Достапни линкови

Филипче: Се отвораат казината и теретаните, ќе се разговара за границите


Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информира дека Комисијата за заразни болести ќе и предложи на Владата отворање на казината и автомат-клубовите во обложувачниците, како и отворање на фитнес-центрите и теретаните до крај на неделата и да профункционира јавниот превоз во Тетово. Според него, денеска и утре ќе се разговара и за целосно отворање на границите, без задолжително прикажување на негативен тест и карантин од 14 денови.

„Епидемијата е се уште во полн ек. Состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно не води до заклучокот дека вирусот е тука, ќе мораме да продолжиме да живееме со него, да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила практично ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, веројатно и следната година. Ние четири месеци сме во борба со коронавирусот, направивме многу да одговориме на овој светски здравствен предизвик. Тоа ќе го правиме и понатаму“, рече Филипче.

Нови 90 заразени со коронавирус, 9 починати во последното деноноќие

Тој апелираше до политичките партии да ги почитуваат мерките и да бидат пример за граѓаните како се штити здравјето. Филипче посочи дека се уште е рано да се отворат градинките и најверојатно по разгледување на епидемиолошката состојба и бројките, одлуката ќе се носи понатаму,.

„Во оваа ситуација можно е таму да се зголеми трансмисијата помеѓу децата и од членови на новините семејства што може да предизвика дополнителен проблем“, нагласи Филипче.

Тој порача дека поригорозното спроведување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот ќе даде резултат. Според него, многу настани се случиле во изминатиот период по што не се спровела ниту контрола, ниту санкции и од тука произлегле нови заразени.

„Секојдневно сме сведоци дека се организираат настани кои сега се забранети. Сметам дека мора да биде контролата поригорозна“, рече Филипче.

Тој порача дека со интензивна работа на терен ќе се пушти сериозен сигнал до граѓаните и тие ќе сфатат дека мерките мора да се почитуваат.



XS
SM
MD
LG