Достапни линкови

Народен правобранител: Училиштата не смеат да наплаќаат за свидетелства


народниот правобранител Иџет Мемети

Училиштата не смеат да им наплаќат на учениците за издавање свидетелство за завршено образование, соопштија денеска од канцеларијата на Народниот правобранител, од каде потенцираат дека според Законот за основно образование и Законот за средно образование секое дете има право на бесплатно основно воспитание и образование. Истото право, како што велат од Омбудсманот, важи и за средното образование кое е задолжително за секој граѓанин.

„Со оглед дека учебната година заврши,a на учениците треба да им бидат издадени свидетелства, кои пак, се неопходна документација за запишување, односно продолжување на образованието, Народниот правобранител им укажува на училиштата дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства“, се вели во соопштението на Народниот правобранител.

Во тој контекст, Народниот правобранител ги охрабрува учениците, односно нивните родители таквите случаи на наплата што се вршат спротивно на закон да ги пријават во Државниот просветен инспекторат или кај Народниот правобранител. Воедно апелира од страна на овој орган кој врши контрола над работата на училиштата и остварувањето на правата во областа на образованието соодветно да реагира за да ги спречи ваквите незаконски наплати и тие да се санкционираат.

XS
SM
MD
LG