на кризата, за да не се стави дополнителен товар на веќе и така оптоварениот јавно-здравствен систем.

„Системите за јавно здравство се прекумерно оптоварени во последниве неколку месеци и тоа е тест за нашата поединечна и колективна способност да се справуваме со тешки ситуации. Олеснувањето на мерките кои беа воведени ширум Европа и во Северна Македонија, вклучително и отворањето на границите, се прифатени и нудат доза на оддишка, но, истовремено наметнуваат огромна одговорност да ги примениме корисните лекции кои ги научивме последниве неколку месеци- и поединечно и колективно“, вели Дуџак.

Таа порачува дека јакнењето на здравствениот сектор е еден од најголемите приоритети во Северна Македонија, која мора да ги насочи своите заложби и одлучно да инвестира во здравствената заштита за да се зголеми подготвеноста и капацитетот за давање одговор бидејќи од тоа зависи животот на луѓето.

XS
SM
MD
LG