Достапни линкови

Вучиќ – Добив загрижувачки информации од Лавров за прашањето за Косово


Белград- Српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, 18.06.2020

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по состанокот со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белград, изјави дека „добил одредени оцени кои како претседател дополнително го загрижиле, а се однесуваат на различни планови и идеи по прашањето за решавањето на косовската криза“. Вучиќ не прецизира за какви информации станува збор.

„Очигледно е дека не чека исклучително тежок период во кој ќе се соочиме со големи притисоци да се остварат некои планови кои ние официјално, а и неофицијално не сме ги добиле. Но, врз основа на одредени оцени на нашите руски пријатели, ми се чини дека ќе мора да бидеме исклучително, исклучително претпазливи и многу внимателно во следењето на секоја идеја која ќе ни биде претставена“, рече Вучиќ.

Тој му се заблагодари на Лавров за руската поддршка за територијалниот интегритет на Србија. Лавров, пак, порача дека ЕУ не смее „да се изолира во решавањето на косовскиот проблем и оти ќе продолжи да ги штити интересите на Србија во меѓународните организации.

Рускиот министер нагласи дека Москва ги поддржува сите обиди кои може да доведат до взаемно решавање на косовскиот проблем, вклучувајќи и разговор со посредство на ЕУ, но врз основа на резолуцијата 1244 на ОН.

Лавров денеска пристигна во посета на Србија, каде што вечерва на полноќ почнува изборниот молк пред парламентарните избори кои ќе се одржат в недела.

XS
SM
MD
LG