Достапни линкови

Расте тензијата меѓу Јужна и Северна Кореја


Индустриската зона Каесонг, експлозија во Канцеларијата за врски

Јужна Кореја денеска го повика својот северен сосед да се откаже од планот за испраќање пропагандни летоци на границата, откако Северна Кореја соопшти дека е подготвена да испрати 12 милиони летоци како дел од најголемата психолошка кампања против јужниот ривал.

Непријателството на Корејскиот Полуостров нагло се зголеми минатата недела кога Северна Кореја разнесе меѓукорејска канцеларија за врски на нејзината територија на границата со Јужна Кореја, од гнев што Јужна Кореја испраќа летоци против неа.

Северна Кореја најави дека ќе испрати летоци со пропаганда и ќе преземе други чекори за поништување на договорите од 2018 година, наменети за ублажување на воените тензии на границата.

Портпаролот на министерот за обединување на Јужна Кореја, Јох Сангки изјави дека Северот мора да ги прекине плановите за испраќање летоци против Сеул, бидејќи „тие воопшто не помагаат во меѓукорејските односи“.

Претходно, Северна Кореја објави дека направила 12 милиони пропагандни летоци што ќе ги испрати во Јужна Кореја користејќи 3.000 балони и на други начини.

„Нашиот план да испратиме летоци против нашиот непријател претставува ерупција на неисцрпниот бес на целата нација и целото општество. Се приближува времето за одмазда“, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Некои набљудувачи сметаат дека временските услови се неповолни за Северна Кореја да испраќа балони кон Јужна, така што би можеле со дронови да го пренесуваат материјалот. Според нив, таков потег би можел да поттикне конфликти меѓу двете Кореи, затоа што Јужна Кореја мора да одговори на влегувањето на беспилотните летала на нејзината територија.

XS
SM
MD
LG